Интервјуа // Интервјуа
Интервју со Благица Трпковска: Ми се случија многу гадости, но нема време за паѓање!
Нашите жени се вистински херои. Да, таква е Благица, мајка на прекрасната Матеја.
Актерката која можеме да ја гледаме во театар, на филмското платно, во Македонските народни приказни, но и во низа проекти. Таа е личност која не го губи својот борбен дух за да биде вистински пример за своето чедо. Благица е личност која чекори и ги совладува сите предизвици, гордо со насмевка, не потклекнувајќи пред ударите на животните предизвици. Љубовта е нејзината дефиниција.
Благица Трпковска денес е искрена во разговор за Женски Магазин.
Женски Магазин - Лесно ли е да се биде самохрана мајка во Македонија?
Благица - Воопшто не е. Но од друга страна, нема нешто поубаво од тоа да бидеш мајка, без разлика на околностите. Цел живот ти се менува, добива друга димензија. Уживам во секој миг, имам прекрасно дете кое секојдневно ми става насмевка на лицето.
Женски Магазин - Во изминатиов период се соочивте со потешкотии. Кој ви беше поддршка без резерва?
Благица - Матеја! На свои 4 ипол години знае да ми каже „Мама сѐ ќе биде добро! Те сакам многу, помногу, до небото и назад, до планината таму горе и така многу пати!“
Нема простор за паѓање и после сите гадости. Имам за што да живеам, одиме понатака во подобро утре.
Женски Магазин - Благица е борец, тешките моменти ги гледа како битка која мора да се совлада. Како и каде ја црпите својата енергија?
Благица - Научив во секое лошо да гледам и нешто добро. За сѐ има причина, научив да ги прифаќам нештата и да извлекувам поука за понатака. И после сѐ, си велам дека сѐ ова требало да се случи, за да пораснам, јас да се променам, да престанам да повторувам исти грешки... Едноставно да станам подобар човек за себе и за другите, да бидам мајка со која Матеја ќе се гордее. Знам и да плачам како мало дете, навечер кога ќе заспие. Но пред неа сум насмеана.
Среќна сум што имам убави луѓе околу мене, малку се, но одбрани. Секој од нив со својата различност ми дава сила за да не паднам, да не потонам.
Женски Магазин - Дали сте се соочиле со дискриминација, токму поради вашиот личен избор?
Благица - За жал, да. Многу пати…Искрено многу ме боли неправда, многу, а да не зборувам до која мерка, кога и детето ми е загрозено. Но верувам во Бог, во таа сила таму некаде горе, која се грижи за рамнотежата на сѐ.
Јас нема да си ја трујам душата со омраза и злоба…Сѐ ќе си дојде на свое место. Научив да бидам трпелива.
Женски Магазин - Каква енергија споделувате со своите колеги? Си ги разоткривате ли тајните?
Благица - Зависи од човекот. И приватно и професионално.
Со некого ми се случува да си кликнеме уште на првото запознавање, да си кажеме сѐ, и тајни и желби. Со некого ете едноставно не се наоѓаме, ни енергетски, ни карактерно. Секако тоа не значи дека не можеме одлично да соработуваме. Имам неколку блиски и драги колеги со кои се дружиме со години, сега и децата ни се дружат и уживам во тоа. Со останатите имам нормален и коректен однос и соработка, но приватно не сме блиски.
Женски Магазин - На кој актер искрено се восхитувате?
Благица - На Кејт Бланшет, на нејзината суптилност, на нејзината моќ, присутност и различност, во секоја нејзина улога.
Женски Магазин - Колку е тешко на сцената да се играат различни улоги? Се препознавате ли понекогаш во тие улоги? Има ли некоја која е ептен блиска со вашата животна ролја?
Благица - Теско е да бидеш различен во секоја улога, но во тоа е мајстортвото. Да копаш што подлабоко во себе и да не се повторуваш. Да не станеш мрзелив, па да си вадиш од некое фолдерце, спремни и пробани решенија.
Затоа е убава нашата професија. Ти самиот си средството за работа, твоите мисли, твоите емоции, твоето тело. Треба да истражуваш. Па, некогаш доаѓаш и до нешто што не си знаел дека го имаш во себе, а некогаш и не сакаш да допреш до нешто.
Но, целото тоа патување е возбудливо, како да патуваш низ вселената и ги запознаваш планетите, само што во овој случај, ти самиот си своја вселена. Во секоја улога ќе најдеш нешто во кое ќе се препознаеш, но процесот е повозбудлив ако на почеток мислиш дека немаш н икаква допирна точка со ликот.
Не се препознавам потполно, но улога што уште од студентски денови си ја посакувам е Ана Иванова од Иванов на Чехов.
Женски Магазин - Ако не бевте актерка, кој ќе беше вашиот професионален избор?
Благица - Како мала сакав да бидам адвокат, па во средно училиште одлучив да се запишам на ФДУ и да студирам глума, а и не сакав ништо друго.
Периодов, можеби поттикната од приватните случувања, ми се освежи желбата за адвокат. А многу сакам психологија, тоа ми е ептен пасија и предизвик, па можеби ќе запишам постдипло мски на таа тема.
Женски Магазин - Театарски штици или филмско платно, каде се чувствуваш своја?
Благица - Различно убави се…И таму и таму, и во театар и на филмско платно се чувствувам своја.
Последниве години почесто бев пред камерите, па ми фали некако театарот.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска