Зошто пишувам или „Најди ми име“

Добивај вести на Viber

Зошто?!

За да можам да дишам и да бидам јас. За да не излудам или полудам. За да (на кратко) се испразнам од се’ што се наталожило, како да имам збирано од претходни животи. И не, не уживам. Ниту еден пишувач што го знам не пишува за ќеиф и од убост. И олеснувањето е како нормално вдишување, но помеѓу две контракции. Потоа повторно...и повторно...и...

Зошто пишувам? Затоа што некогаш единствено така знам да зборувам...и некогаш одговарам со реченици за кои отпосле сфаќам дека се делови од песна. И не ми е убаво. Не пишувањето, туку силината на она што го чувствувам за да напишам нешто во кое многумина ќе се пронајдат. Кои ќе ми пишат “од каде знаеше?”, “истото ми се случува”. Моето препознавање во вас и вашето во мене, ме плаши и растажува. Особено кога како со жилет си го шарам телото со зборови. И ако не ги исфрлам, ќе ме инфицираат.

Секоја книга досега има своја симболика. “Стави лајк на сопствениот живот”, како потсетник дека лајкувањето на се’ отстрана стана поважно од лајкувањето на она што го живееме. Затоа насловната страница е со оној фамозен палец, кој го ставам зад грбот. “Колку е потребно за среќа” за да се/ве потсетам дека радоста и среќата е во оние навидум мали и ситни нешта кои некогаш и не ги приметуваме, трагајќи по бомбастични дразби. Токму затоа и насловната е со дланка во која стои јаболко, подадено.

“Да му се насмееш на животот”, но не затоа што тоа се очекува од тебе, од мене...туку да му се насмееш однатре, во себе и за себе, за сите оние кои ги љубиме. Отец Пимен ме нацрта сосем сериозна, но да, му се смеев на животот.

“Најди ми име” е најновата, уште доенче, тазе родена. Со црвена точка насреде и околу букви, кои се дел од песна, кои одат во спирала, која почнува од црвената точка и може да оди во бесконечност, за да ја продолжите песната онака како што ви се сака.

Не си ги сакав книгите, се’ до оваа, последната. Не ги отворав, само ги постирав како ми идеа од memories на фејсбук. Не ги сакав, ич. Додека не научив и не се помирив дека во процесот на моето растење морав одново и одново да ја повторувам лекцијата да го ставам проклетото ЛАЈК на она што го живеам. А живеев самотија која ми требаше, а ми тежеше...љубев она што ме убиваше, а немав сила да си заминам.

Се’ до оваа...дур Просветно дело и Женски магазин не ми дадоа шанса да ја раскажам оваа етапа. Онака како што можам и знам...притоа, на секоја погоре спомната контракција имав стисок за рака и љубов, заедно со вербата дека она што го правам е она што сум јас. Весна Дукоска, Ана Иванова...го извадивте најдоброто од мене. За 6 месеци, 4 книги. Две за деца, колумни и книга “поезија”.

И бидна. Бидна книга со колумните, бидна црвената точка и спиралата во која ни се вртат животите. Секоја промоција ми е стрес. Знам, се чувствувам себе дека изгледам како уплашена, како да не знам зошто сум таму. И не можам да ви зборувам, можам еве вака да ви напишам дека ми ја распаравте душата од убајна, ми ја закрпивте, испеглавте, погаливте. Можам да кажам само дека се надевам дека ќе сум достојна за да ви возвратам со пишан збор за она што ми го давате. Можеби сум кажала, ама еве, повторно ќе ви кажам зошто не одам по концерти. Оти душава не ми ја крепи таа масовна енергија која има силина на атомска бомба за мене. Во саботата, така ми беше. Ве чувствував, ве гледав, можев како со нож да пресечам дел од енергијата со која ме обвиткавте и да ви ја послужам како парче торта за некоја пригода.

Во Жапон пишувам. Дури имам и мое место, со штекер до мене. Ме знаат што пијам, знаат дека таа маса е “моја”. На лето, некогаш само седам и гледам надвор, молкум. Таму се напишани скоро сите колумни и околу 80 песни од новава книга. Таму сум своја, на безбедно. Затоа сакав таму, а моите луѓе од Просветно дело ми веруваа на изборот.

И да...пред секоја промоција имам тага и паника. Имам емоции кои потполно се косат и се контрадикторни една со друга. И напорна сум, толку многу што дури и ми текнува во истиот миг, ама немоќна сум пред себе. Дејан, благодарам за просторот и за тоа што се’ беше токму онака како што требаше да биде за да бидам спокојна.

