Владимир Битољану: Стрипот е библија!

Добивај вести на Viber

Стриповите се библија за цела една генерација. Пријател на секој дете и тинејџер. Веруваме дека и вие сте имале омилени јунаци од стрип. На 4ти декември ќе биде промовиран „Олимписки сон“. Тоа е приказна базирана на вистински настани од животот и трагичната судбина на младата сомалиската спринтерка Самија Јусуф Омар. Нејзин единствен сон е да учествува на Олимписките игри во Лондон во 2012. По враќањето дома од Олимписките игри во Пекинг 2008, и беше забрането да тренира од страната на владејачките исламски фундаменталисти, затоа што трчањето „не им прилега на жените“. За промоцијата, за стрип културата и за љубовта кон стриповите, денес разговараме со Владимир Битољану од  стрип книжарницата Бункер Женски Магазин За почеток, опишете ни го вашиот однос со стриповите. Како и кога запозна вашата „врска“? Владимир Се уште го помнам првиот стрип кој го добив од моите, со намера да ми ја откријат љубовта кон читањето. И не згрешија, преку стрипот ги засакав подоцна и книгите. Во меѓувреме, секоја недела ги обиколував трафиките, кои, убаво накитени, за мене беа центар на светот. Уживав да кружам околу нив, обидувајќи се да откријам некое ново издание. Со тек на времето страста се зголеми. Имаше многу нови изданија (бивша Југославија беше меѓу водечките земји во Европа според стрип продукцијата). Истовремено сакав да ги пополнам и дупките кај старите пропуштени броеви, па патот често ме носеше кај препродавачите на стари стрипови на Зелено пазарче, на плоштадот, а понекогаш дури и до Бит пазар. Целиот џепарлак одеше на стрипови. Во мрачните деведесетти, стрип продукцијата, би рекол, како и се друго, замре. Јас бев во некој свој филм, во кој одвреме-навреме му посветував внимание на стрипот, главно преку некои изданија од странство. Во 2000те стрипот на овие простори доживува своевидна мини-ренесанса. Се печатат голем број нови изданија, иако тоа не се тиражите од некогаш. Во мала јавна библиотека, во едно истарско гратче, забележав многу нови стрипови. Тоа не беа евтини киоск изданија, туку вистински мали ремек-дела, албуми во кои со филигранска прецизност му беше посветено внимание на секој можен детаљ, албуми какви што до тогаш немаа видено овие простори. Воодушевен, во тој момент решив, дека сакам да сторам нешто повеќе. Стрипот е мој избор. Го доживувам како стар пријател, со кој ги делиме сите убави и оние помалку убави моменти, со кој интензивно се дружиме, па од некои неодредени причини, го губиме контактот, за да на крај повторно му се вратиме со онаа радост која ја доживуваме, кога по подолго време ќе сретнеме добар, лонглост френд. Женски Магазни Сите ние растевме со стрип јунаци. Тоа беше дел од културните вредности, кои ги негувавме како деца. Но, дали денес тие вредности уште се присутни и се негуваат? Дали денешните деца читаат стрип? Владимир Стрипот беше проткаен во растењето на постарите генерации. Некој читаше повеќе, некој помалку, но секој имаше некаков допир и познавања од стрипот. Мене конкретно стрипот најлесно ме научи на некои основни човечки вредности: што е добро, што лошо, што треба да се прави, што не итн. Стрипот даваше одговори на овие прашања и ме насочи, во некоја моја кревка возраст, во која, за жал, книгите и училиштето не можеа да ми помогнат, барем не на директен и јасен начин, како што тоа го стори стрипот. На некој начин, стрипот беше, мост помеѓу мене и мојата подоцнежна љубов кон книжевноста. Времињата се менуваат, како и децата. Тие денес имаат некои други приоритети. Тука и таму, се пројавува кај нив некаков интерес за стрипот и тоа многу ме радува. Треба да го негуваме и чуваме стрипот токму за нив. Треба да им овозможиме полесен пристап до стрипови на македонски јазик. Во тоа треба да се вклучи и државата, затоа што во услови на волку мал и ограничен пазар, невозможно е самостојно да се опстојува во оваа дејност. Во Франција, на пример, вообичаена слика е дедо кој си ги земал внуците и ги однел на некој стрип - фестивал, каде што во редица чекале да добијат цртеж-посвета од омилениот автор. Би било убаво да ги движиме работите во таа насока. Понекогаш и јас како стар фосил доаѓам во искушение да земам во рака таблет, наместо стрип или книга. Полесно се тепа време со таблет, гејмстејшн или компјутер. Можете да замислите како им е тогаш на денешните децата, тотално зависни од чудесниот развој на електрониката. Женски Магазин Денес често стриповите се поистоветуваат со анимација. Но, колку всушност има разлика меѓу стрипот и анимацијата? Владимир Не можам да одговорам на ова прашање, не сум доволно компетентен.  