Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ ДИМИТАР АНДОНОВСКИ: Уште ме боли смртта на татко ми
Кариерата ја започна како виолинист и дел од младите таленти на тогашната „Плеј потрага по ѕвезда“ на М2 продукција. Секогаш скромен и ненаметлив во јавноста, битолчанецот Димитар Андоновски музичката кариера ја градеше чекор по чекор, а денес е еден од најангажираните наши поп-пејачи, како вокал на бендот „Тајфата и Димитар“. Оваа година, за него беше најсреќна, пред нешто повеќе од девет месеци му се роди синот Михаил. Во интервјуто за Женски магазин, Димитар зборува за љубовта кон сопругата и синот и неговите духовни водачи. Со гордост раскажува за внукот и за сестра му Маја, но и за мајка му, неговиот најголем херој, по загубата на татко му и големата болка со која се соочил кога имал само 9 години.
[caption id="attachment_8278" align="aligncenter" width="640"] Димитар со „Тајфата“ и авторите на неговите хитови Магдалена и Лазар Цветкоски по добивањето на наградата за најдобра етно балада на радискиот фестивал МАРС пред две недели[/caption]
Женски Магазин - Повеќе од една година си член на групата „Тајфата“. Како се вклопи во екипата и како ти помина оваа година со нив?
Димитар - На почетокот имав мали потешкотии додека се вклопив во бендот, но брзо се адаптирав на нив, а и тие на мене. Морам да признаам дека начинот на функционирање е комплетно различен од градењето соло кариера затоа што бендот го подразбирам како едно семејство кое заеднички ги донесува сите одлуки и со заеднички сили се гради се. Изучив и доста нов репертоар на музика и се соочив со доста нови музички стилови кој до сега не сум ги изведувал. Изминатата година помината со нив ми помина неочекувано брзо. Имавме многу настапи низ цела Македонија и многубројни активности околу снимања и гостувања на емисии.
Женски Магазин - Тешко ли ти е да се организираш помеѓу соло кариерата во поп-музиката која паралелно ја градиш и работата со групата во етно-поп музиката?
Димитар - Соло кариерата ја ставив на пауза во моментов. Скоро ја објавив песната и спотот за темата „Само ти“ којашто ми беше заостанат и непромовиран проект. Таа песна е дел од субвенционираната музика на Владата и заради забраната за музика која траеше неколку месеци ми остана непромовирана. Го чекав вистинскиот момент за да ја промовирам, па така пред извесен период ја пуштив во етер. Во моментов предност му дадов на проектот со „Тајфата“ затоа веќе го снимаме нашиот прв заеднички албум во студиото на Лазар и Магдалена Цветкоски и имаме бројни настапи којшто ни се однапред договорени за следната година. Затоа целата сила и енергија му ги посветувам на бендот.
Женски Магазин „Тајфата и Димитар“ најави нова песна „Стари добри времиња“. Каква е песната и за кои добри времиња се пее во неа?
Димитар - Таа песна според мене има евергрин звук. Навистина е песна што има многу емоции и сигурен сум дека ќе допре до многумина и секој еден ќе се пронајде во неа. За многу скоро планираме да ја промовираме.
Женски Магазин - Твојата сестра Маја е актерка, зошто до сега не си ја викнал да глуми во некој од твоите спотови?
Димитар - Искрено, размислувам да биде во новиот спот за песната што ја најавуваме „Стари добри времиња“. Ни требаат професионални актери за овој спот за да можеме подлабоко да допреме до публиката, а Маја како актер мислам дека може одлично да одговори на тоа. Сепак сѐ уште сме во фаза на креација на сценарио, и се надевам дека ќе успееме да го изработиме овој спот заеднички.
Женски Магазин - Какво беше вашето детство во Битола, на што најмногу се сеќавате од тие стари времиња?
Димитар - Секогаш сакам да се присетувам само на убавите работи од тие стари добри времиња. Од таа перспектива можам да кажам дека имав безгрижно и убаво детство.
Женски Магазин - Рано останавте без татко, колку тоа влијаеше на твоето детство, растење и созревање?
Димитар - Загубата на мојот татко беше голема загуба на моето семејство. Јас бев дете и нормално ми беше многу тешко затоа што чувствував голема потреба за неговото присуство. Но, благодарен и сум на мојата мајка Гордана којашто се постави како столб на семејството и во различни ситуации беше и татко и мајка. Таа не научи како да се бориме во животот и не воспита во луѓе со коишто верувам дека се гордее денес. Таа за мене е жена која е најголемиот борец што го познавам и човек од кој сум научил многу животни работи.
Женски Магазин - Колку години имаше кога почина татко ти, и можеш ли да споделиш со нас што се случи, како почина?
Димитар - Не би сакал многу да зборувам на таа тема бидејќи и после толку години сè уште е доста болна и за мене и за целата фамилија. Би сакал старите рани од минатото да ги оставам таму некаде и да не се сеќавам на нив веќе.
[caption id="attachment_8276" align="aligncenter" width="640"] Михаил ми го промени комплетно животот, се чувствувам исполнет, среќен и сфатив дека ништо друго на светот не е благословено и повредно од семејството.[/caption]
Женски Магазин - Кој најмногу ти помогна во тешките мигови?
