ИНТЕРВЈУ АНГЕЛА ДИМИТРОВА: Луѓето се плашат да кажат дека одат на психијатар

Добивај вести на Viber

Никола Ристановски не само што е извонреден актер, за кој секој суперлатив е малку за да се опише неговата професионалност, тој е и прекрасен ментор. Никола не само што ме научи на многу нешта, ми помагаше во секој момент кога и да заглавев на нешто, туку и ми беше огромна поддршка за секој мој чекор. Никогаш нема да ги заборавам тие денови на снимање. „Сакаш да зборуваме за тоа“, и вели доктор Виктор Терзиев на Ивана, која секоја среда е на сеанса во неговата ординација. Младата и многу талентирана актерка Ангела Димитрова успешно ја долови улогата на Ивана во серијата „На терапија“, бунтовната тинејџерка со самоубиствени напади. Уште само оваа среда ќе следиме возбудлив разговор помеѓу Ивана и доктор Терзиев (Никола Ристановски). Вечерва, на Тв Сител ќе ја емитува последната епизода со Ивана од серијата. Ангела е битолчанка, има 25 години. Кога се запишала на ФДУ, почнала во класата на Владо Цветановски, но по неговата смрт класата ја презела Мими Таневска со тогашната асистентка Нела Витошевиќ. Во трета и четврта година ментор и бил беше Златко Славенски, а дипломирала во 2015 година во неговата класа. Ангела зборува за начинот со кој навлезе во ликот на Ивана, искуството од светските актерски работилници, и за тоа дали психо-терапијата кај нас сè уште е табу. [caption id="attachment_5121" align="aligncenter" width="639"] Ангела како Лавинија во претставата „Црнината и прилега на Електра“[/caption] Женски Магазин - Заврши виолина во нижото музичко училиште во Битола. Обично младите виолинисти се определуваат за музика од рана возраст. Кога и како се реши да станеш актерка, а не музичар? Ангела - Завршив нижо музичко училиште, отсек виолина, а потоа продолжив во гимназијата Јосип Броз Тито во Битола. Отсекогаш сум ја сакала сцената, но мислам дека некаде во трета година средно беше периодот кога немав пропуштено ниедна претстава на репертоарот во Народниот Театар во Битола. Мислам дека баш тогаш желбата се зголеми и јас да бидам дел од таа театарска магија. Па така, решив да се запишам на ФДУ. Женски Магазин - Кога започна твојата актерска кариера и кои улоги би ги издвоила? Ангела - Па најверојатно мојата актерска кариера започна за време на студиите, да речеме од втора година па натака. Имам повеќе улоги кои ми се драги уште од студентските денови како Јулија од Ромео и Јулија - В. Шекспир, а по дипломирање, Лавинија од Црнината и прилега на Електра - Јуџин О’Нил и се разбира Ивана од На терапија. [caption id="attachment_5119" align="aligncenter" width="647"] Во 2015 година аплицирав за летната школа на The Watermill Centar во Њујорк, предводена од светски познатиот режисер Роберт Вилсон и на мое огромно изненадување ме примија[/caption] Женски Магазин - Како ти интимно го доживуваш ликот на Ивана, која ја глумиш во серијата „На терапија“? Ангела - Искрено, уште од првиот момент кога го прочитав сценариото многу се поврзав со Ивана и ја засакав. На почетокот ми беше тешко да ја сфатам за некои постапки кои ги прави, но подоцна успеав да ја разберам и да сочувствувам со неа. Ивана ми помогна повеќе да ги ценам работите кои ги имам во мојот живот. Женски Магазин - Препознаваш ли твои особини кај неа и кои се тие? Ангела - Кога си тинејџер секогаш мислиш дека знаеш сè, дека секогаш си во право и дека никој не смее да ти кажува што да правиш. Мислам дека сите сме го имале тој став на тие години, се разбира и јас. Само што Ивана тоа го прави во крајности кои јас не би ги направила. [caption id="attachment_5120" align="aligncenter" width="660"] Како што повеќе навлегував во приказната на Ивана, се повеќе ја сфаќав комплексноста на ликот. Тешко е да ги најдеш поривите и причините зошто има самоубиствени напади. - Ангела како Ивана[/caption] Женски Магазин - Ти беше ли тешко да влезеш во овој комплексен лик, бунтовната тинејџерка и пливачка со самоубиствени пориви? Ангела - Навидум изгледа лесно да се игра тинејџер, но како што повеќе навлегував во приказната на Ивана, се повеќе ја сфаќав комплексноста на ликот. Тешко е да ги најдеш поривите и причините зошто тој лик има самоубиствени напади, а со Ивана уште повеќе бидејќи таа не признава и не