Емотивно интервју: И со дијабет може да се живее нормално

Добивај вести на Viber

Дијабетесот е една од најчестите болести на современото општество. Во светот се смета дека има над 200 милиони луѓе со дијабетес, а според Меѓународната дијабетолошка федерација, овој број ќе достигне 350 милиони до 2025 година. Од последиците на оваа болест во светот се починати 5 милиони луѓе, а дури 40% од заболените не знаат дека се болни од дијабет. Денес е светскиот ден на дијабетот. Разговараме со Рената Јакимовиќ. Таа е престедател на Здружение на лица со дијабетес Алегрија Скопје. Рената има 23 години, а на 9 години и е дијаностициран дијабет. Нејзината приказна и битката со дијабетот ви ја пренесуваме на Женски Магазин. Женски Магазин- Каков е животот со дијабет? Кои беа симптомите кои ве поттикнаа да ја откриете болеста? Рената -На 9 годишна возраст, август 2003 година почнав да пијам многу вода, со тоа и често да уринирам и да губам од својата килажа. На самиот почеток, моите родители мислеа дека тоа се должи поради топлината заради летот, но по неколку недели и проверената крвна слика се установи дека гликемијата (шеќерот во крвта) ми е значително покачена. Итно бев испратена на детската клиника на оделот за ендокринологија каде специјалистите установија дека имам дијабетес мелитус тип 1. Веднаш бев ставена на инфузија и од самиот момент на инсулинска терапија. Она што кај мене го предизвикало дијабетесот е стресот. Во моето семејство немам историја на оваа состојба, ниту па бев болна во претходниот период. На почетокот животот со дијабетес не беше едноставен, всушност ни сега не е. Но со текот на годините имав и имам сè уште поддршка од своето семејство, се едуцирав и со помош на медицинскиот тим од клиниката за ендокринологија јас сосема добро го менаџирам својот дијабетес. Животот со дијабетес ние сакаме да кажеме дека секогаш е забавен, некогаш позитивно, некогаш негативно, но ако треба да го опишам на кратко, тогаш би кажала дека животот со дијабетес е како возење со ролеркостер. Женски Магазин Колку често треба да се прави контролата, кога ќе се открие дијабет? Рената - По самото дијагностицирање на дијабетес, контролите се прават на секој 3 месеци. Тоа значи дека на секој трети месец ние проверуваме тримесечен просек на гликемијата, а на секои 6 месеци проверуваме очно дно и детален преглед на бубрезите, за да видеме дали очите се зафатени од ретинопатија, а бубрезите од невропатија - компликации кои се јавувата од лошо регулиран дијабетес. Женски Магазин Треба ли да се внимава на исхраната? Рената - Постои мит дека лицата со дијабетес не смеат да јадат одреден вид на храна. Тоа не е точно. Ние како лица со дијабетес може да јадеме сè, како и некој кој нема дијабетес. Но, мора да внимаваме на количината и гликемискиот индекс. Тоа значи дека ние треба да внесуваме храна која има помалку јаглехидрати и помал гликемиски индекс, за да ја одржуваме гликемијата во границите на нормалните вредности. Женски Магазин Дали болните од дијабет може да бидат физички активни? Рената - Пред сè би нагласила дека дијабетесот не е болест, туку состојба на организмот при што морате да примате инсулин од надвор, бидејќи вашиот панкреас не го произведува. Лицата со дијабетес мора да бидат физички активни. За да одржиме добра гликорегулација мора да примаме инсулин, да се храниме здраво и да спортуваме. Постојат многу лица со дијабетес кои се примери во светот, за тоа дека дијабетесот не е пречка, доколку сакате да се занимавате активно и професионално со спорт. Единствено што треба да направиме е често да го проверуваме шеќерот во крвта, за да знаеме со кој интензитет треба да вежбаме и каква храна да внесеме пред и после тренинг. Што се случува кога шеќерот ќе падне? Кои се симптомите и како да се реагира тогаш? Рената - Кога шеќерот паѓа, телото дава неколку симптоми и би ги наредила од поблаги до најсериозни. Се тресат рацете и нозете бидејќи мускулите ја губат енергијата, не облева ладна пот, фокусот во видот се губи, се плетка јазикот и не може да се зборува најнормално и последното кое може да се случи е да се изгуби стабилност и свест, со што се паѓа во хипогликемична кома (тоа се случува бидејќи мозокот се гаси на некој начин, поради немање на глукоза во крвта, која претставува главен снабдувач на енергија). Во тие случии доколку сте свесни, секогаш земате сок или чист шеќер бидејќи тие најбрзо реагираат, подоцна по дваесетина минути треба да се земе овошје или парче леб, за да се задржи шеќерот на оптимално ниво за да не падне пак. А доколку се падне во кома, тогаш некој друг треба да аплицира Глукагон (инекција која секое лице со дијабетес ја има дома), хормон кој го буди црниот дроб да испушти резерви на шеќери, за да се разбуди пациентот или да се повика брза помош која ќе ја третира комата со декстроза која се става директно во вена. Женски Магазин Може ли болеста да се контролира? Рената- Дијабетесот може да се контролира. Преку редовно спортување и внесување на здрава храна, редовни посети на својот ендокринолог, многукратно проверување на гликемијата во крвта во текот на денот како и примање на терапија - инсулин, дијабетесот може да се менаџира, со истиот да доживеете длабока старост и да имате среќен и исполнет живот. Женски Магазин Колку е важна дисциплината? Рената - Кај лицата со дијабетес дисциплината е многу важна. На самиот почеток посебно. Доколку сте дисциплинирани и ги почитувате правилата кои ви се зададени, тие со текот на времето ви стануваат навика, а вие си правите рутина во секојдневието. За секоја навика има и одвикнување, па затоа од време на време мора да се потсетуваме зошто е важно да бидеме дисциплинирани и да ја задржиме својата рутина. А тоа е дека: Со дијабетесот може да се живее исполнет и активен живот, без компликации како последица на истиот. На нас останува како ние сето тоа ќе го прифатиме и како ќе се носиме со оваа состојба. За Женски Магазин, Вики Чадиковска