Интервјуа // Интервјуа
Ги охрабрувам жените да свират џез
РАЗГОВОР СО ВИКТОР ФИЛИПОВСКИ-ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБАР МЛАД МАКЕДОНСКИ ЏЕЗ МУЗИЧАР
Тапанарот Виктор Филиповски сношти во кафе барот „Винил“ во Сkопје ја доби наградата за најдобар млад македонски џез-музичар за 2017 година. Награда наречена „Голден орикс“ му ја додели Скопскиот џез-фестивал во соработка со „Катар ервејс“.
Филиповски е еден од најмладите џез музичари кај нас. Роден е во 1992 година во Скопје. Од рана возраст свири традиционални перкусии и тапани во рок групи. На 17 години, кога се запишал на одделот за џез студии на штипскиот универзитет и го сретнал својот ментор Александар Секуловски, бил сигурен дека џезот ќе биде неговата професионална определба. Сега е магистерски кандидат на истиот оддел, но и најмлад инструктор на музичката академија и е вклучен во наставата по џез тапани. Неговиот матичен бенд е „Фирс“, а постојан член е и на Тони Китановски квартетот, екипата со која настапи вчера за присутните гости по доделувањето на наградата. Во квартетот, освен Китановски и Филиповски, свират и Кирил Кузманов на саксофон и Иван Бејков на бас.
[caption id="attachment_2156" align="aligncenter" width="751"] Кај нас нема многу жени во џез музиката, а во светот многу повеќе. Жените во Македонија би требало да соберат повеќе храброст и да влезат во тие води. - Виктор Филиповски[/caption]
„Се изненадив кога слушнав дека јас сум добитник на наградата, и нормално дека ми е мило. Се надевам дека нема да ја разочарам комисијата која ме избра“, изјави Виктор за „Женски Mагазин“. На прашањето дали постигнува со ангажман во повеќе бендови со кои оди и на турнеи, тој вели: „Имам свој бенд, „Фирс“, а свирам и со квартетот на Тони Китановски, со Владимир Четкар секстет, со Васил Хаџиманов. Сум свирел во многу бендови, но во моментов сум постојан член на три. Се постигнува, се разбира. Сме патувале доста низ Европа, со Четкар бевме на турнеа низ Азија, а сè уште не сум бил во Америка, тоа ми е желба за во блиска иднина“, додаде Виктор, кој паралелно ужива во сојата професорска работа на Штипскиот универзитет.
„Во последниве седум години, свирам само тапани и само џез. Претходно свирев и традиционални инструменти и поп-рок музика. Откако го сретнав својот ментор Александар Секуловски, знаев дека е ова е тоа што сакам да го работам“, изјави Филиповски. Со младиот музичар, кој е скромен и не сака да се жали, прозборевме и за состојбата на џез музиката во Македонија.
„Супер е. Сите обично сакаат да се жалат, но јас не сакам. Имаме доволно простор во медиумите, луѓе се интересираат, еве како вие, да дојдат, да покријат настан, концерт, да излеземе во весник, да не има на интернет портали, што е доволно добро. Сепак, ние немаме некоја голема џез култура па да бараме којзнае што“, одговори тапанарот. Оптимистично е неговото размислување на темата дека кај нас важи онаа изрека: одиш на џез фестивал или концерт само за да видиш и да бидеш виден.
„Па, не сакам да го делам тоа мислење, ама мислам дека е вистина. Но, пак ќе речам, не сакам да го делам“. За крај, разговаравме за жените во џез музиката кај нас и во светот.
„Кај нас нема многу жени во џез музиката, а во светот многу повеќе. Жените во Македонија би требало да соберат повеќе храброст и да влезат во тие води. Имам колешки, но не во доволен број. Негов пример за џез музичар во светски рамки е токму жена. Тоа е греми наградуваната американска џез-тапанарка Тери Ли Карингтон.
За Женски Магазин, Милица Џаровска