Интервју Антонио Димитриевски: Десетка за МАРС

Добивај вести на Viber

Во МОБ во Скопје ќе се одржи јубилејното, 10-то издание на МАРС – Македонскиот радиски фестивал 2017. Оваа манифестација веќе една деценија ги вреднува, оценува и наградува најпопуларните македонски поп хитови во тековната година преку таканаречената радио селекција, која ја вршат над 30 национални, регионални и локални радиостаници во Македонија. Изведувачот кој ќе биде прогласен за апсолутен радиски хит за 2017 година добива парична награда од 60.000 денари, а за авторот на една од финалните песни чиј текст ќе биде прогласен како најдобар од страна на реномирани новинари од разни медиуми во Македонија ќе добие награда од 10.000 денари. За МАРС и сето она што ќе се случува вечерва на сцената, разговараме со Антонио Димитриевски. Женски Магазин - Дали според Вас, македонската музика е популарна? Се пеат ли македонските песни, како некогаш? Антонио - Македонската музика никогаш не престанала да биде популарна, но за жал во моментов не е како некогаш. Мислам дека најголемиот процут, својот зенит го имаше во првата половина на 90-ите години. Тогаш турбо фолкот сè уште беше во зародиш, бившата ЈУ држава се распадна па војната на тие простори ги отсече влијанијата на српската, хрватската, босанската сцена кај нас, или ептен малку и ретко нивните ѕвезди доаѓаа да гостуваат, а македонските медиуми како никогаш пред и потоа беа отворени за домашната сцена и нејзините изведувачи! По 2000-ата сето ова се сврте наопаку! Од фаворити станавме тотални аутсајдери! Естрадно слепо црево во регионот! Женски Магазин - Која е песната која вие си ја потпевнувате годинава? Антонио - Лани по случувањата и забраните на ЗАМП постојано ми се вртеше низ глава „1000 причини за крај“ од Нокаут… ама и „Курвини синови“ од Азра… од некогашното мое, екс ЈУ време. За среќа, годинава работите повторно мрднаа од мртва точка… Сепак само мрднаа… далеку сме од она што естрадата треба да биде, ама сепак… има надеж. Големите концерти на едни ДНК, Тамара Тодевска, Владо Јаневски или Меморија покажуваат дека секое време има своја публика и меѓу домашните фанови. Треба само да им се даде повеќе простор на авторите и изведувачите. Женски Магазин - Дали субвенциите за македонска музика се погрешна стратегија? Антонио - Субвенциите се добра инфузија за естрадата. Она што таму не ми се допаѓа е кога, кому и како е таа дадена. Има ли критериум, има ли стручност, конечно, има ли некој што однапред знае која песна ќе биде хит, а која не, за да ја стимулира? Идејата е добра, погрешен е приодот, стратегијата…! Ние дефинитивно немаме национална стратегија за естрада! Сметам дека на крајот на годината оние 10-15-20 песни од различни жанрови што ќе се издвојат како највртени, најслушани, најпеани… со еден збор што ќе бидат хитови, омилени кај публиката или имаат некаква уметничка вредност – ним треба да им се дадат тие финансии… како награда и стимул за нивните автори и изведувачи. А не обратно: На нероден Петко – му кроиме капа! На необјавена песна и даваш пари како да е најголем хит! Па на крај имаме трагикомични ситуации од типот… „Тажна љубов, среќна песна“ на Тамара која напиша Роберт Билбилов, „Доживотно“ на Елена Ристеска или не знам песните на ДНК, Влатко Лозаноски… кои беа апсолутни хитишта да не добијат ништо, а таму некојси тотални аутсајдери го собрале кајмакот од субвенциите! Што би рекле „инфузијата“ ја добиле, погрешни „пацијенти“! Женски Магазин- Што треба да содржи една песна, за да биде хит? Антонио - Реков предмалку… рецепт за хит – не постои! Да постоеше сите ќе го применуваа! Едноставно тоа е некоја чудна хемија помеѓу авторот на музика, стихови, изведувачот, публиката и медиумите. Едно без друго – не оди! Авторите се оние кои „откинале дел од себе“, од својата креација, изведувачот е тој кој на песната знае или не знае да и вдахне душа, да ја пренесе емоцијата на публиката која и тоа како знае да ги почувствува тие вибрации и да врати со фидбек, а медиумите… Можеш да имаш најдобра песна, најголем хит, ама ако никој не го слушне… попусто е! Женски Магазин - Кој ќе настапи на Марс? Антонио - На МАРС (МАкедонска Радио Селекција) настапуваат оние кои, како што самата кованица кажува, радиостаниците ги селектирале за најголеми хитови во годината. А тие тоа го прават според листата на слушаност, која зависи од тоа колку нивните радио слушатели ги барале тие песни на програмата, гласале за нив на локалните топ листи, самите музички уредници ги имале во својата програмска шема… Значи првиот филтер е публиката, вториот самите радија, третиот дел од нив, кој ги категоризира по категории наградите. Се на се, со плус – минус некаква толеранција, на МАРС секогаш пее македонскиот музички „Ол старс“. Најслушаните и највртените песни во тековната година, односно нивните изведувачи! Женски Магазин- Ова е јубилејно издание. Што ќе го издвои како посебно? Антонио- Годинава МАРС слави јубилеј – 10 години од своето постоење. Затоа и решивме таа финална вечер да биде целосно македонска вечер, посветена на фестивалот и македонската поп-рок сцена воопшто. Затоа немаме за прв пат во историјата и специјални гости од регионот, туку тоа се македонските поп-рок легенди, групата Меморија, со кои ни се посреќи само 4 дена по МАРС 2017 да го имаат својот голем повратнички, солистички концерт во Метрополис Арената во Скопје, за кој слушам дека е речиси распродаден! Во видео делот како потсетување ќе имаме исечоци од досегашните изданија на МАРС, специјални танчарски точки на балетското студио Ребис наречени „Улица на приказни“ во кои тие ќе имаат кореографии со приказни на познати македонски хитови и евергрини, Мастер Хип ДЈ – кој на сцената ќе има свои сетови од куси миксови и скречови на рефрени од познати македонски хитови, речиси сите македонски водители кои досега биле дел од МАРС пак, ќе бидат оние кои ќе ги доделуваат наградите со кусо водителско обраќање и секако… оние заради кои МАРС и постои, а тоа се добитниците на наградите по категории – изведувачите од македонската поп-рок сцена и нивните хитови во 2017! Со една реченица: На 14 ноември во МОБ ќе имаме вистинска музичка парада на македонската поп естрада! Женски Магазин -Ако фрлите поглед наназад, кое од изданијата го паметите најсилно? Антонио - Знаете како е… со текот на годините секоја манифестација расте, оди по нагорна линија, што е нормално и природно. На почетокот си како новороденче, потоа ги прележуваш „детските болести“, ги отстрануваш и коригираш грешките и недостатоците, за во еден момент да ја доживееш својата полна зрелост. Мислам дека МАРС 2015 беше она–вистинското, врвот… Лани заради случувањата со ЗАМП и забраните за емитување македонска музика гледавме едвај да го одржиме, иако по многу нешта и ланскиот МАРС беше направен по висок стандарди. Се разбира, за македонски услови и буџетот кој го имаме, а тој изнесува колку висината на првата награда, првото место на некои други домашни фестивали. И тоа онаа преполовената! За Женски Магазин, Вики Чадиковска