Интервјуа // Интервјуа
Интервју Сања Ристиќ: Им се восхитувам на жените лидери
Убава и ведра, динамична и лојална. Перфеционист и совршено организирана, како и секој кој астролошки им припаѓа на Девиците. Сака здрава храна и своите искуства за неа ги споделува. Спортот и е секојдневие. Искрена, секогаш. Дисциплината во пакет со убави вредности е алатка која ја користи како воспитна стратегија кон нејзиното синче. Денес разговараме со прекрасната Сања Ристиќ.
Женски Магазин - Сите имаме соништа како деца. Кој беше вашиот сон? Дали може да бидете пејачка, посебно затоа што како дете имавте убава музичка кариера?
Сања - Дааааа… најголемиот сон ми беше да пеам, поголем дел од денот поминував пред огледало со дезодоранс во рака замислувајќи дека е микрофон а музика ечеше низ цела зграда од нашиот стан •
Женски Магазин - А кој беше всушност Тоше за кој пеевте како дете? Се пронајдоа ли многу во песната?
Сања - Интересно беше што во моето одделение имаше всушност дете кое се вика Тоше, но тоа беше чиста случајност. Немаше конкретен лик со кого е поврзана песничката, но секогаш излегуваа некои интересни приказни за истата. Особено ми е драга последната приказна која ми ја кажаа пред некој ден, дека на Тоше Проески му била една од песните која знаел да ја запее и на концерти.
Женски Магазин - Како вие би ја опишале Сања во пет збора?
Сања - Лојална, динамична, темелна, позитивна, ведра…
Женски Магазин Сања, колку долго вежбате? Што ве натера да почнете?
Сања - Од мали нозе активно се занимавав со повеќе спортови, од атлетика, тенис, па до пливање, аеробик и пилатес. Брат ми од мали нозе се занимаваше со спорт па некако имаше големо влијание на мене. Бев исто така и професионален тренер по кик-фит 6 години, но, од пред неколку години поради останатите обврски продолжив да се занимавам со физички активности само рекреативно. Така да често можете да ме најдете во фитнес центар.
Женски Магазин - Поборник сте за здрав живот. Дали е тој мотивирано од вежбањето?
Сања - Со оглед на стресниот начин на живот како и лошите услови во кои живееме, како нечистиот воздух и загадената вода, сметав дека треба нешто да направам да придонесам за подобро здравје – да направам компензација • Така започнав да ја менувам исхраната, најпрвин станав вегетаријанец, па подобар период веган. Почувствував многу здравствени придобивки, па решив моето искуство и јавно да го споделувам. Сѐ што ќе најдам поучно, лековито или здраво и вкусно споделувам на мојот Инстаграм профил@sanjala la и сум многу среќна што секојдневно ме контактираат следбеници, кои ги применуваат овие совети. Редовно споделувам здрави рецепти, здрави навики и производи на билна база.
Женски Магазин -Како го негувате вашето тело? Посетувате ли салони за убавина?
Сања - Да посетувам, но само салони каде што има органска козметика, бидејќи не сум голем љубител на хемискиот состав. Најчесто ги посетувам за спортски масажи, бидејќи вежбањето кое ги затегнува мускулите мора да е пропратено и со соодветен дополнителен третман. Педикирот и маникирот ми се исто така неизбежни, а сето ова им го доверувам на професионалците од салонот „Мисс Ен“.
Женски Магазин - Кога би требало вашиот сопруг да Ве облече што би одбрал како комбинација •?
Сања - Еве му вртам да го прашам • … Ми рече нешто топло, ако треба и неговата јакна ќе ми ја даде • Па додаде дека секако сум му убава…
Женски Магазин - Каква е Сања како мајка? Дали сте попустлива или сакате дисциплина?
Сања - Во хороскоп сум девица, а тоа значи многу детална и организирана. Така да дисциплината си зазема лидерско место во нашиот дом. Се трудам Иан да го научам на убави вредности, да е воспитан правилно, да почитува и да дава голем акцент на љубовта. Толеранција постои, но не премногу…
Женски Магазин - А како партнерка? Што не би простиле, па дури ни поради љубов?
Сања - По природа сум многу директна и искрена без разлика дали се работи за мала или голема грешка, сакам да ја кажам вистината и тоа навремено. Неискреност во секоја смисла е тоа едно нешто што никако не можам да го прифатам–така да за истото нема простување.
Женски Магазин - Често патувате. Која е вашата омилена дестинација? И кое е местото кое посакувате да го видите?
Сања - Имам многу дестинации кои ми оставиле прекрасни впечатоци Париз, Њујорк, Амстердам, островите Санторини, Сардинија… Но, сепак најемотивно ја доживувам Виена бидејќи таму поминав 5 години од мојот живот за време на дипломските и постдипломските студии. Предновогодишно е најубава, па така оваа година планираме да ја посетиме тој период на неколку дена…
Женски Магазин - Со кој од вашите родители полесно со разбирате? Кој најчесто беше грбот на Сања?
Сања - Грбот биле и двајцата но мајка ми секогаш била построгата која не учела на ред, а татко ми оној кој ми попуштал. Во различен период од животот различен родител ми одговараше. Во детство и пубертет оној што ти попушта, а во позрели години оној кој те научил на вистински вредности.
Женски Магазин - Каков е односот кон жените лидери во Македонија?
Сања - Во последно време ми се допаѓа дека жените лидери си го оправдуваат заслуженото место, стекнуваат почит која и тоа како ја заслужуваат. Јас некако отсекогаш сум верувала и сум се воодушевувала повеќе на жена лидер со оглед дека жените умеат подобро да ги избалансираат професионалните емоции и многу подлабински да ги анализираат моментите, но секако ова е мое лично мислење, без навреда кон мажите кои секако дека и тоа како имаат успешни лидерски позиции.
Женски Магазин - Дали повторно би работеле во медиум?
Сања - Мојата струка е специјалист по маркетинг и во моментов работам во една доста интересна гранка, а тоа е hospitality, или кај нас некако по несоодветен збор угостителски маркетинг. Ми се допаѓа оваа работа, многу е динамична и креативна, па засега планирам да се посветам само на оваа грака.
Во однос на медиумите интересно е што константно ме канат на гостувања, па некако си доживувам дека е тоа некој знак дека во иднина којзнае… можеби повторно да се вратам во тие води со нешто интересно…
Женски Магазин - Кои се вашите цели кон кои се фокусирате?
Сања - Константно да работам на својата личност, да се трудам за позитивност кон себе и кон другите за да создадеме, колку што е можно, едно убаво општество во кое сите би си го сакале животот.
Женски Магазин - Која е најголемата желба за 2018?
Сања - Да не служи сите ДОБРО ЗДРАВЈЕ и да сме опкружени само со ЉУБОВ на сите полиња во животот! <3
За Женски Магазин, Вики Чадиковска