Интервју со Билјана Северинова: Правете го секогаш тоа што го сакате
Билјана Северинова е експерт за развој на бизнис и маркетинг, со над 15 години искуство на менаџерски позиции во различни индустрии во Македонија но и во Латинска Америка и Африка. Таа е и визитинг професор на Американ Колеџ во Скопје. Го пренесуваме интервјуто од Creative Hub
1. Вие сте личност со големо работно искуство, кажете ни нешто повеќе за тоа.
Зад себе имам 15 години работно искуство во областа на маркетинг, комуникации и развој на бизнис и тоа во комплексни организации и различни индустрии како: банкарство, меѓународна дипломатија и денес во фармацевтски сектор.
Едно од најинтересните искуства е она во Никарагва, кога како маркетинг менаџер во банка, требаше да спроведам кампања во земја без маркетиншка инфраструктура на радио, билборди, тв и ограничен интернет, и поттикнати од тоа јас и тимот моравме да иновираме алатки за директна комуникација и креираме социјални канали без интернет за да ги постигнеме бараните резултати.
2. Во рамките на Академијата за Маркетинг и ПР и Академијата за Графички Дизајн ќе зборувате за ,,Стратешко Брендирање,, што содржи овој курс?
,,Стратешко Брендирање,, звучи апстрактно, но ќе објаснам преку пример. Замислете дека слушате голем симфониски оркестар со стотина инструменти и треба да истакнете и внесете нов звук, без да ја нарушите хармонијата на мелодијата. Сакате звукот да биде запаметен и да предизвика позитивни реакции кај слушателите. Сакате слушателите да зборуваат за него и да се вратат на концерт за повторно да го слушнат. Како? Како изгледа тој процес, кои се начините да го направиме производот различен и посакуван, како да направиме убедителен план и економичен буџет за акционерите - е токму за тоа ќе зборуваме!
3. Какво е Вашето видување во поглед на Брендингот во Македонија?
Татко ми како студент редовно поминувал на ул Македонија каде биле наредени сите тогашни брендови: Чик, Борово, Герас Цунев, Југопластика итн, сепак застанувал и купувал чевли онаму каде има најмногу луѓе, небаре робата се дели, а бирал само величина оти имало само еден модел.
Денес на истата улица и на уште многу места во градот, има огромен избор на брендови. Најверојатно вие денес ќе одберете чевли од голем избор на различни модели, но во рамки на брендот за кој во Вашата свест има изградена позиција за естетика, квалитет, удобност и поволна цена.
Сè се брендира. Брендингот или симболиката може да донесе голем успех на еден бизнис, и тој дава придонес не само во визуелниот идентитет, туку и во неговата филозофија, менаџмент, вработени, процеси, кадровска хиерархија итн.
4. Каде сметате дека можеме да се развиеме и подобриме?
Сметам дека живееме во прекомуницирано општество на многу информации и натрупаност. Накратко, денес е помалку важно тоа што менаџментот и вашиот маркетинг тим мисли за производот, туку најважно што купувачите мислат за него. Треба да ве забележат и запаметат. Тоа е денес успехот на пазарот во 21 век.
Треба да се позиционирате во свеста на потрошувачот кој е презаситен со информации. Помалку е повеќе.
Новата генерација на македонски брендови носи едноставен, но не и помалкуенергичен дух кој е дел од нивниот бизнис успех / погледнете ги Монозеро, Креатив Хуб, Сквиз ми, Натура, Слоу Фуд - сосема кул, современо, модерно, соодветно.
5. Вашата брендирана реченица?
Правете го секогаш тоа што го сакате и уживајте во тоа што морате да го правите!