Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ ЕЛЕНА ПЕТРЕСКА: Софиа ќе биде балерина, а Михаел информатичар
Мајчинството е најубавата работа која ми се случила. Ми се оствари желбата да имам и син и ќерка. Со добра организација успевам да имам време за сè, вели популарната пејачка
За неполни две години роди две деца, но не ја запостави естрадната кариера. Елена Петреска Толевска сними неколку рефрени, повремено настапува со својот бенд и стана заштитно лице на специјализиран центар против стареење.
- Јас сум човек што не може да седи без обврски. Со добра организација успевам да имам време за сè. Сепак, за Софиа и Михаел нема термини и стратегии. За нив сум достапна во секое време – нагласува таа.
[caption id="attachment_5285" align="aligncenter" width="720"] Петереска Толевска: Ни се оствари желбата да имаме и син и ќерка[/caption]
Женски Магазин - Минатата година вторпат станавте мајка, Ви се исполни желбата по синот Михаел да родите и девојче. Какви интереси покажуваат Вашите деца?
Елена - Мајчинството е најубавата работа која ми се случила. Децата се неизмерна љубов, позитивна енергија и радост. Ми се оствари желбата да имам и син и ќерка. На лик се многу слични, дури на моменти како близнаци, а во карактерот се многу различни. Многу се мали да зборувам за нивните интереси, но ако уште отсега се гледа, Софиа ќе биде балерина, а Михаел ИТ менаџер. Тоа се моите прогнози (се смее). Важно е да се живи и здрави. Што и да работат во животот да биде од љубов, да бидат задоволни и духовно и материјално.
Женски Магазин - Сè повеќе естрадни уметници неизвесноста која ја носи комерцијалната сцена ја заменија со сигурно работно место. Колку време сте хорист во МОБ и кои се Вашите амбиции кон класичната музика?
Елена- Во Македонската опера и балет сум веќе десет години. Точно е дека многу уметници заради несигурниот статус и климавата атмосфера одбираат и сигурна основа. За среќа, мојата примарна работа е уметничка, па не ми претставува напор. Напротив. Како пејач на класична музика амбициите одамна ми се намалија. Иако како мецосопран имав доста понуди и можности да студирам и да пеам надвор од државата, сепак нешто ме одвлече од таа насока, очигледно не требало да биде.
[caption id="attachment_5286" align="aligncenter" width="636"] Софиа на 2 септември го прослави првиот роденден[/caption]
Женски Магазин - Во една прилика изјавивте дека на ноќните настапи имате поголема слобода во музицирањето, импровизирањето и репертоарот. Како успевате да ги усогласите семејните обврски со ангажманите кои подразбираат нарушен биоритам?
Елена- Свирките ми се канализирање на енергија, се чувствувам опуштена, слободна и своја. После второто породување договорив повеќе настапи однапред и не бев свесна дека во овој период со две мали деца не е воопшто лесно да ја усогласам работата со домашните обврски. Затоа, сега сум повеќе дома и уживам во секој момент поминат со нив. Тековните интервјуа и фотосесии ги закажувам во текот на денот додека Михаел е во градинка, а Софиа со дадилката.
Женски Магазин - Сте се соочиле ли со некоја непријатна ситуација на Вашите свирки?
Елена- Нашата работа е поврзана со чести патувања, среќаваме луѓе со различни карактери, па освен убави имало и непријатни моменти. Со текот на времето и искуството ја научив психологијата на луѓето и вешто избегнувам тензични ситуации.
[caption id="attachment_5287" align="aligncenter" width="634"] Михаел оди во градинка, во јануари ќе наполни три години[/caption]
Женски Магазин - Најавивте нов проект со „Импакт продукција“. За каков рефрен станува збор?
Елена- Снимив дует со мојот драг колега и пријател Дарко Јовановски кој ме покани да гостувам на неговиот деби-албум. Тој е во тимот на „Импакт Продукција“, прекрасни талентирани музичари со кои ќе соработувам и во иднина. Во проектот партиципираат уметници од Велес, Прилеп, Тетово и од Мичиген. Навистина сме уникатна екипа.
Женски Магазин На годинашниот „Макфест“ се натпреварувавте со песна на шведско дуо кое дебитираше на штипскиот фестивал, а стиховите за темата „Нешто“ се дело на Вашата колешка Елена Ристеска. Како се случи оваа интересна соработка?
Елена- Близначките Илва и Линда Персон песната ми ја понудија по препорака на Даниел Стојадиновиќ, мој пријател од Виена кој е менаџер на повеќе пејачки со интернационална кариера. Соработката со Елена се случи спонтано. Ме слушнала на еден од моите настапи како изведувам тема од мојата омилена пејачка Алиша Кис, многу ѝ се допаднало, па добила инспирација и идеја да ми направи песна. Морам да ја пофалам, има огромен талент за продуцирање и пријатно сум изненадена од посветеноста и од професионалноста.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов