ИНТЕРВЈУ НАДЕ ТАЛЕВСКА: Поп-сцената не ме заслужува

Добивај вести на Viber

Многу сум разочарана од валканите игри што се играат на поп - сцената, па затоа решив да се повлечам. Таа сцена не ме заслужува! Оние кои го сакаат моето пеење и ја почитуваат мојата работа, ќе имаат можност да ме гледаат и да ме слушаат на сцената на МОБ. Мислам дека не ја добив истата почит која јас ја оддадов кон таа сцена, во секој поглед Наде Талевска-Спасовска е еден од најквалитетните наши женски вокали во поп-музиката. Тоа го покажа со многуте фестивалски и ТВ настапи, ревијалните гостувања со домашни и светски евергрини, но и со промоција на сингловите кои се во помодерен ритам. Паралелно, Наде е сопран во Македонската опера и балет, позната по улогите на Лучија во операта „Лучија од Ламермур“ или Гилда од „Риголето“. Во интервјуто за Женски Магазин, таа зборува за предизвикот кој таа и сопругот Ненад, (проeкт менаџер) го имаат во грижата за трите синови Михаил (4), Максим (2) и Матео, кој има седум месеци. Открива и дека по настапот на „Макфест“ со песната „Приказна за нас“, реши да се повлече од поп-музиката и да и се посвети само на оперската сцена. [caption id="attachment_5029" align="aligncenter" width="649"] Во операта се враќав по вториот или по третиот месец по секое породување. Толку многу ја сакам својата професија, што немам трпение да чекам девет месеци за да се вратам на сцена - Наде во МОБ[/caption] Женски Магазин - Како ти изгледа еден обичен ден со трите синови, кој ти помага во обврските? Наде - Тешко е да се опише еден ден, бидејќи со три мали мили ѕверчиња секој ден е толку различен. Понекогаш и во екстреми. Околу чувањето на децата ни помагаат нашите родители, кога има потреба. Во принцип, кога е сопругот на работа ги чувам јас, кога јас сум на работа, татица одлично се грижи и се справува сам со нив. А кога сме во исто време зафатени, или имам некој настап на кој и Ненад сака да присуствува, тогаш влетуваат бабите и дедовците, а понекогаш и некоја од тетките. Среќни сме во тој поглед, и бескрајно благодарни, затоа што сепак имаме можност и двајцата да се сконцентрираме на нашите кариери. Женски Магазин - Уште колку часа во денот ти фалат за да стасаш да направиш сѐ? Наде - Благословена сум што имам таква професија па ми дозволува да најдам време за се. Не се чувствувам како да ми се потребни плус часови. Имам време за себе, за работата, и најважно од се, за семејството и за домот. И како што спомнав и претходно, без помошта од нашите родители, брат и сестра и без безрезервната поддршка од сопругот, кој е мојот столб и разум кога има потреба, неговата љубов, разбирање и почит кон мојата работа, мислам дека не можам да си го замислам животот. [caption id="attachment_5037" align="aligncenter" width="640"] Тешко е да се опише еден ден, бидејќи со три мали мили ѕверчиња секој ден е толку различен. - Наде со сопругот Ненад и со синовите Михаил, Максим и Матео[/caption] Женски Магазин - Со оглед на малата разлика во години, како Михаил, Максим и Матео се сложуваат меѓу себе, кој е најмирен, а кој најтемпераментен? Наде - О, ова е тешко прашање, хахаха. Тие се сè уште толку мали, што допрва ќе ги оформуваат своите карактери. Максим е дефинитивно најтемпераментниот, но е толку интелигентно створче, што секој ден ни приредува по некое изненадување, во секој поглед. Михаил е интересен со неговите реакции на нашите промени на расположение, а богами и на неговите. Има интересни моменти на лутење и негодување, на инаетење, но и на гушкање и галење, па затоа го доби прекарот-маче. Матео е сè уште бебенце, па кај него нема толку очигледни промени, но и тој е голема маза и го ужива секој момент на внимание што го добива од сите околу него. Како браќа ми се чини дека се доста сложни, во смисла, сакаат да си играат заедно Максим и Михаил, иако понекогаш има и тепачки околу некоја играчка, што е сосема нормално. И што е најважно, многу сакаат да ми помагаат околу Матео преслатки се кога тоа го прават. Женски Магазин - Познато е дека татковците се поврзани за ќерките. Дали твојот сопруг, а и ти посакувате да имате ќерка? Наде - Па, да. Имаше моменти кога дознавме за втората, па и за третата бременост, се понадевавме дека можеби е девојче, но сепак сме пресреќни со „производот“ на нашата љубов. Имаме три ангели што секој ден ни го прават посебен, преубав, пресреќен. [caption id="attachment_5034" align="aligncenter" width="651"] Ненад е прекрасен човек, пред сѐ. Го воодушевува секој кој ќе го запознае, како што ме воодушеви и мене на нашата прва средба, и како што ме воодушевува секој ден. - Наде со сопругот се подготвува за патување во Париз[/caption] Женски Магазин - Каков сопруг и татко е Ненад? Наде - Ненад е прекрасен човек, пред сѐ. Го воодушевува секој кој ќе го запознае, како што ме воодушеви и мене на нашата прва средба, и како што ме воодушевува секој ден. Од самиот почеток знаев дека, ако ништо друго, тој ќе ми остане добар пријател, па ете, ми стана најдобар животен пријател - животен партнер. А со самото тоа што е тој прекрасен човек, навистина е и одличен родител. Би можела да кажам само дека тој се снаоѓа подобро и од мене кога е сам со тројцата мускетари. Во многу наврати имам кажано, и никогаш нема да се изморам да го повторувам тоа дека сум благословена што го имам него покрај себе.   Женски Магазин - Колку вие двајца имате време за излегувања и социјален живот на само? Наде - Имаме. Свесни сме за сите предизвици што ги носи животот, особено околу децата, и затоа навистина го грабиме и го цениме секој момент што го имаме за нас. Излегуваме на ручеци и вечери, одиме на спа, излегуваме да се видиме со пријателите. Еве сега се собраа неколку поводи, па организирав за него, во сабота патуваме во Париз на романтичен продолжен викенд. Не е лесно да се одржи среќен брак, но ние полека но сигурно си го наоѓаме нашиот рецепт и се трудиме нашата љубов, не само да не се изгасне, туку и да расте. Сега за сега успешно ни оди тоа. Па, се надевам дека така и да продолжи. Женски Магазин - Дали го поддржуваш предлогот за зголемување на породилното отсуство на 18 месеци? Наде - Го поддржувам! Лично јас немам потреба од толку долго отсуство, но знам повеќе жени/мајки (а верувам и секој од нас знае по некоја) кои од различни, но важни причини им се потребни на своите најмили на подолг период. Женски Магазин - Дали си задоволна од тоа како беше организиран годинешниов Макфест, од музиката што ја понуди и твојот пласман и приемот на песната? Наде - Ах! Долго размислував дали да проговорам на таа тема. Организацијата како и секоја година си беше пристојна, немам некои критики околу тоа. Но што се однесува до мојот пласман и мојата песна, добив навистина разочарувачки информации. Но, за тоа во друга прилика. Ќе го одложам, но нема да го заборавам, затоа што решив дека јавноста кога тогаш ќе дознае се. Женски Магазин - Која ти е последна (актуелна), а која најдрага оперска улога што си испеала и дали ти фали оперската сцена? Наде - Актуелни си се секогаш улогите кои ги имам веќе отпеано: Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, Гилда во „Риголето“, Лучиа во „Лучија од Ламермур“, и се разбира она најактуелното, соло во „Кармина Бурана“. Имам спремено уште неколку нови, но поради оправдани причини морав да ги одложам за понатаму. Едноставно не беше вистинскиот момент за нив во тоа време. Но, бидејќи веќе се враќам полека на сцена, имам големи планови околу мојата кариера за во блиска иднина. Но за тоа, по тоа. А дали ми фали сцената. Мислам дека одговорот лежи во фактот дека на неа се враќав уште по вториот или третиот месец по секое породување. Толку многу ја сакам својата професија, што немам трпение да чекам девет месеци за да се вратам на сцена. Навистина уживам во својата работа и со нетрпение го чекам секој нов проект, нова улога. Женски магазин - Кој е твојот најголем оперски сон, и што е она за што си сонувала да го достигнеш во поп-музиката? Наде - Имам големи планови, цели и соништа на кои полека но сигурно почнувам сѐ повеќе да се посветувам и да работам на случајот - остварување на истите. Сакам да го видам светот и светот да ме чуе, затоа што мислам дека имам многу што да понудам. На поп - музиката не знам дали сакам да работам понатаму. Имав среќа да соработувам со најголемите имиња на таа сцена, како Копров и Масевски. За жал не успеавме да ја оствариме соработката и со Роберт Билбилов за која имаме разговарано во неколку наврати, но можеби и ќе се отвори во некоја нова прилика. Многу сум разочарана од валканите игри што се играат на таа сцена, па затоа решив да се повлечам. Таа сцена не ме заслужува! Оние кои го сакаат моето пеење и ја почитуваат мојата работа, ќе имаат можност да ме гледаат и да ме слушаат на сцената на МОБ. Женски магазин - Со оглед на твојот квалитетен вокал дали мислиш дека си достигнала доволна популарност во поп музиката кај нас? Наде - Не би можела да кажам. Не знам. Искрено, се што имам сработено до сега е со многу љубов и посветеност. Се чувствува тоа во секоја снимена и изведена песна. Никогаш не го правев тоа за популарност или награди и слично. Но, мислам дека не ја добив истата почит која јас ја оддадов кон таа сцена, во секој поглед. Освен голем број од колегите, со кои сме биле и останале пријатели и приватно. Не се лутам. Се разбира. Но кога тогаш, секој ќе го добие она што го заслужува и секој ќе си го најде своето место под ова небо, вака или онака. Женски магазин - Раскажи ми за брендот во плус сајз чије заштитно лице си, и со оглед на тоа дека брзо ги намалуваш килограмите, дали планираш да почнеш со некој специјален режим на исхрана? Наде - Покрај мојата досегашна соработка со Мила Кадриу и со Ивана Кнез, додека бев во Штип за Макфест, добив понуда од една од сопственичките на новоотворениот бутик „Хепи сајз“. Ми рече дека би сакала да соработуваме, односно, тие да ме дотеруваат за одредени прилики, а со тоа јас да ги промовирам нивните модели. Кога ги разгледав фотографиите од моделите, искрено се воодушевив и веднаш прифатив! Кога ги видов во живо и ги пробав на себе, ми беше тешко да излезам од продавницата, сакав се да си земам за себе! Имено, се работи за познат, многу квалитетен грчки бренд, „Мат“. Имаат парчиња буквално за секоја пригода. Од спортска варијанта, до класична како фустани и долги тоалети. 99 проценти од моделите во бутикот се правени како за мене (по мој вкус), а верувам дека и многу девојки и жени ќе се пронајдат во истите. Навистина и се радувам на оваа нова соработка и се надевам ќе биде успешна и ќе потрае. Што се однесува до моменталниот мој плус сајзсè уште не сум на никаков режим. Во моментов толку уживам во љубовта, во мајчинството и во период на доење, што сè уште не сум почнала да бројам калории и да се фокусирам на диетална исхрана. Но, секако ќе морам набрзо да се вратам во добра кондиција, ако сакам што побрзо да си ги остварам оние зацртани цели во поглед на кариерата. За Женски Магазин, Милица Џаровска