Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ МЕРСИХА ШУКРИ-ХАРФИСТКА: Долги години штедев за харфа
Уште кога почнав да учам да свирам, имав одлука дека ако еден ден купам харфа, ќе биде голема концертна. Тоа значеше и долгогодишно штедење. Харфата ја купив во Италија и знам дека бев воодушевена и маѓепсана од глетката на толку многу харфи на едно место. Зависно од големината, намената и рачната изработка на самата харфа, цените се движат меѓу 2.500 евра за мала (келтска) харфа па сè до 100.000 евра за голема концертна харфа со позлата
[caption id="attachment_8553" align="aligncenter" width="480"] Во 2008 година за првпат ја претстави Македонија со учество на 10. јубилеен светски конгрес за харфа во Амстердам како дел од најголемиот и најдолг оркестар од харфи и влезе во Гинисовата книга на рекорди. - Мерсиха Шукри[/caption]
Мерсиха Шукри е првиот студент по харфа во Македонија, и прв дипломиран харфист на Факултетот а музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Лејла Урманова од Русија. Својата лична харфа ја купува дури по дипломирањето, и вели дека за еден толку скап инструмент штедела долги години. Тоа не ја поколебало посветено да работи на усовршувањето, вежбајќи во Македонската опера и други институции. Скромна е и упорна да успее во својата работа, добитник е на повеќе републички и меѓународни награди. Магистерски студии завршува во Белград во класите на професорите Милица Бариќ и Љиљана Несторовска како прв магистер во Македонија. Се усовршувала на мајсторските курсеви кај интернационални солисти и професори по харфа, а има настапувано на сите позначајни домашни музички манифестации, како и во повеќе европски земји. Во 2008 година за првпат ја претстави Македонија со учество на 10. јубилеен светски конгрес за харфа во Амстердам како дел од најголемиот и најдолг оркестар од харфи и влезе во Гинисовата книга на рекорди. Како почесен гостин, следната година учествуваше во Израел на најголемиот натпревар за харфа. Во 2014 година ја имаше честа да одржи концерт на Вториот интернационален фестивал на харфа во Загреб, токму на празникот 24 мај „Св. Кирил и Методиј“, со дела на македонски автори. Член е на светската асоцијација на харфисти и коресподент за Македонија и работи како солист во Македонската филхармонија.
Женски Магазин - Кога и во кој момент се вљуби во харфата и реши дека таа ќе стане дел од твојата професија?
Мерсиха - Сосема случајно на почетокот на средношколските денови. Имаше еден информативен час на кој харфата се претставуваше од страна на две руски харфистки. Иако претходно учев пијано, не се пронаоѓав како пијанист. Но затоа харфата ми разбуди една нова визија каде се пронајдов целосно. Таа не беше застапена во образовниот систем претходно и можеби мојата желба за нешто ново, авантуристичкиот дух, нејзиниот племенит звук беа пресудни да се вљубам во неа и започнам едно ново патешествие.
[caption id="attachment_8558" align="aligncenter" width="640"] Не знам зошто на харфата се гледа како женски инструмент, можеби заради нежниот звук.-Мерсиха со мајка и[/caption]
Женски Магазин - Паралелно заврши средно училиште во МБУЦ и во гимназијата Јосип Броз. Ти беше ли тешко, и дали имаше ситуација кога си сакала да се откажеш од едното: гимназијата или музиката?
Мерсиха - Ќе излажам ако кажам дека не беше тешко. Најпрво се запишав во гимназија, решена дека нема да се бавам професионално со музика. Но за некој месец подоцна се случи тој информативен час кој беше пресуден за да се запишам и во МБУЦ. Имав желба да стекнам што повеќе знаење од различни области и затоа моја желба беше да учам во две средни училишта. Имаше безброј ситуации кога не можев физички да постигнам имајќи предвид дека во гимназија има безброј книги за читање, домашни задачи, целата програма е пообемна. Од друга страна, стручните предмети во музичкото бараат исто така време за усовршување, посебно вежбањето харфа по институциите, затоа што немав своја. Но секогаш наоѓав сила и поттик за да се изборам со предизвиците.
[caption id="attachment_8556" align="aligncenter" width="206"] Моите студентски денови беа еден голем експеримент за сите. Во тоа време, харфата како нов отсек на ФМУ, немаше план и програма по која ќе се работи, ниту инструмент. - Мерсиха на настап[/caption]
Женски Магазин - Ти си прв студент на отсекот харфа на ФМУ. Како успеа да го завршиш факултетот, кога во тоа време немаше инструмент-харфа на ФМУ? Каде вежбаше?
Мерсиха - Моите студентски денови беа еден голем експеримент за сите. Во тоа време, харфата како нов отсек на ФМУ, немаше план и програма по која ќе се работи, ниту инструмент. До неговото доаѓање, вежбав во Македонската опера кога имаше можност за тоа. Дури кога факултетот набави харфа, бев ограничена со вежбањето затоа што стоеше во просторија каде се држеше настава или пак се заклучуваше во деканатот по завршниот испит па сè до новиот семестар. Гледајќи од оваа временска дистанца, сите овие препреки и предизвици ги гледам од друг агол. Ме направија поцврста и борец во целото патешествие наречено харфа. Како прв студент ги отворив вратите и поминав трнлив пат, но сигурна сум дека следните генерации немаа такви проблеми.
Женски Магазин - Долго време немаше ниту свој инструмент дома. Кога и каде ја купи харфата и ти беше ли тешко да работиш професионално без свој инструмент? Како се движат цените на харфите во Европа?
