„Зошто ме сакаш?”

Добивај вести на Viber

Кога беше Нина помала, се сеќавам дека еден ден додека седевме двете на маса (таа цртајќи нешто, а јас пишувајќи) ненадејно ми кажа (дури и како попатно) “мамо, многу те сакам, ама не знам зошто”. Секогаш се смееме на една нејзина “благодарница” која ја правеа на училиште, а ми ја посвети со наведување дека е благодарна што сум ја родила, што и’ давам храна, вода (па тука стално се зезаме оти и цедевита а и други сокови и’ се на располагање), што се грижам за неа. Отпосле, кога потпорасна ми објасни дека додека ја правеле “благодарницата”, била малку збунета бидејќи не знаела што да напише оти тоа би наликувало како да опишува еден заеднички ден, па затоа навела она што прво и’ паднало на ум. Ден денес се смееме кога ја читаме, а закачена ни е на фрижидерот, па ја зезам дека којзнае што си мислела наставничката додека ја читала, оти храната и водата се некако подразбирливи, па развивме теорија дека можеби мислеле оти ја чувам во оставата и дека спие надвор на тераса.

Нејсе, онаа нејзина реченица дека ме сака, ама не знае зошто ни стана вообичаена, па на секое “те сакам” од било која страна следи едно “зошто”, на кое се одговара “не знам, ама те сакам”. Љубовта која ја разменуваме со децата е нешто најубаво што постои на светот, оти само таа е онаа безусловна љубов за која сите зборуваме и ја посакуваме во сите сегменти од нашите животи, а факт е дека ја доживуваме единствено со нив. Тука нема фаќање кусур, нема “види што правам јас за тебе”, нема калкулации ниту проценка на ризик. Кога станав мајка, полека почнав да ги ловам оние работи кои несвесно ги правиме како родители, а со кои се потврдува она дека нашиот живот е сосем неважен кога се работи за нивното здравје и безбедност. Нагонски е да пробаме дали е нешто премногу жешко или студено, да застанеме пред нив ако нешто може да ги удри, да ги тргнеме на тротоарот додека ние чекориме на улица. Тоа се постапки за кои не се мисли, ниту размислува. Станав свесна дека чекорам на улица пред некоја година кога Нина додека се шетавме во Охрид, ми рече да одам пред или после неа, ама да се поткачам на тротоар. Тогаш првпат ми светна дека има мал милион такви наши постапки кои не ни се ниту на памет додека ги правиме, а со кои искажуваме заштитнички однос кон децата.

За жал, кај многумина од нас тоа знае да биде и поинаку, па си ги сакаме децата ако се умни, па им кажуваме “ако правиш бељи нема да те сакам” (оти кај се видело и чуло децата бељи да прават-тука превртувам со очи) или се менува со растењето на децата, па очекувањата стануваат големи, дури и себични, па како иде староста а со неа и стравот од смртта, некако се врзуваме и отповеќе за децата, наметнувајќи им одговорност да се грижат за нас како што тоа сме го правеле ние за нив, притоа заборавајќи дека доаѓа време кога тие треба да се посветат на своите деца. Си ветивме со другарките дека ќе се потсетуваме една со друга никако да не станеме едни од оние родители кои патолошки ќе останат со канџите вкопани во душата на своите деца изнудувајќи грижа преку наметнување грижа на совест. Уствари, зборувавме за тоа да се организираме за некаков заеднички живот во некоја куќа (како оние хипи комуни, само бидејќи ќе бидеме стари,  дивиот секс отпаѓа, оти или ќе бидеме со желба ама без можност, или нема да се сеќаваме што беше тоа), каде што секоја би имала своја приватност, ама да сме си тука и заедно за да си помагаме без да ги гушиме децата (ова и не е така лоша идеја, се’ ми се чини дека е практична и необврзувачка за никој).

Има една универзална вистина, а тоа е дека во вистинската љубов нема одговор на прашањето зошто сакаме некого, или зошто некој не’ сака. Во моментот кога ќе израционализираме дека љубовта има име на нечии карактерни особини, тогаш ги љубиме особините заради кои нам ни е убаво, а не целосно оној кој ги носи. Да, секој од нас сака до себе да има особа која е мила, кротка (питома по карактер), чесна, сочувствителна итн. итн. Но, во суштина ги сакаме оние особини кај партнерите кои не’ прават да сме ние среќни, па никој од нас нема да каже дека сака некого затоа што кога е лут многу убаво вика или дека ни е многу убаво на душата кога партнерот е неодговорен па само расфрла по дома и очекува некој друг да собира по него/неа. И самото прашање “зошто ме сакаш” е трик прашање кое често пати знае да има и нешто друго во позадина, а со тоа и одговорите да бидат причина за кавга или разделба.

