ИНТЕРВЈУ МАРКО СЛАТКАРИСТИКА: „Да полетам“ ја пеам за мојот покоен татко

Добивај вести на Viber

Со Сања живееме 6 ипол години заедно, Иноватива постои 5 ипол години, а во брак сме 3 ипол години. И пак, секој ден после работа се чекаме дома да се прибереме, да се видиме и да си муабетиме. Тој е феномен откако се појави на македонската музичка сцена. Рапува од срце, раскажува без цензура, пцуе гласно и критикува без страв. Околу Марко Маринковиќ - Слаткар за брзо време се создаде еуфорија. Го обожаваат тинејџерите, а сега веќе им стана симпатија и на нивните родители. Од пред три ипол години, Слаткаристика е среќно женет човек, со неговата менаџерка и соработничка, поранешна Мис на Македонија Сања Николиќ. На неговата Сања, тој и ја посвети песната „Кажи да“. Со неа ја побара за жена, а го изиграа и првиот танц на свадбата. Покрај сите вистините приказни во неговите текстови, како најемотивен остана да се помни оној од баладата „Да полетам“. „Горд сум на успехот, чале ми е домец. Немал ни мајка ни татко, рамо за плачење, совет. Понекогаш сум среќен за мојот топол дом, со Че го имаме она што никогаш го немал он“, се дел од стиховите во оваа песна. Слаткар за „Женски магазин“ зборува за неодамнешната успешна македонско-бугарска турнеа One love, новите песни, за Сања, но и за тоа дека песната „Да полетам“ секогаш ќе биде приказна за татко му, кој неодамна починал. Женски Магазин Се чини дека во песната „Мани“, ги исмејуваш новопечените квази-бизнисмени. За кого раскажуваш во песната? Слаткар Споредбата помеѓу „Money“ и „Маани“ ги тера да ги замислува луѓето што важат за Убави луѓе, на тоа какви би биле кога би немале пари. Никого не исмејувам, но сметам дека е жално кога ќе видиш дека првите фини пари што ги заработил некој, ги инвестира“ во мноогу добра кола. Женски Магазин  Каква улога глумиш во бугарскиот филм „Привлечност“, какво искуство носиш од снимањата и дали ќе може да те гледа и македонската јавност? Слаткар  Во филмот се глумам самиот себе како Слаткар, другар на главниот лик. Имам настап во клуб и неколку реплики. Супер искуство, одлична и професионална екипа, а за мене чест што од толку добри артисти во Бугарија, режисерот и продуцентите одлучија јас да ја направам носечката песна на Привлечност. Мислам дека ќе игра и кај нас крај на февруари. [caption id="attachment_3633" align="aligncenter" width="844"] Најчесто сум јас тој што утињам, а Сања е секогаш во право. Тоа значи дека неколку дена по ред јас ќе фрлам ѓубре. - Слаткар и Сања во предсвадбената фотосесија[/caption] Женски Магазин Со каква порака е твојот претходен голем хит Терориста? Слаткар Во главно песната е игра со зборови како и секогаш, но скриената порака е љубовта која не познава граници и се случува меѓу две завојувани страни. Женски Магазин Како настануваат твоите песни, кога најчесто ги пишуваш, што те инспирира најмногу? Слаткар Инспирација е секојдневието и може да настане од најмала глупост, до длабока мисла или чувство. Порано беше многу важно да го живееш тоа што го пишуваш, но со текот на годините се повеќе мислам дека се е работа. Најчесто пишувам во мир, а тоа е увек после 2 сабајле. Женски Магазин  Кој прв ги слуша и ти дава мислење за песните? Слаткар Веројатно Дарко, Иван, Јован, па Сања. Сега сфаќам дека сум ја утнал мојата таргет група до 25 години, затоа што сите они се со над 30. Женски Магазин На Сања и ја посвети „Кажи да“, и со таа песна ја побара за жена. Има ли и други песни што се за неа, и некои што допрва ќе дојдат? Слаткар Има неколку што се само за