Мерсиха - Својата харфа ја купив дури после моето дипломирање. Дотогаш зависев од институциите за каков било настап или концерт. Уште кога почнав да учам да свирам, имав одлука дека ако еден ден купам харфа, ќе биде голема концертна. Тоа значеше и долгогодишно штедење. Харфата ја купив во Италија и знам дека бев воодушевена и маѓепсана од глетката на толку многу харфи на едно место. Зависно од големината, намената и рачната изработка на самата харфа, цените се движат меѓу 2.500 евра за мала (келтска) харфа па сè до 100.000 евра за голема концертна харфа со позлата.
Женски Магазин - Магистерските студии ги заврши во Белград, какви искуства носиш од таму, дали наставната програма е поинаква и дали за харфистите во Србија е полесно отколку кај нас?
Мерсиха - Имам многу позитивни искуства од Белград. Како метропола, пред сè ми понуди многу дружења со светски харфисти од кои научив многу. Што се однесува до наставната програма, таму харфата веќе е добро поставена и има многу генерации на харфисти кои делуваат.
Женски Магазин - Како е да се работи во новиот дом на Македонската филхармонија, ти пречи ли што политичките случувањата влијаат и на уметниците?
Мерсиха - Македонската филхармонија конечно доби свој простор каде може да работи. Новиот дом нуди повеќе можности за музичката уметност. Политиката, за жал, е длабоко навлезена во секоја област па и во културата со години наназад. Секако дека влијае и на уметниците. Но мислам дека најмногу се работи за интересот кој ги води нештата, посебно оној личниот.
[caption id="attachment_8557" align="aligncenter" width="640"] Татко ми, кој се пензионира во МОБ како водач на контрабаси, својата љубов ја дополнува преку мандолинскиот оркестар, едуцирајќи безброј генерации. Мојот брат пак, професор по виолина, му е асистент на татко ми, но многу успешно се покажува и како диригент на концерти. - Мерсиха со таткото Рамадан и со братот Ерхан[/caption]
Женски Магазин - Твојот татко Рамадан Шукри е познат музичар, основач на стариот и на новиот мандолински оркестар, а брат ти Ерхан е виолинист и диригент. Дали и ти свириш мандолина и дали си се колебала помеѓу пијаното, мандолината и харфата?
Мерсиха - Во моето семејство, секогаш се преплетувале различни музички нишки. Татко ми, кој се пензионира во МОБ како водач на контрабаси, својата љубов ја дополнува преку мандолинскиот оркестар, едуцирајќи безброј генерации. Мојот брат пак, професор по виолина, му е асистент на татко ми, но многу успешно се покажува и како диригент на концерти каде уметничката програма ја креира и создава самиот. И двајцата сме биле дел од мандолинскиот оркестар, јас на мандолина а тој гитара. Кога харфата се појави во мојот живот, го зазема приматот.
Женски Магазин - Кое е највредното нешто што си го научила од татко ти и од брат ти?
Мерсиха - Секогаш да бидам искрена и критична, најмногу кон себе. На неправдата да не реагирам емотивно. Да се изборам за своите права, не користејќи валкани средства и притоа не повредувајќи никого. Вистината и емпатијата да се присутни секогаш.
Женски Магазин - За твојата мајка, која е едниствена што не е музичар, велиш дека е столб на вашето семејство. Што мислиш, и беше ли тешко со тројца од иста професија која бара многу жртва и посветеност?
Мерсиха - Дефинитивно. Нашата најголема поддршка. Таа е нашиот музички критичар, секогаш знае кога сме отсвиреле, настапиле убаво или не. Присутна е од самиот почеток на сите тројца, ги поминала сите подеми и падови со нас. Сите наши стресови ги живее и ден денес, но и најмногу ја чувствува радоста. Секогаш е тука за совет, посебно оној визуелниот, модниот.
Женски Магазин - Харфата некако важи за женски инструмент, зошто е тоа така? Познаваш ли колеги харфисти, и може ли да се генерализира на светско ниво, поуспешни се мажите или жените кои свират харфа?
Мерсиха - Не знам зошто на харфата се гледа како женски инструмент, можеби заради нежниот звук. Но во светот постојат мажи харфисти кои се доста успешни и познати. Едни од најпознатите и најголеми композитори на дела за харфа биле мажи харфисти кои оставиле прекрасна литература. Мислам дека се рамноправни и двата пола по успешноста во светот на харфата.
[caption id="attachment_8555" align="aligncenter" width="639"] Мајка ми сите наши стресови ги живее и ден денес, но и најмногу ја чувствува радоста. - Семејството Шукри[/caption]
Женски Магазин - Дали сè уште подучуваш деца да свират харфа, има ли интерес од најмалите за твојот инструмент?
Мерсиха - Една од моите желби е да се приближи харфата до најмалите. Од таму и идејата да подучувам деца да свират харфа. На почетокот имаше поголем број на дечиња кои сакаат да учат, но обврската дека треба да вежбаат, го разредува тој број. Но секогаш има некое кое сака да посегне по жиците на харфата
Женски Магазин - Кои се твоите желби и цели за следната 2018 година?
Мерсиха - Најголема желба – здравје. Останатите желби, универзумот ги знае најдобро. Насмевката да ни ги краси лицата, а радоста да ни ја исполнува душата. Кога сето тоа ќе се зачини со музички ноти во хумани и исцелителни нешта, тогаш целта е исполнета.
За Женски Магазин, Милица Џаровска