Кај нас има редица на врвни цртачи и аниматори и секој од нив би знаел подобро да одговори на ова прашање од мене. Згора на тоа, анимацијата и не е некакво мое поле на интерес. Ја сакам и убаво ми е тоа што го гледам, но далеку сум од тоа да можам да дадам некое стручно мислење. Женски Магазин На 4ти декември ќе биде промовиран „Олимписки сон“. Може ли да ни раскажете нешто за него, кој е мотивот, кое е подрачјето кое го истражува? Која е идејата? Можевме да ѕирнеме, но поубаво ни е вака, да добиемеинформации од прва рака. Владимир Авторскиот стрип ми е дамнешна преокупација. Во 2011., заедно со брат ми, отворивме специјализирана книжарница за стрипови во Скопје. Меѓу обележјата на една метропола секако спаѓаат и стрип-книжарниците. Насекаде, па дури и во нашето најнепосредно соседство тие веќе одамна постоеја. По 6 години работење, наредниот наш чекор се наметна сам: сопствена стрип-продукција! И така доаѓаме до Олимпискиот сон – Приказната на Самија Јусуф Омар… Графичкиот роман Олимписки сон е приказна базирана на вистински настани од животот и трагичната судбина на младата сомалиската спринтерка Самија Јусуф Омар. Нејзин единствен сон е да учествува на Олимписките игри во Лондон во 2012. По враќањето дома од Олимписките игри во Пекинг 2008, и беше забрането да тренира од страната на владејачките исламски фундаменталисти, затоа што трчањето не им прилега на жените. Следејќи го својот сон, таа се упатува на речиси едногодишна одисеја, преку половина африкански континент кон Либија. Од таму планира да фати брод кој ќе ја префрли во Европа, каде може да добие пристојни услови за тренирање. Сонот нема да се оствари. Самија имаше само 21 година кога го загуби животот во водите блиску до брегот на Италија. Идејата на авторот Рајнхард Клајст е, преку судбината на Самија Јусуф Омар, да укаже на губењето на илјадници човечки животи пред портите на Европа. Пред да ја објави оваа книга авторот поминал еден месец во Палермо за да истражува и собира белешки. Таму од прва рака можел да се увери во третманот на богатата Европа кон оние кои се осмелиле да побараат подобра иднина. Секојдневно читаме за илјадници го губат животот на пловила доспеани за отпад. Оваа книга го упатува последниот вејк ап кол кон нашата совест. Да се обидеме повторно да ја разбудиме во себе човечноста. Во овие тензични времиња, во секојдневната жестока животна трка, постојано сме сведоци на сопствената рамнодушност кон другите и нивните проблеми. Време е да почнеме да ги менуваме навиките, макар почнале и со едно добар ден на комшијата. Женски Магазин Колку често читате стрипови денес? Владимир Во младоста создадов навика да не можам да се успијам, ако не прочитам барем некој ред. Колку и да сум уморен. Тоа трае до денес, иако денешните обврски не ми дозволуваат да читам, онолку колку што би сакал. Од друга страна работата ми обезбедува алиби да читам дома по службена должност во време кога треба да исполнам некои други домашни задачи.  Женски Магазин Дали филмовите и телевизиските серии придонесуваат за одржување на стрип културата во денешницата? Владимир Дефинитивно да. И обратно. Но тоа не е правецот кој ме привлекува премногу, ниту во филмот, ниту во стрипот. Се е многу убаво спакувано, ангажирани се врвни автори, за кои навистина имам високо мислење, но кога ќе се подвлече црта, останува фактот дека сето тоа е одработено по нарачка. Претпочитам авторски, ангажирани стрипови каде на авторите им е дадена целосна слобода на творење и каде тие немаат тесни рокови во кои работата мора да биде завршена. Живееме во времиња кога стрипот е признаен за деветта уметност, врвните стрип-остварувања освојуваат најпрестижни мејнстрим награди како Пулицер и сл. Од друга страна бројките на продажба на првите ме демантираат.  Женски Магазин Има ли вистина во тоа дека луѓето кои читаат стрипови, се и нивни колекционери? Владимир Секако, и сам боледувам од таа болест. Иако, тешко е да се генерализира на таков начин. Не има секакви.  Женски Магазин Во светот познати музичари, даваат свој придонес кон стрип културата. Еве на пример стрип аниматорот Џејми Хјулет бил пријател на Дејмон Албарн. Токму оваа врска „е виновна“ Горилаз, првиот виртуелен бенд во историјата на поп музиката. Како е кај нас? Колку македонските музичари сакаат стрипови, па и ги вметнуваат во своите пораки до публиката? Владимир Музиката и стрипот се тесно испреплетени. Ерик Клептон на верзијата на Blues Breakers with Eric Clapton го чита стрипот за деца The Beano, поради што многумина го нарекуваат овој албум The Beano Album. Култниот Роберт Крамб цртал насловна страна за албум за култните Грејтфул Дед. На овие простори групата Прљаво Казалиште го земала името по изрека од легендарниот стрип Алан Форд. Кај нас дечките кои го работат Фацизам ја промовираат хип-хоп културата. Примери има многу. Стрип-книжарницата Бункер е, меѓу другото, збиралиште на многу јавни фаци. Од политичари, преку тв водители, до музичари. Сите ги врзува интересот за стрип. Проблемот на кој треба да се работи е да се намали старосната граница на луѓето кои се интересираат за стрип, затоа што сега тоа се главно луѓе кои го паметат стрипот од некои други времиња. Женски Магазин Која е вашата порака до љубителите на стрип во Македонија? Владимир Да опстојат во тоа што го сакаат. Тешко дека ќе успееш да импресионираш девојка или да бидеш ин во друштво со твоето познавање на стрипови, но, исто така, стрипот ќе ти отвори безброј други можности. Би сакал и да упатам порака до сите кои не читаат стрипови, а сакаат да прочитаат добра книга, погледаат добар филм или видат убава слика, да му дадат шанса на стрипот. Ќе бидат изненадени.  За Женски Магазин, Вики Чадиковска