Интервјуа // Интервјуа
Го сакам Димитар зашто најмногу ме смее
ИНТЕРВЈУ СО ПЕЈАЧКАТА И ХАРФИСТКА САРА МЕЈС
Димитар е „најдобар“ во повеќе категории. Мојата најголема инспирација, љубов и поддршка. Способен и разбран. Умен и убав. Вљубеник во природата и животните. Интересен и забавен. Независно како и да го поминуваме времето заедно, дали е тоа прошетка со куче, планинарење, возење со мотор, патување, гледање филм или табла на тераса, многу е лесно и прекрасно кога си вљубен во оној кој најмногу те смее!
Единствена во имиџот, оригинална во спотовите, професионален харфист. Пејачката Сара Мејс од неодамна има уште една убавина во низата кои и се случуваат. Сега е Сара Костадиновска - Атанасовска, откако минатиот месец се омажи за својата голема љубов, водителот и пиар менаџер Димитар Атанасовски.
На Нов Бугарски Универзитет во Софија, таа заврши две специјалности. Major - харфа, во класата на професор Малина Христова, и Minor - пеење во класата на професор Камелија Тодорова, најпознатата џез пејачка во Бугарија. Во Македонија е харфистка во МОБ, а во поп-кариерата најпозната по хитот „Врне, врне“, песна која стана химна меѓу народот кога врне. Актуелна е со новиот албум „Floating through space“, кој го промовираше само неколку дена по свадбата.
[caption id="attachment_3086" align="aligncenter" width="640"] Лудо сум вљубена. Само љубовта може да ми даде толкава сила. Можам да гинам за музика без воопшто да се замислам[/caption]
Женски магазин: Од каде идејата албумот да се вика „Floating through space“ и идејаta за вселенски имиџ на двата концерта што ги одржа?
Сара: Насоката ни ја покажаа самите песни. Текстовите, звучните ефекти, а и комплетниот саунд на целиот албум е ем природен, (поради тоа што сите инструменти се снимани во студио) ем роботски-синтетички. Истовремено е футуристички, со еден збор - вселенски. Јас и целиот тим требаше само да ја следиме насоката која музиката толку исчистено ни ја покажуваше. Од авторство, преку интерпретација, шминка, фризура, стајлинг, кореографија, дизајн, па се до комплетниот микс и производ, цеде и концерт.
Женски магазин: Го испеа хитот „Врне, врне“ и ти се случи да ти заврне токму на првиот концерт. Како поминаа двата концерта?
Сара: Концертите поминаа прекрасно и покрај тоа што на првиот ни заврна, нормално. : -) Со свој камен по своја глава. Сепак имаше луѓе коишто не се откажуваа и чекаа да свириме, а ние немаше каде да се вклучиме - сѐ беше мокро. Отидовме до дома, земавме акустични инструменти и се случи чудно добра журка со единствена и неверојатна енергија. Ден кој никогаш нема да го заборавам.
[caption id="attachment_3087" align="aligncenter" width="800"] Концертите поминаа прекрасно и покрај тоа што на првиот ни заврна, нормално. Со свој камен по своја глава[/caption]
Женски магазин: Има ли песната „Врне врне“ наследничка во смисла на стихови кои ќе се врзуваат за тебе на прва топка?
Сара: Има доста интересни стихови во новиот албум. Има една песна со игра на зборови слично како во Врне врне, се вика „Црна Капина“. Има една друга песна со тажна тематика, раскажана со среќни зборови „Се е прекрасно“. „Излези од кутија“ е триминутна борба против бариери и лажна дисциплина. „Куќичка на дрво“ е едноставно посебна тема. И така, треба да се преслуша.
Женски магазин: Концертите ги одржа неколку денови по венчавката со Димитар, како успеа да се организираш?
Сара: Со неспиење. Ама не ми беше проблем, зошто навистина многу ја сакам работава. Лудо сум вљубена. Само љубовта може да ми даде толкава сила. Можам да гинам за музика без воопшто да се замислам.
[caption id="attachment_3088" align="aligncenter" width="720"] Во таа приказна „свадба“ влегов многу „дактилографски“ или „неуметнички“. Без очекувања и без драми. А се покажа како еден од најубавите денови во мојот живот. - Сара и Димитар[/caption]
Женски магазин: Како помина свадбата, дали таа ноќ беше онаква каква што ја замислуваше?
