Со почеток во 21.30 часот, вечерва, во ноќниот клуб Станица 26 ќе настапи македонскиот џез и фанк гитарист Владимир Василевски – Четкар. Концертната свирка е во организација на „3Гонга“, а Четкар за првпат ќе настапи во Македонија со септет составен од познати македонски музичари како: Ѓоле Максимовски на бас, Филип Стевановски на тромбон, Борислав Веселинов на тенор саксофон, Демир Катуровски на труба, Виктор Филиповски на тапани и Гордан Спасовски на клавијатури.
„Досега во Македонија сум настапувал со секстет, квартет или трио, а ова ќе биде за првпат да настапам тука со септет. Утревечер во Станица 26 ќе свирам своја авторска музика и аранжмани од моите два досегашни албуми, а ќе отсвирам и неколку композиции, кои оваа година ќе се најдат на мојот трет студиски албум. Секоја година во просек околу 5 месеци сум во Македонија, останатите во САД и во Азија. Имам само македонски пасош и секаде патувам со работни неимигрантски визи. Со моите ангажмани во САД, 18 години по ред ја добивам престижната уметничка виза О1. Природата на мојата работа е таква што настапувам и снимам насекаде низ светот и соработувам со различни музичари, што значи постојано патувам. Но, моја единствена татковина е Македонија“ вели Четкар.
Василевски, живее и работи во Њујорк, а музицира буквално низ целиот свет и досега има настапувано на сите светски релеватни џез фестивали и клубови.
Инаку, има завршено музичка продукција, аранжман и џез гитара на престижниот Беркли колеџ во Бостон, САД. Дипломец е на отсекот за современо пишување и продукција. Иако гитарата е неговиот избран инструмент, својата првична музичка наобразба ја започнал како виолинист и ова знаење многу му има помогнато подоцна, бидејќи денес една од неговите аранжерски специјалности е токму аранжирање за гудачки секциии.
Како автор и продуцент на својата музика, Четкар има огромен круг музичари од целиот свет со кои соработува. Постојано свири со нови музичари од различни краишта на светот и со самото тоа неговата музика секогаш звучи свежо и има разнолик шарм.
Музика на Четкар е дистрибуирана и промовирана во повеќе земји и тоа за најпознатите музички куќи во светот за џез, фанк и соул како P – Vine Records (Пи Вајн Рекордс) и BBQ Records (Би Би Кју Рекордс) во Јапонија, Warner Music Korea (Ворнер Мјузик Кореа) и C&L Music (Си Енд Ел Мјузик) во Јужна Кореа, Hitman Jazz Records (Хитмен Џез Рекордс) во Тајланд и Југоисточна Азија, Soul Brother Records (Соул Брадер Рекордс) и Expansion Records (Експанжн Рекордс) во Англија, Newtown records (Њутаун Рекордс) во Австрија/Германија, Surya Records (Суриа Рекордс) и Diamond Records (Дајамонт Рекордс) во Италија...