Димитар - Покрај мојата мајка секогаш тука беа и членовите од потесното семејство, но и нашите најблиски пријатели.
Женски Магазин - Каков човек беше татко ти, кој е најубавиот спомен што го имаш од него, и има ли нешто што ти оставил како аманет?
Димитар - Мојот татко во тоа време беше многу познат човек во Битола затоа што беше прочуен гинеколог и имаше голем број на пациенти кои буквално чекаа на ред за да стигнат до него. Беше целосно посветен на професијата и им помагаше на многу луѓе кои имаа здравствени проблеми и многу од нив добија и деца благодарение на неговите методи на лекување. Во тоа време не постоеше ин витро и разни модерни начини кои ги поседува денешната медицина. Затоа многу луѓе и по 23 години од неговата смрт знаат да го спомнат и со голема благодарност да зборуваат за него. Остави многу добри дела зад себе, помагаше на секој и тоа е и најголемиот аманет кој ми е оставен од него. А исто така негова најголема желба за мене му беше да се занимавам со музика.
Женски Магазин - Му ја посвети песната „Ова небо знае се“, која ја испеа и на твојата свадба со Христина. Има ли други стихови што ги пееш за него, и која друга твоја песна е со посвета на друга драга личност?
Димитар - Покрај тоа што е посветена на мојот татко таа песна исто така е посветена и на сите оние коишто физички ни фалат на земјата, но сигурен сум дека од горе не гледаат и се радуваат и тагуваат заедно со нас. Им благодарам на Лазар и на Магдалена што ја создадоа оваа песна затоа што знам дека и нив им е подеднакво драга како и на мене.
[caption id="attachment_8277" align="aligncenter" width="640"] Христина е многу посветена мајка и покрај бројните обврски коишто ги има околу детето скоро дипломира на Филозофскиот факултет како историчар со највисок просек. Едноставно се гордеам со неа. - Димитар со сопругата и со синот[/caption]
Женски Магазин - Сега си среќно оженет и со Христина го имате деветмесечниот Михаил, знам дека си и горд вујко на синот на сестра ти. Какви чувства кај тебе буди тоа што си татко, како со Христина се организирате околу обврските со синот?
Димитар - Среќен сум што ја имам Христина за жена затоа што во денешното модерно време кога сите вредности се изгубени реткост е, но и ѝ дар од Бог да имаш вистински човек покрај себе. Му благодарам на Бога што ни го подари најпрекрасниот син на светов. Михаил ми го промени комплетно животот, се чувствувам исполнет, среќен и сфатив дека ништо друго на светот не е благословено и повредно од семејството. Христина е многу посветена мајка и навистина покрај бројните обврски коишто ги има околу детето скоро дипломира на Филозофскиот факултет како историчар со највисок просек. Едноставно се гордеам со неа. Мојот внук Николај е мојата прва љубов од страна на сестра ми. Дете полно со љубов за секој. Има само 2 и пол години, а е толку многу интересен и харизматичен што не ме чуди еден ден да се занимава со јавна професија како мене и сестра ми Маја.
Женски Магазин - Што е она што најмногу го сакаш кај твојата сопруга, кои мигови ви се најсреќни кога сте заедно?
Димитар - Ја сакам нејзината едноставност и скромност и едноставно уживам во секој миг со неа.
Женски Магазин - Неодамна со Даниел Кајмакоски го посети манастирот Рајчица кај Дебар. За тебе е познато дека си хуман и голем верник. Колку духовното ти помага и те смирува кога се наоѓаш во тешка ситуација и воопшто во животот?
Димитар - Мене Господ ми е водител во секој миг од животот. Секој успех што ми се случува е по неговата голема милост, па и кога ќе дојдат тешки моменти и искушенија само преку неговата голема љубов се брзо поминува. Бог треба да го имаме во секој миг со нас а, а не само кога ни е тешко. Се трудам да сум добар христијанин и добар човек, да им помагам на сите, а на тоа ме научија највеќе моите браќа од Бигорскиот манастир и сестрите од Рајчица и се разбира мојот духовен татко Партениј на кого му сум посебно благодарен. Тие луѓе се вистинско богатство во мојот живот. Посетата на Манастирот Св. Георгиј во Рајчица заедно со Кајмакоски не беше случајна. Воедно со таа посета го започнавме новиот проект за Божиќната песна „Вечниот Бог“ во која ќе учествуваат голем дел нашите познати музички имиња како Тамара, Елена, Лозано, Викторија Лоба и „Некст тајм“.
[caption id="attachment_8275" align="aligncenter" width="640"] На почетокот имав мали потешкотии додека се вклопив во бендот, но брзо се адаптирав на нив, а и тие на мене. - Димитар со „Тајфата“[/caption]
Женски Магазин - По што ќе ја паметиш оваа година, и кои ти се професионални планови во соло кариерата и со „Тајфата“ за 2018 година?
Димитар - 2017 година ќе ја паметам по убавите и успешните работи. Пред сѐ ќе биде запаметена поради раѓањето на мојот прв син. Би посакал и следната година да биде иста како оваа. Во 2018 година не очекува доста работа, многу настапи и турнеи, а се надевам дека ќе успееме да го завршиме и промовираме албумот заедно со „Тајфата“.
За Женски Магазин, Милица Џаровска