открива ништо во врска со нејзините чувства. Ситуацијата во која се наоѓа Ивана воопшто не беше комфорна и лесна, но беше огромен предизвик да се одигра. Женски Магазин - Какво е искуството да се работи со еден актер каков што е Никола Ристановски? Ангела - Никола Ристановски не само што е извонреден актер, за кој секој суперлатив е малку за да се опише неговата професионалност, тој е и прекрасен ментор. Никола не само што ме научи на многу нешта, ми помагаше во секој момент кога и да заглавев на нешто, туку и ми беше огромна поддршка за секој мој чекор. Никогаш нема да ги заборавам тие денови на снимање. Женски Магазин - Ако си замислиш дека ти си психијатар и седиш на фотељата на Виктор, а Ивана е спроти тебе, што би и рекла, што би ја советувала? Ангела - Многу добро прашање. Веројатно нешто многу слично на Д-р Терзиев: Знаеш дека не можеш да го поминеш цел живот во вода. На крајот на денот мораш да излезеш на суво. Да се соочиш со проблемите. Женски магазин - Мислиш ли дека психо-терапијата кај нас сè уште е табу тема, во смисла дека луѓето се срамат да посетат психијатар и ако посетат, се чувствуваат непријатно тоа да го споделат? Ангела - Да, мислам дека сè уште психо-терапијата кај нас е табу тема и луѓето се плашат да кажат дека посетуваат психијатар. Сметам дека менталното здравје е многу битно за човекот и е нормална работа да посетува психијатар и да разговараш за проблемите на глас. Мислам дека луѓето треба да престанат да се занимаваат со туѓите проблеми и да почнат да работат на своите, лични проблеми. Женски Магазин - Преклани ја имаше честа да бидеш дел од престижната летна програма на The Watermill Center во Њујорк. На чија покана замина таму, што опфаќаше таа програма и какви искуства носиш? Ангела - Во 2015 година аплицирав за летната школа на The Watermill Centar во Њујорк, предводена од светски познатиот режисер Роберт Вилсон и на мое огромно изненадување и задоволство ме примија. Поминав пет прекрасни недели на Хемптонс. На таа школа имаше уметници од сите бранши: театар, музика, танц, сценографија, костимографија, дизајн на светло, архитектура итн. Многу млади ентузијасти и уметници на едно место, каде што успеавме да ги споиме сите наши таленти во различни перформанси, арт инсталации и работилници. Искуство кое направи да гледам многу поразлично на уметноста и актерството. [caption id="attachment_5118" align="aligncenter" width="640"] Моментално сум дел од екипата на мјузиклот „Мама Миа“ кој се подготвува во МНТ. - Ангела[/caption] Женски Ммагазин - На какви други актерски работилници си учествувала или ќе учествуваш? Ангела - Сум учествувала на повеќе работилници тука и надвор од Македонија. Во Полска бев дел од тренинг-курсот Your body is your statement базиран на освестување на јазикот на телото, во Нови Сад, Србија на театарска резиденција Diversity is Super-Cit  резиденција за ангажиран театар, во Македонија работилницата Драматизација на не-вербалниот сценски израз предводена од Милош Софреновичтанчар и кореограф кој живее и работи во Лондон, и многу други. Женски Магазин - Со својот велосипед и се придружи на групата Критична маса. Дали често си дел од таа група, и која е најважна порака која Критична маса ја пренесува до домашната јавност? Ангела - Претходно не сум била во можност да учествувам, обично сум била зафатена, но многу ми се допаѓа идејата на тој настан што се случува еднаш месечно. Многу ми е драго што бев дел од тоа преку ликот на Ивана, зошто мислам дека уште повеќе допрев до јавноста за да се подигне свеста во сообраќајот. Женски Магазин - На кои следни актерски проекти работиш? Ангела - Моментално сум дел од екипата на мјузиклот Мама Миа кој се подготвува во МНТ, а играм и во две претстави: Пијани во режија на Марјан Ѓорѓиевски и Дон Жуан во режија на Андреј Цветановски, кои се дел од репертоарот на Народен Театар Битола. Женски Магазин - Каква си приватно, што те исполнува кога не работиш, имаш ли партнер со кој ги споделуваш убавите нешта? Ангела - Во слободно време уживам во друштвото со моите најблиски: пријателите, колегите и семејството. Спортувам, гледам серии и кога имам поголем слободен период го користам за патување и откривање нови места во светот. За Женски Магазин, Милица Џаровска