Интервју со Катерина Ангеловска: „Биди најдобра верзија од себе“

Добивај вести на Viber

Секој од нас има своја визија, насока и цел кон која се фокусира. Таа знае што сака. Точно ја трасира својата патека на успехот. Катерина Ангеловска е тренер за личен развој, мотивациски говорник и автор на книгата 333 Афирмации. Нејзиниот авантуристички и позитивен дух, како и личното долгогодишно истражување во психологијата и филозофијата резултира со звањето сертифициран тренер за принципи за успех по методот на Jack Canfield. Со Катерина ќе се дружиме на конференцијата „100 Жени Претприемачки“ на 28 ноември. Претходно нејзината мотивирачка и позитивна аура ќе ја позајмиме денес на Женски Магазин Женски Магазин - Знаат ли луѓето да се слушаат себеси? Умеат ли да ја препознаат својата интуиција? Катерина - А јас би рекла: Зошто да го посветиме нашето време и енергија во развој на нашата интуиција? Многумина го имаат изгубено односот со интуитивниот дел од себе поради нашите културни вредности кои го нагласуваат развојот на рационалниот ум и не ја признаваат интуицијата и нејзината вредност. Интуицијата е величествен извор кој може да придонесе за нашата благосостојба во секој сегмент на нашиот живот. Свесно или несвесно, многу успешни луѓе ја следат својата интуиција. Знам дека кога јас не ја слушам својата интуиција правам работи кои не се добри за мене. Доколку се чувствувам живо, радосно, страсновозљубеноекстазно, ентузијастички за која било работа што ја правам тогаш знам дека ја следам својата интуиција. Интуицијата е директно поврзана со нашата креативност, кога не се чувствуваме во допир со нашата интуиција тогаш нашата креативност е блокирана. Интуицијата ни е дадена, таа е дел од нас, само треба да го отвориме нашиот ум и нашето срце и да ја слушнеме, зошто секогаш ни шепоти и не води. Една од најсуштинските работи кои е пожелно да ги направиме за себе е да ја развиеме нашата интуиција.

Женски Магазин - Како изгледаше вашиот личен пат на развојот?

Катерина - Мојот личен пат на развој има минато, сегашност и има иднина, и претставува вистинска потрага по себе спознавање. Патување во потрага по вистината и тоа не која било вистина туку мојата лична вистина. Авантура исполнета со многу предизвици, нови пријателства, многу љубов, посветеност, приказни, исцелување. Во изминативе 20-тина и повеќе години секој збор, секоја мисла, медитација, патување, прочитана книга, споделување, плачење, смеење, радување го отворија моето срце и ја разбудија мојата свесност за живеење во светлина. На ова мое патување, во раскошот на Божественото постење се случи синергија на моите спиритуални сетила и вистинска свесност. Научив дека животот е просто возбудлив. Сè што ни се случува во животот е судбина која ние самите ја креираме. И заслужуваме сè што добиваме. Сето знаење и искуство кое го добив и сѐ уште го добивам е величествен начин да одам надвор од моите лимити, да ја живеам мојата мисија и визија, да бидам канал и да бидам промената која сакам да ја видам во светот.

Женски Магазин - Кои ви ги понуди најдрагоцените совети и знаење со кои ги усовршите своите вештини?

Катерина - Бескрајно сум благодарна на сите прекрасни луѓе кои биле и ќе бидат дел од мојот живот, и сите тие ми понудија драгоцени совети да бидам тука каде што сум сега. За усовршување на моите вештини се заслужни многу луѓе, и ќе ми треба повеќе простор за да ги споменам сите  Но, сакам да издвојам две прекрасни личности кои навистина ме издигнаа во мојот раст и развој за тоа што сега го работам. Тоа е мојот ментор Џек Кенфилд кој со својата исклучителна посветеност, позитивна енергија и харизма допре до мене и до стотици илјади луѓе ширум светот. Неговата позната универзална програма за успех, која е водич за лична и планетарна трансформација е основа и за мојата програма „Биди најдобра верзија од себе“. И, ќе ја споменам мојот духовен водич Лидија Гоѕин Балтовска и нејзиниот центар за холистички развој Армадеа, прекрасна божествена душа која ме поврза со новата димензија на битисување, ја разбуди мојата свесност за најдобра верзија од себе и која е заслужна за ова што го работам. А сите останати во друга прилика 

Женски Магазин - Сите луѓе не се подготвени за промени. Како ги поттикнувате?

Катерина - Мојата мисија е да ги поттикнам. Преку моето дејствување, однесување и акција да ги инспирирам да бидат најдобра верзија од себе, да ја пронајдат големината и моќта во себе и да живеат живот во хармонија со љубов и радост. Клучот да го промениме светот, да го промениме нашиот живот и да ги облагородиме тие околу нас е автентичноста, подготвеноста да бидеме свои и да живееме живот во согласност со сопствените вредности, без ограничувања надвор од комфор зоната во која се наоѓаме. Да ја пронајдеме хармонијата која доаѓа со себе-прифаќање и во процесот да ја откриеме нашата животна мисија и неограничените можности кои не чекаат. Сите ние имаме одредена функција, мисија, и доколку сите би ја извршувале со љубов и радост, тогаш светот и ќе биде едно прекрасно креативно место за живеење каде секој поединец инспириран од сопствената извонредност ќе даде придонес кон сочувство, мир и љубов.

Женски Магазин - Со што треба да почне човек кога ќе се најде во ситуација која му изгледа безизлезно?

Катерина - Со промена на вибрацијата, а најдобро е да започнеме со промена на мислата. Мислите се како брановите што се наоѓаат на површината, од каде и произлегува нашето однесување. Не постои начин бранот да ја запознае длабочината сè додека е бран, потребно е бранот да исчезне во длабочината и тогаш да ја запознае. А длабочината е нашата имагинација, бескрајна во своето постоење, непредвидлива, жива. Потребно е да се ослободиме од обвинувања и жалења, од осуда, од чувствата на страв, омраза, лутина и бес. Потребно е да станеме свесни и да бидеме најдобра верзија од себеси, бидејќи ние тоа го заслужуваме.

Женски Магазин -Која е причината поради која фокусот на луѓето пречесто е на негативната страна?

Катерина - Недостаток на љубов. Нашата душа силно вреска и се бори со рационалниот и реалистичен ум. Нашата душа боледува од сите болести на денешното постоење, и очајно ни покажува дека нешто не е во ред, ни покажува дека не живееме во согласност со природните закони и потреби, и сфаќања. Толку многу се оддалечивме што и љубовта ја изгубивме. Толку омраза, лутина, бес, љубомора, завист, дисхармонија, неприфаќање, непростување, а таа, љубовта чека да биде повикана и да ја доживее својата блескавост и триумфално да светне со сета своја раскош, да ја осветли целата планета, да ја исцели од сите болки, страдања и трауми. И повторно да завладее во нашите срца.

Женски Магазин - Зошто е важна мотивацијата?

Катерина - Сите ние сме родени со една чиста свесност. Потоа започнува оваа свесност да станува заматена преку надворешни знаења и искуства, нашиот ум почнува да се стеснува условен од културолошки мисли. Потребно е да ги разјасниме нашите верувања и вредности. А за сето тоа ни треба секојдневен поттик, секојдневна мотивација која ќе го одржува фокусот на тоа што е за нас најдобро. Да бидеме во корелација со нашите одлуки и акции кои ги преземаме, нашите мисли и разбирања, да бидеме присутни тука и сега, и да сме благодарни за овој момент. Едноставно да се вратиме дома. Другите ќе го почувствуваат тоа, и ќе препознаат поддршка која ќе овозможи и тие да се отворат кон сопствената моќ и вистина. Колку повеќе светлина дозволувам да влезе во мене, посветол ќе биде светот во кој живеам.

Женски Магазин - Што ви беше вам најтешко да промените кај себе, на патот кон личниот развој?

Катерина - Знаете како, промената се случува насекаде околу нас. Тоа е спиритуална промена која веќе се случува на нашата планета. Ние сме дел од таа промена, а јас со отворено срце ја прифаќам. И таа испреплетеност на интересни предизвици, сознанија, приказни е само дел од целиот процес на спокојство, хармонија и мир по кој очајно трагаме. Од сите предизвици кои ми се случуваа на патот кон личниот развој, највпечатлив ми беше откривањето на мојот копнеж. Постојат многу слоеви околу нашето вистинско јас кои го задушуваат тоа што го сакаме, тоа по кое копнееме. А копнежот е во основата на создавањето, креаторот, мотивирачката сила која не смее да биде потисната, зошто копнежот е тој кој може да ја придвижи креацијата.

Женски Магазин-Се согласувате ли дека за успех, не е доволно само да се размислува позитивно?

Катерина - Потребно е од некаде да почнеме  А најдобро е да почнеме со тоа што ќе ја промениме нашата мисла, нашиот внатрешен дијалог. Кога не создавал Создателот од сите убави енергии кои ги користел да не создаде нас совршени битија, ни ја дал најмоќната енергија. Енергијата на мислата. Мислата е енергија, а свесната мисла е насочена енергија. Ние сме целосно одговорни за нашите мисли. Развивањето на позитивна состојба на умот е една од најмоќните животни стратегии. Тоа не значи дека стравот, негативните мисли и лошото расположение нема да бидат дел од нашето секојдневје, меѓутоа со помош на позитивна мисла можеме поедноставно да ја промениме фреквенцијата на која сакаме да бидеме. Мислата која ја мислите денес ја креира иднината која ќе ја имате утре. Доколку сакате да знаете што сте мислеле пред една година видете каде се наоѓате сега во вашиот живот.

Женски Магазин - Вашата книга е следена со внимание. Постигна голем успех. Која беше вашата цел со неа?

Катерина - Среќна сум и благодарна за големиот одзив кој го имаше мојата книга 333 Афирмации. Пред само неколку дена излезе од печат второто издание и веќе е пуштена во продажните места на Издавачката куќа Три. На мое огромно задоволство книгата е преведена и на албански јазик, и за скоро време ќе излезе од печат и ова издание. Тука сакам да изразам голема благодарност и до познатата уметница Андријана Ристовска, која со своите волшебни прсти, нејзината божествена креативност и убава енергија, создаде 7 величествени илустрации кои се дел од ова прекрасно дело.

Главната цел со издавање на 333 Афирмации беше да ги повикам луѓето на едно божествено свесно постоење, да ги поттикнам да ја придвижат личната трансформација, да ја доживеат големината и моќта на мислата, да и веруваат на сопствената интуиција и да делуваат во склад со сопствените вредности и верувања, и да знаат дека се најдобра верзија од себе. И сиот оној баланс, онаа рамнотежа и хармонија по која трагаме да добијат вистинска структура. Како што ние ќе се исцелуваме, ќе се исцелува и целото човештво.

Женски Магазин - Која е вашата визија за иднината?

Катерина-Мојата визија за иднината е, светот е креативно место на живеење каде секој поединец инспириран и мотивиран од сопствената извонредност ќе даде придонес кон сочувство мир и љубов.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска