Интервјуа // Интервјуа
Интервју Ани и Дими: Љубов зад објективот
Љубовта е прекрасна. Посебно кога ќе ви се случи со човек од истата професија. Таква е нивната љубовна приказна. Тие се заедно и во љубовта и во професијата која ја делат несебично и професионално. Заедно се една убава деценија, преполна со убави фото приказни, во кои тешко е да ја најдете токму нивната. Но, нам ни тргна од рака. Денес ви ја претставуваме двојката која обично е зад фото апаратот. Ани и Дими, сликани од нашиот фотограф, раскажуваат за својата одлука да бидат заедно и професионално, но и приватно.
Женски Магазин Кои се фото приказните, кои секогаш го пленат вашето внимание?
Дими: Генерално ми се допаѓаат фото приказни во кои можам да ја забележам идејата на фотографот, односно да видам дека се потрудил да го остави својот печат. Исто така ги ценам фотографските приказни што ги поместуваат границите и даваат нов поглед на работите.
Женски Магазин Како и кога започна вашата фото приказна?
Ани: Нашата заедничка приказна почна пред десетина години и не спои токму љубовта кон фотографијата. Уште на првите заеднички фотосесии забележавме дека добро функционираме заедно и набргу потоа решивме посериозно да се посветиме на фотографијата.
Женски Магазин Што ве привлече да бидете зад фото апаратот?
Дими: И двајцата имавме некој во фамилијата што се занимавал со оваа уметност, па претпоставувам дека од нив сме попримиле или наследиле дел од љубовта кон фотографијата. Во основа, сакам сè околу фотографијата, од технологијата со која се изработени апаратот и објективите, па се до резултатот што еден фотограф може да го постигне со таа технологија.
Женски Магазин Во кој стил на фотографирање би ја вметнале вашата работа?
Ани: Ние сме професионални фотографи, па можеме да одговориме на различни задачи без оглед на тоа дали се во нашиот стил или не. Сепак, стилот во кој се пронаоѓаме најмногу е портретната и комерцијалната фотографија односно едиторијал стил на фотографија.
Женски Магазин Имате ли фотограф кој е ваш пример? Некој чија работа со страст ја следите?
Дими: Не би рекол дека имаме еден конкретен фотограф чија работа ја обожаваме. Но има многу фотографи од минатото и актуелни чија работа со задоволство ја гледаме. Така на пример, ја обожавам едноставноста на комерцијалната работа на Ени Либовиц, модната работа и портретите на Ричард Аведон, перфектната естетика на Херб Риц, модните портрети на Питер Линдберг, како и делата на огромен број млади модни, уметнички или комерцијални фотографи кои се актуелни во моментот.
[gallery size="medium" ids="17648,17649,17650"]
Женски Магазин Дали во денешно време е едноставно да се биде фотограф? Дали техниката го олесни или го отежни изборот на професионалците?
Дими: Зависи за каков тип на фотографија станува збор и зависи што треба да се постигне како резултат. Веројатно за оние што сакаат да се занимаваат со фотографија како хоби, сега е најлесниот период за да го прават тоа. Фото-опремата може да се најде за многу достапни цени, а квалитетот што го нудат дури и основните модели (па и сите паметни телефони) е навистина одличен.
Од друга страна, кај професионалците техниката секогаш била алат, а врвниот фотограф мора да си ја поседува соодветната врвна професионална опрема.
Женски Магазин Кои се вашите предизвици за 2018?
Ани: Речиси секоја година предизвикот е да бидеме поуспешни и напреднеме во однос на претходната. Во поглед на бизнис делот, би сакала да работиме со поголем број на странски клиенти, додека во поглед на уметничкиот дел на фотографијата, би сакала да имаме доволно време за некои лични проекти.
Ние им посакуваме успешни фото приказни и во иднина. А денес, наздравуваме за нивната љубовна приказна со чаша црвено вино.
За Женски Магазин, Вики Чадико вска