Интервјуа // Интервјуа
Жените контролори се редок вид кај нас
РАЗГОВОР СО ПЕЈАЧКАТА И АВТОР МИЈАТА ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ
Порано кога ќе речеа дека не е повик за жена, мојата феминистичка природа се бунеше. Меѓутоа кога морав да дојдам да одработам 2 часа на фреквенција 10 дена по породување со царски рез, сфатив што сакале да кажат. Секоја контролорска дозвола за да биде активна има минимум часови, што мора да се одработат во извесен временски период. Тој правилник нема ставка „породилно отсуство“.
Во контрола на летање работи 16 години, најпрво како студент-приправник а подоцна и како самостоен контролор на летање. Таму е на две позиции, комбинирано со две работни дозволи: на Кула и Радарска Приодна. Наташа Мијат Крстевска, јавноста ја знае од другата страна, како поп-пејачката и композитор Мијата. Поретко промовира синглови, а речиси секоја песна и е запаметена и останува како хит. „Верувам во себе“, „Цвет во постела“, „Волшепства“, „Постојам“ се дел од нив. На интернационалниот ден на контролорите на летање, разговаравме со Наташа, контролорот на летање и со музичарката Мијата.
Женски магазин: Кој момент беше пресуден да се решиш дека ќе се занимаваш со контрола на летање, каде се школуваше?
Мијата: Велат дека контролорите на летање во два часа на фреквенција мораат да донесат одлуки, колку луѓето што не мораат за цел живот. Кариерата ја започнав со ниет да станам доктор. Така и се најдов на при-мед програма на „Урбана“ Универзитетот во Америка. Меѓутоа од писанието не се бега: станав контролор што компонира и пее. Во 2001 година, веднаш по смртта на татко ми, имаше конкурс за нови контролори, и желбата на мајка ми воопшто да се пријавам на конкурсот ја протолкував како СОС повик и нејзин обид да се вратам во Македонија. За контролор на летање нема некоја конкретна подготовка, ама приемното тестирање одгатнува дали ги поседуваш основните карактеристики. Мојата класа беше на школување во Луксембург во 2001 година а на скопскиот аеродром стартуваме со „on-job-training“ во април 2002.
Женски магазин: Колку за една жена треба одрекувања во твојата професија?
Мијата: Порано кога ќе речеа дека не е повик за жена, мојата феминистичка природа се бунеше. Меѓутоа кога морав да дојдам да одработам 2 часа на фреквенција 10 дена по породување со царски рез, сфатив што сакале да кажат. Секоја контролорска дозвола за да биде активна има минимум часови што мора да се одработат во извесен временски период. Тој правилник нема ставка „породилно отсуство“.
Женски магазин: Колку колешки, а колку колеги имаш на работа?
Мијата: Ние жените контролори сме редок вид, а јас сум единствениот контролор што пее. Околу 20 жени во Македонија го имаме ова работно место, од вкупно стотина контролори во Скопје и во Охрид.
Женски магазин: Тешко ли е да се организираш помеѓу децата, музиката и работата на аеродром?
Мијата: Работам во смени: прва, втора, трета и два дена слободна. Третата смена ми е омилена, зашто децата не приметуваат дека ме нема. Ги заспивам и одам на работа. Поради тие смени и можам чат-пат да сум активна на музичката сцена. Меѓутоа телото го плаќа данокот на сменското работење. Најтешко ми е емоционално кога работам за викенд или празник, кога семејството ми е слободно. Тогаш се чувствувам како и на нив да им скратувам од нашето заедничко време. Затоа се трудиме на годишните одмори да си припаднеме максимално и да надоместиме колку толку.
[caption id="attachment_2332" align="aligncenter" width="640"] Кариерата ја започнав со ниет да станам доктор. Меѓутоа од писанието не се бега: станав контролор што компонира и пее. - Мијата[/caption]
Женски магазин: Делува како многу внимателно и плански да избираш време кога да си музички активна. Поретко промовираш песни, а кога ќе ти излезе нов сингл речиси секој е хит и се помни. Зошто почесто не издаваш синглови?
Мијата: Со музика не успевам да се бавам доволно интензивно, колку што сакам. Не е поради работата. Децата ми се мали и сè уште зависни од родителите. Калин има 6, а Никита 2 години. Гледам дека желбата за музика не ми се намалила низ годините, па се тешам дека кога ќе потпораснат ќе имам повеќе време за во студио и пласман на песни. Зашто не е само да ги снимиш песните, треба и гостувања, емисии, интервјуа. Кога се спремав за промоција на албумот „Небеска“ во 2015 година, земав слободни денови од работа и дома сите ме покриваа за да стасам да организираме сè како што имав замислено. Па така искрена да бидам, пласманот на мојата музика е повеќе од типот „кога се има време“ одошто стратешки. Последниот спот во јуни месец за „Bedflower“, ми тежеше две години додека да најдам начин да го снимам.
[caption id="attachment_2333" align="aligncenter" width="640"] Работното место на Кула e со најубавиот поглед. Честопати инспирација за нова песна дошла токму таму[/caption]
Женски магазин: Дали работата на Аеродром може те инспирира кога ги создаваш песните?
Мијата: Работното место на Кула e со најубавиот поглед. Најубавите изгрејсонца и зајдисонца сум ги доживеала во изминативе години. Честопати инспирација за нова песна дошла токму таму. И колегите веќе ме имаат прифатено со моето музичко алтер его. Мијата кога презема на фреквенција се запишува со контролорските иницијали MN.
За Женски Магазин, Милица Џаровска