Ана Бунтеска: и тој терсене ко мене

Добивај вести на Viber

Од немукает

така баба ми велеше

е така од немукает и јас ќора

оти умот кај тебе ми беше

(улава жена!)

и при очи ништо не гледав

никого

ниту него

а тука бил цело време

додуше и тој терсене ко мене

збор-алтан

тука-а го нема

ама питом и кроток

убав чоек

и низ годиниве да собериш

дали два реда муабет сме врзале

ама насмевките благи ко шербет ни биле

ко со баклава да сме се нагостиле

и после со месеци не ќе се сретнеме

ама секој пат убо на душава

не се познаваш, а се знаеш

ниту маките сте си ги кажале

ама лузните ко исти да се

и ко се гледаш како во огледало да се џариш

знаеш дека душата ко твојата му е

дека лош кон себе е

колку што кон другите арен е

и те фаќа жал

шо за него

шо за себе

и милост во срцето ти се прелева

како ко ќе ти тргни со виното

и кротко се опиваш

не правиш зулум

ниту ти се познава

ама ти пее внатре нешто

и ти иди раката в гради да си ја пикниш

тоа убавото пиле да го погалиш

така некако за него ти е

како својата душа низ неговата да си ја милуваш

и пак месеци

а можи и години ќе минат

ќе се опулиме

збор-два ќе си кажеме

и секој на своја страна ќе заминиме

и ко ќе се сретнеме

ко вчера да било

така очите ќе ни светат

нему-мене ко ќе ме види

стаклава зелени-ко ќе го видам

и убо ми е

оти знам оти тука е

во близина

во мисливе

во душава ми влегол

од тие неколкуте

малкумината кои таму ми спијат

од тие е

тој убав и молчелив човек

чиј збор-алтан е

чиј поглед-мелем е

моето огледало

убавата слика негова

во која себе се гледам

  За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Стојан Стојановски