Сара: Во таа приказна „свадба“ влегов многу „дактилографски“ или „неуметнички“. Без очекувања и без драми. А се покажа како еден од најубавите денови во мојот живот. Магичен ден: од буткање врата, преку матичното со Вагнер и Менделсон, концертното свирење на „Љубојна“, трио „Belle“ и „Brass brothers“ и круна на вечерта - „афтерот“ на базен. Атмосфера, журка, емоции, среќа, пеперутки. Доста специјално.
Женски магазин: Што е она најдоброто кај Димитар што најмногу го сакаш, и кој ви е омилен начин да го поминувате слободното време заедно?
Сара: Димитар е „најдобар“ во повеќе категории. Мојата најголема инспирација, љубов и поддршка. Способен и разбран. Умен и убав. Вљубеник во природата и животните. Интересен и забавен. Независно како и да го поминуваме времето заедно, дали е тоа прошетка со куче, планинарење, возење со мотор, патување, гледање филм или табла на тераса, многу е лесно и прекрасно кога си вљубен во оној кој најмногу те смее!
Женски магазин: Кога реши дека токму харфата ќе биде твој инструмент, и дали некогаш си се покајала?
Сара: Интересно е многу тоа што на некој начин харфата ме одбра мене. Тогашната професорка на факултетот на музичка уметност Лејла Урманова имаше пратено абер кај мојата класна, професорката Весна Беличанец дека има дефицит на харфистки во Македонија. Мојата класна ме препорача и така почнав да свирам, прво како учениче за предметот методика на Елена Цветановска, која подоцна ми стана професор по харфа во средно. Никогаш не сум се покајала за таа одлука - харфа. Токму спротивно на покајување, ја следам и ја сакам. Харфата е моето прибежиште. Кога сиот свет е против мене, харфата е секогаш од „моја“. Мојата прва вистинска љубов. Точно таа љубов беше причина да се запишам на студии во Бугарија, во класата на изворот на руската техника - проф. Малина Христова.
Женски магазин: Дали сметаш дека бројот на жени харфистки во Македонија е многу мал, и зошто е тоа така?
Сара: Моментално сме пет. Доколку има повеќе оркестри или камерни ансамбли, ќе има и потреба од повеќе харфистки сигурно.
Женски магазин: Дали имаш удел во идеите на сценаристите за твоите оригинални и провокативни спотови?
Сара: Зависи. Последниот спот за „Небо“ на пример беше комплетна идеја на Принц, додека пак за кореографијата се погрижи Јана Петровска. Сум имала некаков удел во некои други видеа, но искрено претпочитам кога режисерот или сценаристот има комплетна идеја и се фокусира кон нејзината реализација. Не обожавам кога им се мешам, а им се мешам кога мора и кога знам дека може подобро. Мислам дека е и повеќе од доста во една песна да се дадеш како автор, текстописец, интерпретатор, организатор. Видео и идеја за истото е друга бранша.
Женски магазин: Што е следно од тебе, во поп музиката и како харфистка во MOБ?
Сара: Албумот „Floating through space with Sarah Mace“ е веќе во продажба во Југотон и се радувам како мало дете на него и на овациите за него. Песната „Небо“ си поминува многу убаво, а слушам по радија дека и „Време“, првата песна од албумот почна да се врти по радија и дури мислам дека е прво место на Антена 5. Така да, не се жалиме. Со бендот исто така настапуваме и свириме, значи добро е се. За некој ден ќе ја има „Време“ и на мојот Јутјуб канал. Што се однесува до мојата харфистичка дејност, „Кавалерија Рустикана“, „Лебедово Езеро“ и „Клеопатра“ од тековниот репертоар на МОБ.
Женски магазин: Зад Сара Мејс на сцената, каква е Сара Костадиновска - Атанасовска приватно?
Сара - Иста. Бескомпромисно искрена во добро и лошо. Хедонист по вокација. Сакач на кучиња. Сакач на животот. Сакач на планините. Позитивна на копно, нервозна во сообраќај.
За Женски Магазин, Милица Џаровска