неа, но не се за у етер. А има и такви што сум ги пишал за неа, а важат за сите сакани девојки/жени. Женски Магазин  Зошто си најсреќниот човек на светот што ја имаш Сања, и обратно зошто е таа најсреќна со тебе? Слаткар  Затоа што може да ме трпи и затоа што можам да ја истрпам. Затоа што имам сѐ што ѝ недостасува и има сѐ што ми фали. Женски Магазин  Сања е во улога на твој менаџер и соработник како дел од „Иноватива груп“, како го одделувате приватното и работното? Слаткар Тоа е добро поминат тест. Ние живееме 6 ипол години заедно, Иноватива постои 5 ипол години, а во брак сме 3 ипол години. И пак, секој ден после работа се чекаме дома да се прибереме, да се видиме и да си муабетиме. Женски Магазин Претходно имаш изјавено дека вие двајца сте како црно и бело. Во што сте толку различни и што е она што најмногу ве спои? Слаткар Точно, како ден и ноќ сме, но нели,-мора да се стемни за да се раздени. Различни сме, но си имаме потреба еден од друг и се надополнуваме. Иначе и двајцата сме лав во хороскоп, а од скоро дознавме дека и двајцата сме бик во подзнак. Па ти сега види. Женски Магазин  За што најчесто се карате и како се искупуваш ако згрешиш? Слаткар Најчесто сум јас тој што утињам, а она е секогаш во право. А каранците се за далечинското дека не е на место, дека светлото не е угасено, или вратата од соба не е затворена. Тоа значи дека неколку дена по ред јас ќе фрлам ѓубре. [caption id="attachment_3631" align="aligncenter" width="817"] Сања може да ме трпи и затоа што можам да ја истрпам. Затоа што имам се што и недостасува и има се што ми фали[/caption] Женски Магазин Дали си задоволен од тоа како помина турнејата „One love“, на која заедно со Тони Зен, диџеј Гоце Саф и неколку бугарски хип-хоп музичари настапувавте во Македонија и во Бугарија? Каде имавте подобар прием? Слаткар  Многу сум задоволен и како артист и ние, „Иноватива“ како продуценти. Овој проект е само почеток, кој ќе препознае-ќе види дека се отвора нов пазар и за двете страни. Патот е изоден, сега треба да се работи на теренот. Со „One love“ докажавме дека има публика и интерес. Се гледаме во 2018 година. Женски Магазин Можеш ли да ја споредиш македонската поп и хип-хоп сцена со бугарската, и каква е според тебе состојбата во музиката кај нас моментално? Слаткар Кај нив цвеќето цути, а ние уште не знаеме од каде да го купиме семето за да посадиме убави билки. Ни недостасува креативност, новитети, свежа сцена. Женски Магазин  Поради твојата шармантна говорна мана порано поретко се појавуваше по телевизиите. Сега ми се чини дека веќе го надмина тоа и почесто те има. Како го објаснуваш феноменот дека побавно зборуваш а побрзо рапуваш? Слаткар  Порано не ме викаа толку да гостувам поради тоа што се плашеа да не пцујам у сред разговор. Ваљда сум сега повозрасен и попристоен. А тој феномен се вика ритам. Кога има бит, за мене нема стоп. Женски Магазин  Како е твоето семејство, мајка ти, татко ти, брат ти? Дали сега откако сте успешни и ти брат ти, приказната од песната „Да полетам која зборува за едно семејство кое едвај врзува крај со крај, не е приказна за твоето семејство? Слаткар „Да полетам“ секогаш ќе биде приказна на моето семејство. „Да полетам“ е наша приказна, но мотивација за секој човек што сака да успее. За мене, една од песните што сега кога ја исполнувам, од срце, со огромна љубов ја пеам за мојот штотуку покоен татко. За сè она на што ме научил и за тоа каков човек направил од мене. За Женски Магазин,  Милица Џаровска   Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин