Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ КАТЕРИНА ПОПОСКА: Новинарството нема цена, ја напуштив Македонија и не планирам да се вратам!
Патот во медиумите го започна во редакција за забава. Љубовта која ја почувствува и ја обезбеди конекцијата со оваа професија. Таа беше дел од најамбициозната постава на телевизија Алфа, но и дел од бизнис профилираниот магазин „Капитал“, подоцна и во порталот „Фактор“. Медиумското сивило ја натера да донесе нова одлука и да замине од Македонија во потрага по нови животни предизвици. Сега е во Дубаи, со можност постојано да патува, благодарение на работата која ѝ откри нови хоризонти. Катерина Попоска за Женски Магазин ни раскажа за својата приказна кога беше дел од медиумите во Македонија, но и за убавите мигови кои ги доживеа по одлуката да замине од Македонија
Женски Магазин Што беше пресудно за вас да ја напуштите медиумската фела во Македонија?
Попоска Повторно да се родам – ќе изберам новинарство и тоа не ми е инстант одлука. Тоа сум јас, новинар во срце и душа, тоа ми е длабоко под кожа. Дури и во сегашната сосема нова и различна професија размислувам и реагирам со мојот новинарски инстинкт¸ а и моето 20-годишно медиумско искуство (радио¸ТВ и печатен медиум) е повеќе од сериозен период, ангажман и страст посветена на оваа професија. Не би ја преценила тежината на зборовите ако речам дека новинарството ми стана животен стил, но да, околностите под кои требаше да работам во последните години, сета девалвација на професијата и на нас новинарите, цензурите, автоцензурите, заплашувањата и силните притисоци да не се објави вистината, беа повеќе од доволно да заминам и тогаш кога сакаш да останеш. Со новинарството созреав, научив многу, се спознав себеси и ги подигнав и моите лимити и трпение. Но, не сакав и не можев да ја прескапо да ја плаќам и компромитирам мојата личност и професионалност, само затоа што љубовта и страста кон новинарството е огромна. Сакав моите колеги, соработници и публика да ме паметат како одличен НЕПРИСТРАСЕН новинар. Одбивав да кажам дека белата пластична чаша е затемнето стакло. Сфатив дека морам да ставам крај или мирување, но да останам доследна на себеси и на она како јас ценам дека треба да се работи оваа професија – исклучително убава и заразна.
Женски Магазин Дали новинарството во Македонија веќе го изгуби сјајот?
Попоска Според моите вредности и репери-да, тоа се случи и трае прилично долго. Јас навистина млада почнав сериозно да се занимавам со новинарството. Бев и многу посветена. Како што велат: вистински новинар е новинар 24 часа. Така и беше. Доказ за тоа како пристапив и живеев со професијата беше и мојата позиција како заменик одговорен уредник во најголемиот економски магазин и весник во Македонија. Но, токму тогаш кога почувствував дека новинарството нема повеќе сјај во Македонија, дека квалитетот се девалвира за сметка на аматеризмот и политичката обоеност и дека повеќе не сум среќна работејќи го тоа во тие околности - решив да отворам сосема ново поглавје во мојот живот и да не дозволам времето и можностите кои ми стојат на патот да ми се лизнат низ раце. Љубовта и страста кон новинарството не се и никогаш нема да исчезнат или да бидат заменети. Дури и се забележува со колкава страст зборувам за новинарството, нели?
Женски Магазин Како се чувствувавте во моментите кога ја носевте својата одлука? Имаше ли страв, неодлучност или едноставно пресековте?
Попоска Сакам предизвици, авантури, нови почетоци. Но, животните шанси не се случуваат секојдневно. Треба да се препознаат и зграпчат. Заминувајќи од новинарството, но и од мојата татковина, оставајќи семејство, пријатели, љубов и спомени никогаш нема да биде едноставно и лесно. Но, јас се чувствував како птица во кафез во Македонија во последните неколку години. Знаев дека можам и знам многу повеќе да дадам и направам, на личен и на професионален план. Желбата да се иселам од Македонија тлееше неколку години-само ја чекав вистинската шанса. И ја дочекав. Се појави во време кога не бев сто процентно сигурна и подготвена да го спакувам мојот живот, емоции, а и големиот гардеробер и да заминам кон непознато. Но, јас не би била јас ако не загризам и одново не ги подигнам сопствените лимити.
Женски Магазин Ви недостига ли новинарството на моменти?
Попоска Да, многу често. Мојата љубов кон новинарството тлее, но не е изгасната, и нема. Новинарството беше мој сон, ми се инфилтрира во еритроцитите и нема лек за тоа ми се чини хахаха. Но, животните етапи и шанси отвораат нови хоризонти и предизвици. Едноставно треба да се знае кога е доста и каде треба да се стави точка и повторно да се живее секојдневието со полна страст и среќа. Всушност, тоа е и смислата на животот…
Женски Магазин Колку сте среќна сега надвор од Македонија? Како се адаптиравте на новите работни предизвици?
Попоска Ако среќата се мери според сјајот во очите, широчината на мојата насмевка и енергијата која ја имам со секој следен ден, тогаш можам да признаам дека одново ми се врати природниот сјај. Од моите најблиски добивам коментар дека им блескам хахаха. Среќна сум со работите, живеам животот со полна пареа и заспивам среќна. И сум благодарна за сето тоа.
Отворив ново поглавје во животот, сосема различно од претходно. Веќе речиси две години работам како стјуардеса за една од најголемите светски авиокомпании со седиште на Блискиот Исток. Природата на работата е динамична. Бара посветеност. За краток временски период се менуваат климатски услови, часовни зони, температури и континенти. Мора да сум во одлична здравствена кондиција. Немав проблем со адаптација на нова средина, менталитет и луѓе. И овде се пронајдов себеси и уживам во секоја секунда.
