Интервју Зорица Црношија: Гладна и жедна за нови предизвици

Добивај вести на Viber

Навикнавме да ја гледаме со нејзината насмевка. Девојката која вешто и непосредно комуницира. Динамична, амбициозна, принципиелна. Нејзините вештини и знаења продолжува да ги надградува и да ги искачува на повисоки нивоа. Годинава која завршува, ќе ја памети веројатно по многу нешта. Сепак, централно внимание ќе има новата позиција и новиот тим со кои е споена од први ноември. Зорица Црношија е исправена пред нов професионален предизвик. Стана дел од тимот на Студио Модерна. Тука се чувствувам како да сум дома, вели искрено. За новиот предизвик, но и за целите кои си ги зацрта со него, разговараме денес најотворено. Еве ги нејзните впечатоци.   Женски Магазин Која е вашата нова улога? Зорица Новата позиција како Маркетинг Менаџер во Студио Модерна подразбира реализација на низа промотивни активности што на нашите производи и услуги би им овозможиле добро „ехо“ во јавноста и во свеста на потрошувачите. Планирање, насочување и координирање на промотивните активности на сите полиња, со помош на сите достапни канали и алатки. Развој и промоција на нови понуди, осмислување и реализација на кампањи, препораки за стратегии, како и ефективни контроли на резултатите и проценување на реакциите на потрошувачите. Одржување на добар имиџ на производите и услугите и секако, унапредување на продажбата. Од поединец на оваа позиција се очекува и да препорачува и предлага промени во насока на унапредување на разбирањето на потребите на потрошувачите што постојано се менуваат. А јас немам намера да заштедам на моите вештини и знаења и планирам да инвестирам сè што можам и умеам во оваа и онака успешна приказна. Женски Магазин Кои се предизвиците што ве очекуваат? Зорица Она што Студио Модерна го работи е наука и уметност на истражување, анализирање, вкрстување, споредување и евалуација на резултатите, но и креирање и испорачување на вредност заради задоволување на основните принципи на бизнисот. Препознавање на неисполнетите желби и потреби. Дефинирање на сегментот од пазарот што нашата компанија најдобро може да го задоволи и на основ на тоа - креирање и промовирање на соодветните производи и понуди. А ова иако звучи предизвикувачки и возбудливо, во основа е многу обемно, комплексно и повеќедимензионално. Жива радост и еуфорија за човек како мене, гладен и жеден за нови животни предизвици. Женски Магазин Имате ли во глава некоја визија каде ќе се фокусирате во следниов период најмногу? Зорица Бидејќи трансферот во Студио Модерна се реализираше кон крајот на годината, голем дел од активностите се веќе планирани или се во тек. Во таа смисла, она што во моментов го правам во овие први недели од работата во Студио Модерна освен интензивните обуки и брифинзи, е вложување активен напор да ги запознаам колегите со сите свои технички, концепциски и човечки вештини и знаења. Секако, и тимот од мене, и јас од себе очекувам да се интегрирам во оваа деловна средина најбрзо што е можно и да станам нејзин 100% функционален член.   Женски Магазин Какви се вашите планови за иднината? Зорица Јас искрено се радувам на секој процес низ кој производите и услугите се трансформираат од концепт до финална понуда. Тоа е дисциплина на креирање и задржување на потрошувачите која ја намалува празнината помеѓу нив и производителите. Во пошироката јавност тоа делува само како „креативно смислување на реклами и понуди“, но во реалноста, тоа е само еден дел од процесот. Помеѓу сето тоа се проткајуваат истражувања, математика, статистика, тестирања, социологија, па и психологија. Моите планови се да не престанам да се усовршувам, да се обучувам, да ги следам трендовите и во нашата индустрија и пошироко. И да работам, да работам, да работам. Нема друг пат до успехот. Само тој.   Женски Магазин Новата функција носи и нови одговорности. Во ниеден момент не почувствувате некаков страв, па дури и позитивен од новото време што доаѓа? Зорица Секако дека човек се чувствува престрашен од промената и од одговорноста. Но, тоа траеше сè до моментот кога за прв пат стапнав во Студио Модерна. На 1 ноември влегов низ вратата, ги погледнав новите колеги што ме пречекаа со широка насмевка и она што во делче од секунда ми севна низ срцето беше чувството дека јас овде не доаѓам, туку се враќам. Женски Магазин Разделбата со Публицис не беше едноставна? Сепак во прашање се многу заеднички години, проекти и искуства. Како реагира колегите, како реагиравте вие? Зорица Ете, не е реткост луѓе што долго работеле во маркетинг агенција да ја сменат професијата. Искуството и знаењето што е стекнато, од аналитичко следење на пазарот, до комуникациските вештини, ги прави агенциските луѓе соодветни за многу работни места. Разделбата да, беше емотивна од обете страни. Со Публицис е јасно дека ќе се сакаме засекогаш. Женски Магазин Каква е поддршката од дома? Дали е едноставно да се усогласи бизнис распоредот со семејниот живот? Зорица Кога знаете кои ви се приоритетите, лесно е да знаете во која насока се движите. Јас сакам да ги живеам вредностите во кои верувам, вредностите што ги афирмирам и дома и на работа. На тој начин лесно е да се најде механизам да се преживее, кога сте толку многу искрени кон себе и кон светот што ве опкружува. А бидејќи децата растат, влегуваме во нова животна динамика, секој ден е нова битка, секој нов период, нови приспособувања кон промените. Живот. Како и кај сите други семејства. Женски Магазин Прифаќа ли Македонија жени лидери? Зорица Не знам дали Македонија прифаќа жени лидери, но јас обожавам силни, стабилни, бестрашни жени, со стратегија за приватен и професионален успех уште во раната младост. Жени што имаат визија за иднината, мотивирани, истрајни и фанатично издржливи, жени со големи срца, кои својот успех и супериорност го базираат на емпатија, подготвени да ја стават грижата за другите над своите интереси. Жени што ја почитуваат личноста на секој поединец и го зајакнуваат неговиот потенцијал. Благословена сум што на чело на Студио Модерна стои токму една таква жена, што свесно ја негува културата на меѓусебна соработка, помош и поддршка и ме охрабрува и ме поттикнува и мене да го култивирам семето на успешноста и да се трудам да бидам инспирација за другите успешни жени и девојки. За мене е вонсериски фантастично што ми е укажана доверба да ги вложам своите ресурси, средства, време и вештини во ваква компанија и ваков тим со кои делам исти цели и вредности. Женски Магазин Мотивацијата е двигател кај сите нас. Што ја мотивира Зорица? Зорица По природа сум високо-мотивиран човек, со ведрина и жар пристапувам кон обврските. Меѓу другото, во период од животот сум во кој може да се каже дека не сум премногу возрасна, но имам солидна количина на работно и животно искуство. Во таа смисла и кон работата и кон приватните обврски пристапувам со еуфорија и желба секој работен ден да го претворам во нешто посебно и вредно. Она што ме движи и поттикнува е таа голема благодарност кон животот, кон сите укажани можности, кон доброто здравје и семејната хармонија. Благодарноста што имам прекрасно семејство и работа што ме весели и ме усреќува. И зошто да не бидам мотивирана? Па јас сум егзалтирана за секој ден од овој прекрасен живот што го живеам. За Женски Магазин, Вики Чадиковска