Порано бев оток за ова, жива досада. Да, да...бев напорна со тоа дали ме сака, зошто ме сака, колку ме сака, па и како!. И тоа си тераше така додека во една караница не добив вербален шамар дека она што го прашувам е како другата страна да разговара со мало дете или со недоветна возрасна особа која е во најмала рака несигурна во себе. Пљааааааас! Чудно е некогаш како во лутина и кавга, многу вистини излегуваат на површина. И откако ми помина лутината, оти да се разбереме, моето его беше сериозно повредено, полека почнав да се преиспитувам. Кога велам полека, да знаете дека е тоа процес од месеци, па и година оти никогаш човек не е доволно спремен и созреан веднаш да се зафати со преиспитување.

Немав самодоверба...како жена отсекогаш самодовербата ми била многу помала отколку што сум оставала впечаток дека е. И не, не е тоа подобро отколку да се има преголема самодоверба. И двете работи се токсични сами по себе, додека нема баланс или урамнотеженост. Токсичноста кај ниската самодоверба е баш поставувањето на прашањата од типот “дали ме сакаш”, ”убава сум?”, “мислиш дека сум паметна?”, “досадна сум ти? / интересна сум ти?” и низа прашања кои се само барање потврда дека сме достојни за нечие внимание. Колку ли е тоа само заморно и напорно за партнерот! Се ставив во позиција во која сум ставала некого и си велам “добро бе Ано, што би одговорила ти некому ако те праша дали, зошто, колку и како го сакаш?!” како всушност се одговара на вакво прашање? Треба да се направи листа? На кој кантар се мери колку љубиме некого? Прашањето е дали сме искрени ако кажеме неизмерно, а дојдеме во ситуација да треба да бираме меѓу себе и него! Не сум сакала никого безусловно, освен ќерка  ми. Тоа е вистината и веројатно ќе остане така до крајот на мојот живот. За останатото, можам да кажам дека имам очекувања, дека не би останала по секоја цена заради љубов, дека сум во години кога ми е важен мојот мир, удобноста и менталното здравје.

Од друга страна, научив да не прашувам дали ме сака партнерот, ниту да се оптеретувам колку и како, а најмалку да го ставам човекот во незгодно за да му ја мисли зошто ме сака. Во љубовта нема дали, како, зошто и колку, едноставно, се живее или не се живее. Се дише или не се дише, тука е или не е тука. Сосем доволно ми е да знам дека некој сака да минува време со мене и да му читам во очите дека е среќен заради тоа. Сосем доволно ми е да имам спокој и да можам да бидам она што сум пред некој, за да знам дека сум сакана на начин на кој ми е удобно и на начин на кој другиот не е измрцварен. Кога оној или онаа со кој сте ќе ви мами насмевка, помислата на него или неа ќе ви дава утеха, а утрата и ноќите минати заедно ќе бидат како растопен путер на тазе леб од фурна....тоа е тоа, толку и треба да сте сакани. Ниту повеќе ниту помалку.

Многумина од вас во коментари ми пишуваат дека ме сакаат...со секое срце, возвраќам за љубовта. Не ја мерам, не се ни прашувам зошто или колку. Едноставно, во тој миг сум допрела до вас и до вашата душа која пак и’ возвраќа на мојата преку пишаното “те сакам”. Тој миг и во тој миг, тие седум букви тежат многу повеќе од милион причини кои сум ги барала во себе за да љубам и да бидам љубена. Оти земајќи го она што ви го давам, ми давате за возврат за да можам повторно да пишувам. Без калкулации, без мерење, без описи...ви благодарам, ве сакам.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Има ли мерка за љубов?

знае ли некој како љубовта се мери

еве, децата велат

“те сакам до небото и назад”

оти небото во детскиот ум е бескраен

и некогаш се прашувам

дали душата е поголема од небото

та ми се чини оти мора да е

оти во неа и небо збира

сосе облаци и ѕвезди

исиот дожд

сосе грмотевици и молњи

а сепак поубаво ми звучи она

“до небото и назад”

оти тоа барем знам колку чисто е

и оти тоа, детското небо

е поголемо од душата на возрасните

и затоа никому неверувам

ама баш никому дека ме сака со кажана мерка

не баре љубовта штоф е

па од неа одело ќе скроиме

или свечен фустан за забава

небаре љубовта течност е

та од неа ќе ги наполниме чашите

за живели со непознати да правиме

небаре љубовта храна на трпеза е

така ко на скап коктел

ќе боцкаме и пребираме

детската љубов

таа кај тебе сакам да ја видам

да ги рашириш рацете

па да се премислиш

и угоре да ги крениш

и со чист глас да кажеш

“те сакам Ано до небото и назад”

и да се смееме небаре шега е

а и обајцата да знаеме

колку вистина има во детското поимање на љубовта

колку вистинска љубов во неколку збора е збрано

оти ко ќе не’ нема

душата на истото тоа небо заминува

токму на она, детското небо

она небо до кое љубовта ми оди

и повеќе не се враќа.