Женски Магазин Постои ли разлика во толкувањето и практикувањето на професионалните стандарди тука во Македонија и таму каде сте сега?
Попоска Живеам и работам во Соединетите Арапски Емирати, сосема различно уредување одошто во Македонија. Сами по себе некои работи се поинакви и различни, оттука и новинарството. Но, не можам да речам дека има различни стандарди. Овде се работи многу професионално. Стандардите и професионалноста се на високо ниво, има одлични услови за работа.
Женски Магазин Имате ли други колешки од Македонија?
Попоска Да, имам. Релативно мал е бројот на Македонци кои работиме во истата компанија, така што повеќето и се познаваме и дружиме. Јас сакам да создавам и градам пријателства, без предрасуди. Меѓу најблиските ми се луѓето од Балканот. Сличен менталитет, вредности и храна •
Женски Магазин Тешко ли беше да се најде работа?
Попоска Мојот пример покажа дека јас ја добив работата која ја посакував и чекав после 3 години обиди и патувања за да се појавам на интервјуа надвор од Македонија. Но, пред себе имав цел и знаев каде сакам и што сакам да бидам. Сакав да работам во светска компанија која е на врвот. Често пати се шегувам со моите пријатели да внимаваат што посакуваат, затоа што можеби желбите и ќе им се остварат еден ден.
Женски Магазин Има ли мигови кога посакувате да сте дома?
Попоска Морам да бидам искрена дека Скопје и Македонија воопшто не ми недостигаат. Ми недостигаат моите родители и некои блиски пријатели. И толку. Јас полека почнувам да пуштам корени овде. За сите убави и значајни моменти и празници се обидуваме да бидеме заедно со мојата фамилија, но некаде на меѓу-територија. Уживаме во близината и нашите моменти, но некаде далеку од Македонија. Светот е голем и убав, па зошто да се ограничуваме на нешто веќе видено хахаха. Секако дека доаѓам во Скопје, но не толку често.
Женски Магазин Посакувате ли да се вратите назад?
Попоска За овие речиси две години колку што сум во Емиратите во ниту еден момент не провеа чувството дека сакам да се вратам во Македонија. Заминав на подобро. Имам подобар квалитет на живот и среќна сум. Сакам сонце и море и патувања… Единствено што посакувам е ова чувство да потрае… хахаха
Женски Магазин Што се смени кај вас, по заминувањето од Македонија?
Попоска Не сум имала прилика до сега да живеам сама и далеку од дома. На почетокот ми беше по малку чудно, но Дубаи е градот во кој јас се заљубувам секој следен ден, се повеќе и повеќе. Мојата енергија се надополнува со онаа на градот. Сите предизвици кои ми се случуваат, секако дека ме градат како личност. Не можам да речам дека сум се променила, но свесна сум дека значително еволуира во ставови и гледишта, во спознавањето себеси и тежнеењето кон личната среќа. Времето ми е скапоцено и внимавам како и со кого го поминувам.
Женски Магазин Новинарство сега, доколку добиете понуда? Да или не?
Попоска Дубаи ми ги подигна стандардите хахаха. Би се вратила, да. Веќе многу пати кажав дека тоа ми е прва љубов и моја официјална професија, поткрепена со универзитетска диплома. За одлична понуда со високи професионални стандарди и услови на работа, апсолутно без многу двоумење. Еднаш новинар-цел живот новинар. Но, и да не и се вратам повторно на професијата, сигурно дека во подоцнежните зрели години ќе ги пишувам и објавам своите Мемоари…
Женски Магазин Има ли време за љубов и дружење?
Попоска Секоја коцка од мозаикот е важна за среќа, зарем не? Хахаха. Сакам да сум опкружена со позитивни луѓе. Дистинкција меѓу професијата и приватниот живот има, но доминантно моите колеги се и луѓето со кои најчесто го поминувам слободното време.
Женски Магазин Често патувате. Дали тоа е убавата страна на вашиот нов ангажман?
Попоска Можеби и најубавата. За безмалку две години посетив повеќе од 60 различни дестинации, стапнав на сите континенти. Патувам на познати и за некого не толку познати, но извонредни делчиња од земјината топка. Се воодушевувам на природа, архитектура, храна, разговор со мештани… Патувам и на места кои не се толку богати, места каде што луѓето немаат шанса да се образуваат и да си дозволат дури и елементарни услови на живот. Тоа ми ја буди сопствената интроспекција и ме поттикнува на подлабоки размислувања. Патувам навистина многу, но истовремено сум и амбасадор на Македонија хахаха. Страсно зборувам за Скопје, Охрид, Маврово пред луѓето кои ќе ме прашаат каде е таа држава, што можеме таму да очекуваме. Раскажувам за нашето квалитетно сирење, кашкавал, мирисот на овошјето, зеленчуците и зачините. Комплименти давам и за стилот, темпераментот и изгледот на Македонците хахаха.
Женски Магазин На кого најчесто помислувате, надвор од Македонија? Кој ви недостасува најмногу?
Попоска Предвидлив е веројатно мојот одговор. Моите родители и сестра ми без сомнение. Секако и најдобрите мои пријатели кои се бројат точно на една рака и за кои далечината, временската и просторната бариера не е причина да се изгуби блискиот и искрен однос. Тие се моето сѐ, мојата есенција. Се останато е само надградба на стабилната основа. Често пати блиските ми велат, ајде врати се, дојди си. Но, веднаш потоа сами си одговараат: таму си среќна, зрачиш, зошто би се враќала овде. Но, јас овде ја продолжувам мојата приказна.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска
Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин