„Роса фест“ им додели награди за животно дело за Огнен Неделковски, Смиља Митревска и Мирче Кикиритков
Годинава уживавме во новите песни на Нино Величковски, Ленче Кукиќ, Благоја Грујоски, Анета Љумаковска, Мишко Крстевски, Стојне Николова, Бендот на Браќата Нуне, групата Фортуна, Горан Кукиќ, Дамјан Стојановски, а видовме и некои нови и надежни фолк изведувачи, пред кои можеби стои розова иднина.
Се надеваме дека дел од изведените песни ќе успеат да го освојат и да го заслужат епитетот евергрин или обнародена песна. Зашто тоа е најголемиот успех на секое дело на полето на музиката. Да остане во колективната меморија на македонскиот народ.
Годинава наградите за животно дело заминаа во рацете на фолк дивата Смиља Митровска, композиторот Мирче Кикиритков и авторот на стихови Огнен Неделковски, кој е присутен 35 години на естрада. Има создадени и емитувани 1500 текстови за песни.
-Голема километража. Беше логично да стигнат и наградите за животно дело, иако со моите 52 години мислам дека се уште е рано за некое заокружување на мојата кариера. Со Господ напред можам уште многу љубов да понудам од моето срце и од моите раце - ни изјави Неделковски кој бил момче кога ги создал првите големи хитови во фолк музиката. Дел од нив се „Запри дожду“, „Жетварска љубов“,„Заборави ме“, „Приказна за Ангелина“, „Слушај ги камбаните“, „Ех, да свири Садило“, „Пеј, срце, пеј“, „Твојот абер“... Бев нешто поискусен кога од моето перо се изнедрија „Розо моја“, „Штом ноќта помине“, „Кому да запеам“, „Уште еднаш“, „Судбина било“, „Проклети да се предавниците“, „Што ќе ми е да се отрезнам“, а последниве години поентирав со „Темјана“, „Грлото ме издаде“, „Ние љубов сме“...
Најновите три текстови, се изведоа на синоќешниот фестивал од Благоја Грујоски, Нино Величковски и Браќата Нуне – „Покрај тебе станав маж“, „И сега што?“ и „Кум и старосват“.
- Наградата на фестивалот Фолк Фест Роса ја доживувам како големо признание за мојот придонес на полето на македонската новосоздадена фолк музика, иако долги години се борев со една друга етикета, дека сум пред сѐ автор на поп песни, а само правам повремени излети во фолк сферата. Не е така. 35 години создавам стихови за поп, фолк и детски песни и сите нив и ден денес ги пишувам со еднаков жар и задоволство. Во фолк музиката внесов еден свој препознатлив белег, раскажав многу љубовни приказни, опеав многу судбини, расплакав многу очи, покажав многу можни патеки... Можеби не заработив многу во финансиска смисла, но си ја наполнив душата и оставив вечна трага во македонската песна. И да, моите стихови ме донесоа директно до жената на мојот живот. До мојата Соња, која прво се вљуби во нив, па подоцна и во мене.
И сега што?
Ништо посебно. Една награда повеќе во моите витрини. Продолжувам да пишувам. Продолжувам да сонувам. Да верувам дека песната ќе го спаси светот и да уживам кога ќе ги слушнам моите песни на радио... И понатаму силно верувам во моќта на љубовта, во моќта на песната и на зборовите во неа -заклучува Неделковски.
С.А.Н
Фото: Вангел Тануровски