Интервју Иванна Хаџиевска: Министерство за среќа е мојата амбиција!

Добивај вести на Viber

Насмевката е украс на нејзиното лице. Секогаш. Истрајна во правдината за послабите и немоќните, да го добијат заслуженото во нашето општество. Енергично чекори во светот на својата професија. Ја паметиме како убава, харизматична и секогаш расположена од телевизискиот екран. На телевизија А1 остана лојална до самиот крај. Сака музика, прошетки. Ги сака и животните. Како дете сонувала да стане ветеринар.  Во својата динамична агенда, прекрасната Иванна Хаџиевска успеа да најде време и за нас.  Еве што ни раскажа:  Женски Магазин Кого го сметате за гуру во вашата професија?

Иванна Во мојата професија не постои таква личност, луѓето кои го работат ова се невидливи“, но работата, посебно грешките и тоа како се гледаат. Сепак заемното разбирање со личноста за која работиме е од исклучителна важност, во спротивно не следењето на протоколарните насоки или каприц и суета, се одразува на целосната слика на политичарот.

Покрај личниот габарит на политичарот, гледајќи го односот, движењето, гардеробата и сè останато, сметам дека Макрон, Трудо и Руте имаат успешен протокол, и Заев, се разбира. :

Женски Магазин Каков е премиерот Зоран Заев како ваш надреден?

Иванна Надреден“ е погрешен збор, преферирам да кажам дека е прв во тимот, бидејќи никогаш не се поставил така за некој од нас да почувствува хиерархија. И покрај важноста на функцијата што ја има, обврските и одговорностите, остана ист, непосреден, близок со луѓето, многу поразличен од политичарите на кои навикнавме.

Женски Магазин  Вашата агенда е прилично набиена. Како изгледа еден работен ден на Иванна? Кога завршува работниот распоред?

Иванна Аларм, ладен туш за освестување, свежо цеден сок, смс пораки, бадеми, телефонски повици, чај, велосипед, мејлови, агенди, високи потпетици, состаноци, јаболко во лет, авионски билети, книги, вода, луѓе, трчање, разговори, возила, организации, задолжителна средба со убави лица и размена на реченица, две, три, за да ја променам положбата на неудобност од официјалната картонска кутија… игри со кучињата, со другарките, домашни обврски, подготовки за утре, сопруг… и ми се чини дека 24 часа ми се малку.

Женски Магазин Велосипед или автомобил, што е ваш избор?

Иванна Велосипед

Женски Магазин Како ја дефинирате љубовта? Што според вас е пресудно за пеперутките во стомакот?

Иванна Ми се чинеше дека ги убив пеперутките уште пред многу години, но еве ги, прелетуваат од време - на време за да ме потсетат дека ми е убаво.

Женски Магазин Колку во името на љубовта, понекогаш ја намалувате својата брзина?

Иванна Никогаш, дури нагазувам појако за да стигнам сè да направам за љубовта.

Женски Магазин  Која земја посакувате да ја видите, а досега не сте ја вклучиле во вашите патувања?

Иванна Сакам прошетки низ Аргентина, музика, танго, да ми зборуваат шпански, да ме смеат. Сакам во Бутан, единствената земја која има Министерство за среќа, каде не убиваат животни, не јадат месо, не ги сечат шумите. Сакам во саваните во Африка, меѓу сиот тој див свет да го пуштам адреналинот на најјако.

Женски Магазин Често споделувате фотографии од храна на социјалните мрежи. Кое е вашето омилено јадење?

Иванна Сите кои ги пробале ги обожаваат моите јадења, во кои задолжително ставам зачин љубов. Во нашиот дом постојано има нешто зготвено или тазе сукано и испечено. Исхраната ми е исклучиво веганска и тоа е приближно сè што барам за да уживам во својот оброк.

Женски Магазин Сакате да готвите?

Иванна Готвам и сакам да готвам, без домаќински притисоци. Влатко ми е одличен партнер и во кујната.

Женски Магазин А1 за вас е само убав спомен или?

Иванна А1 за мене е животна лекција.

Женски Магазин Дали работа на телевизија беше вашиот сон како дете?

Иванна Не. Кога бев мала сакав да бидам ветеринар и морам да признаам дека денеска ми е многу жал што не си го остварив детскиот сон, но секојдневното помагање на бездомните животни, сè уште ми ја одржува поврзаноста меѓу желбата и реализацијата.

Главната професија низ дома кога на четири години научив да читам и пишувам, ми беше „читање вести“ од картончето од хулахопките на мајка ми, инаку А5 формат како на права спикерка, на кое со омилената розева боичка пишував исклучиво политички вести.

Женски Магазин Кои се целите кои си ги поставивте за следната година?

Иванна Ах, од цели, мислам само на таа желбата за шетање во Аргентина, ама едно 5-6 приоритети најбезобразно ќе се бутнат на списокот и упорно ќе трепкаат додека не заборавам дека сум ја посакала Аргентина.

Женски Магазин  Како според тебе треба да изгледа еден современ политичар?

Иванна Разоружан од предрасуди, маркантен, паметен и елоквентен, убаво исчешлан и намирисан, со точен број одело. Без стереотипи. Фин, стокмен фраер со убава позадина.

Женски Магазин Во која насока сакаш да се движи твојата политичка кариера?

Иванна Амбициите ми ја носат стрелката нагоре, но со усул. Си знам јас колку можам и кога можам. Сè уште се борам со докторските студии да одат или да не одат“, но најголемата желба ми е успехот на проектот „Будење“.

За градење на политичката кариера имам интерес во неколку области, но сметам дека е сè уште рано за мое директно учество.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска

Фото: Елена Фидановска

Стајлинг: Кокев