Моите ретки жени, карпа жени, убави жени, машки жени (сега не ми се објаснува терминов, ќе го оставам за следна пригода) го преточија мојот збор во глас. По редоследот на настапувањето, ќе почнам од мојата Биба (која не е само моја другарка, туку е инспирација, поддршка, столб). Жена која на сите удари, ја крева главата, замавнува со косата, се смее со очите. Жена која со насмевка на усните ги поднесува сите кои вака или онака ќе пробаат да ја сопнат во чекорот...само затоа што знае што прави и знае која е. Таа е јас...а јас се надевам дека еден ден ќе имам срце и душа доволно длабоки и полни љубов за да сум ко неа. Те сакам Биба Додева...не како некогаш, туку секогаш.

Драгана Левенска која на сета своја харизматична појава, знае секогаш да одбере песна која ме има најмногу болено, а тоа го прави уште од првата промоција. Живели Драгана за нашите кревки души, те сакам.

Марија Кондовска, која првпат ја запознав и гушнав на промоцијата. Марија која само што влезе, на сета своја нежна појава, го исполни просторот со невидена енергија. Мојата Марија, која ме остави подзината дека зборовите знаат да ми звучат жестоко, заканувачки, предизвикувачки, еротски. Марија, те сакам.

Катерина Шехтанска, етерична, мила, извезе песни на начин на кој ми даде нота на спокој. Моја Кате, која до последно сакаше сите да ги исчита наеднаш. Те сакам.

Емилија Пападимитров, која ми ја чита мислата од почеток на пишувањето. Мојата Емче, која прво ја запишувам дека ќе чита, а потем ја прашувам дали сака. И да, сака...и да, сакам и ја сакам. Биди ми секогаш насмеана, душо моја.

Ирена Спировска, чиј глас цути и создава музика во која секој збор, нота ми е. Мојата Ирена која знае да даде сјај и на денот во кој нема сонце. Те сакам Ирена.

И...посебните Соња Р. Јовановски и Татјана Алексиќ, кои се надополнуваат една со друга. Различни, а слични...и кои ме намирисаа и ги намирисав. Соња, која возбудено ми се јави на телефон за да донесе слика на чија позадина сите можевте да напишете она што сакате и чувствувате за “Најди ми име”. Жена –Алеф. Татјана, со која секој разговор, та макар го правеле и за снегот на Шар Планина, е муабет со тежина на планина. Мојата храбра жена која љуби табуа, за да ги крши и да ви даде можност да ја вкусите слободата. Соња, те сакам. Тања, те сакам.

Филип “Марфи” , ти благодарам за макаронсите за раѓањето на моето чедо. Човек никогаш не е сам, кога има до себе пријатели.

Живко Поповски-Цветин, кој е еден од оние луѓе-цут, кои даваат љубов и енергија, без да земат. Оти за нив, давањето е дишење на љубовта. Ти благодарам.

Имам наслов за книгата што ќе следи. Знам дека сум улава, знам...или како што ме нарекоа од љубов, чудовиштенце...”ЉУДОВИШТЕНЦЕ”. Првпат имам наслов за книга, за која се’ уште немам песни. Ќе се вика “До небото”, ете само толку. До небото, оти назад повеќе не се враќам. И оти имам доволно моливи, за да испишам љубов до небото...и никако назад. Да сме само живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Стави ми име

ете измисли ми некое

некое кое прилега на мене

или да бидам попрецизна

име кое со сласт ќе го изговориш

онака како што ги зариваш забите

во мојата кревка душа

ајде

те предизвикувам со поглед

за кој сакам да верувам дека те мами

и доволен предизвик ќе ти биде

за име да ми измислиш

некое кое никогаш досега не било мое

и кое совршено во оваа приказна ќе се вклопи

во мојата страст кон тебе ќе се слее

токму онака како што умов во твојот слеан е

та на секое надмудрување

ми пулсира матката по тебе

и зенициве ми се шират

додека оргазмично ти ги ловам зборовите

најди ми име

измисли некое кое втора кожа ќе ми биде

со кое безбедна и од себе ќе бидам

со ширум отворени очи и раце

име со кое ќе те сместам во себе

како ненаситна љубовница во утробата

саканиот што го гали

која во грч нозете ги стиска

околу половината на својот маж

најди име

такво со кое ниту една жена не си нарекол

и викни по мене

викни ме тогаш кога светот ми се руши

и кога не знам кој пат да го фатам

име по кое ќе знам на себе да се вратам

и со кое мирот ќе си го најдам

најди ми

најди ми ја љубовта во неколку букви

од кои име ќе ми исплетеш

и кое ќе е само мое

мое

токму онака како што јас

твоја сум