Интервју со Радмила Павловска: Ветришта на промени ме предизвикуваат на двобој

Добивај вести на Viber

Радмила е храбра жена. Надвор од бизнис рамката е толерантна мајка на прекрасната Миа. Не стравува од предизвици. Отворено и храбро застанува да ги испита сите новини. Сѐ она со кое се соочува, го обликува како цел која треба да се освои. И почнува. Во секоја битка има успешна стратегија за победа. Таа е сопственик на Бар Код, приватна консултантска фирма од областа на маркетингот и комерцијата. Таа е основач на првиот македонски магазин за угостителство Bar Code, магистер по меѓународен маркетинг, експерт за угостителство, член на повеќе бизнис и сервисни клубови, добитник на неколку признанија и награди, мајка и добар пријател. Радмила е човек кој е отворен кон новите сознанија. Сака да пронаоѓа и да открива, да споделува и да учи, но и да го пренесе своето знаење на помладите или понеискусните од неа. Не сака рутина, монотонија и досадни работи. Со Радмила Павловска отворено разговаравме за Женски Магазин Женски Магазин Долго време ве идентификуваа по вашите претходни ангажмани. Зошто? Радмила Точно е дека 17 години работа како маркетинг менаџер во една од попознатите фирми увозници на алкохол, со тек на време стана дел од мојата идентификација во очите на околината. Според мене, погрешно е човек да биде идентификуван според позицијата на која е моментално или според нештата кои ги поседува или некоја надворешна значка која ја носи. Работата треба да те обликува, а не да те дефинира. Луѓето треба да се ценат според она што го носат во себе. Ако некој ме почитувал поради професионалноста која јас ја практикував во таа фирма или знаењето кое го поседувам, тогаш е во ред. Многу луѓе ме идентификуваат и според мојот магазин Бар Код, кој седум години беше светилник на македонското угостителство. Некои ме препознаваат по мојот огромен придонес кон воведувањето и развивањето на ротаријанството во Македонија, а некои ме знаат само како искрен човек со кој е добро да се истера дружба во ресторан. Сега најмногу се радувам на оние кои веднаш прифатија дека моите професионални ангажмани отидоа во насока кога работам за себе и им помагам на фирмите кои сакаат да постигнат резултати и успех. Во моментов, целосно уживам кога целото мое знаење и добра воља ги пренесувам на фирмите на кои им водам проекти од маркетиншко - комерцијална природа и се радувам кога ме препознаваат по тоа. Женски Магазин Сите понекогаш сакаме промени. Но што ве натера вас, што беше пресудно да внесете ветришта на промени во вашиот живот? Радмила Само промените водат кон прогрес. Како велат - најбрзото одење е бавното одење без престан. Или - ќе одам каде било сè додека е тоа напред. Промените се дел од животот и жално е кога луѓето се плашат од нив. Во линија на тоа, пред неколку години некаде прочитав, и од тогаш таа мисла не можев да ја извадам од глава, дека жените половина живот се принудени да го посветуваат на другите - деца, семејство, кариера, пријатели и околина, но ако се мудри, откако сето тоа ќе се стабилизира, втората половина од животот треба да си го посветат на себе. Колку едноставно да звучи, оваа умна мисла, овој поттик за промена, повлекува напор и воља речиси поголеми од она што претходно било потрошено за сервисирање на другите. Малку жени ќе препознаат за што зборувам, бидејќи малку од нив се охрабриле да ја направат промената. Под плаштот на размислувањето дека комфор зоната дава сигурност и лажна смиреност, а во поднебје каде што храброста и не е некоја почитувана доблест, илјадници жени, исто како и мажи, жалосно продолжуваат по востановените патеки на своите животи, во моментите кога можат да направат блескави промени за себе и за другите. Во години кога претпоставуваме дека веќе се докажале како професионалци, родители и успешни социјални играчи, се плашат да исчекорат и да транзитираат кон поубав живот. Женски Магазин Има ли вистина дека патот до успехот е трнлив? Радмила Јас сум жесток застапник на тезата дека напорната работи носи резултати, но напорната работа комбинирана со забава и добро расположение носи двојно повеќе резултати. Исто така сметам дека паметните луѓе, со добра стратегија и квалитетен пристап кон работата, работите ги завршуваат лесно и брзо само затоа што не губат време на исправање на грешките произлезени од лошото планирање или проценка. Во линија на ова, застапник сум и на тоа дека човек треба да биде опкружен со убави амбиенти, позитивни луѓе, да практикува убави манири. Во се треба да се има стил, финост, урбаност и позитивност. Аскетизмот и ударничката социјалистичка психологија од минатото, не се мои омилени филозофии. Светот оди кон тоа, нештата да се олеснуваат и разубавуваат, а за тоа е потребно само мала промена во начинот на размислување и отвореност на умот. Женски Магазин Колку Македонија е подготвена на нови работи, иновации и слично? Дали ние сме земја која е отворена? Радмила За жал сѐ помалку. Ако ги разделиме конзерватизмот и традиционалните вредности кои знаат да бидат убава основа за вредносниот систем, од затуцаноста и регресивниот поглед на свет кој го уназадуваат човекот, ќе видиме дека под лажното оправдание дека се следат традиционалните вредности, всушност се пласира деструктивен модел на уназадување на сите полиња од животот. Напредокот оди заедно со отворениот ум и воведувањето иновации во сите сфери. За жал, Македонија на тоа поле се наоѓа во состојба која е полоша од пред 20, 30, 50 години. Женски Магазин Дали ги толерирате тие состојби? Дали ве иритираат? Радмила Имам многу разбирање и отворен ум да разберам секакви причини и состојби, но немам толеранција за лошотија, љубомора, мрзливост, лаги, алчност, немање желба за напредок, празни приказни, негативност… Женски Магазин Кои се предизвиците кон кои се фокусирате сега? Радмила Одамна престанав да се натпреварувам со другите. Најголемото задоволство е кога се натпреварувате со самите себе и секој ден сфаќате дека сте подобри од претходниот ден. Многумина од мојата околина ми забележуваат дека сум ја изгубила острината која ја имав порано, но јас сум задоволна од моите нови квалитети кои ги развивав во изминативе неколку години - трпение, емпатичноста, упорност, смиреност… Со тек на време се повеќе ја ценам самотијата. Не во смисла на осаменост, но во смисла на квалитетно време за регенерација, размислување, развивање на позитивни чувства кон себе и кон околината. Во слободно време правам се што ме одмара, ја развива мојата креативност а ја задоволува мојата природна љубопитност и потреба од секојдневно учење. Моето мото е When was the last time you did something for the first time што е одлична основа за откривање нови нешта и одржување на младешкиот дух. Тоа значи дека секогаш правам нешто различно. Женски Магазин Кои се вредностите на кои ја учите вашата ќерка? Радмила На отвореност на умот, на следење на својот сон и пат, на прифаќање на животот како низа од осцилации од кои сите завршуваат и ништо не е трајно, на дружење со паметни и позитивни луѓе, на мотивација за одење напред, на љубезност, на носење соодветна облека во театар… Женски Магазин Дали во животот се што ни се случува, се случува случајно или сепак има некоја причина? Радмила Често пати се прашувам и најчесто мислам дека е тоа така, иако понекогаш мислам дека само си се тешиме кога си ги рационализираме ситуациите кои не ни погодуваат. Во секој случај, цврсто верувам во она дека постои некој баланс во универзумот и дека од секоја ситуација или добиваш нешто или учиш нешто (sometimes you earn, sometimes you learn). За Женски Магазин, Вики Чадиковска