Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ СО СЛОВЕНЕЧКИОТ АМБАСАДОР МИЛАН ЈАЗБЕЦ: Моите книги сами од себе се пишуваат
Мојата љубов кон Македонија започна кога како одличен ученик на крајот од третото одделение на основното училиште, ја добив како награда книгата „Набрекле звезде“ на македонскиот писател Мето Јовановски. Истото продолжи и кога пред триесет и шест години во поранешната држава го служев воениот рок во Штип. Денес, меѓу другото, јас сум почесен граѓанин на Штип.
Амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, проф. д-р. Милан Јазбец денеска на пладне, во ресторанот „Пелистер“ ќе ја промовира својата 40. по ред книга. Во ресторанот „Пелистер“, на гостите и на пријателите на амбасадорот ќе им биде претставена најновата збирка песни „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“. Збирката е двојазично, македонско-словенечко издание, а ја издаваат издавачките куќи „Матица Македонска“ од македонска и „Форма 7“ од словенечка страна. Пријателска поддршка амбасадорот добива од „Баги комуникации“. Песните се преведени од Соња Должан и Викторија Блажевска. Милан Јазбец е словенечки дипломат, професор, новинар и политичар. Неполни четири години бил државен секретар во словенечкото Министерство за одбрана, а во февруари лани официјално ја објави својата кандидатура за петтиот претседател на Словенија на претседателските избори во 2017 година како независен кандидат. Во интервјуто за „Женски магазин“, амбасадорот зборува за неговата љубов кон поезијата, за приказните во неговите песни, животот во Скопје и најемотивните сеќавања од детството во неговата Словенија.
[caption id="attachment_16116" align="aligncenter" width="640"] Бидејќи сум генерација на шеесеттите години, јасно, до уши сум вљубен во рокот - и не можам да ја дочекам промоцијата на новиот албум на Влатко Стефановски, кој ќе се одржи на 17 март[/caption]
Женски магазин- Како би го опишале вашето книжевно дело, што раскажавте во збирката на песни?
Јазбец- Двојазичната збирка на песни, која воедно е и моја прва, произлегува од љубовта како централен мотив и смислата на нашиот живот. Ја гледам во три значења: до саканата, до најблиските и до татковината. Бидејќи сум словенечки амбасадор во Македонија, тоа треба да се види и преку призмата на словенечко-македонското пријателство. Мојата љубов кон Македонија започна кога како одличен ученик на крајот од третото одделение на основното училиште, ја добив како награда книгата „Набрекле звезде“ на македонскиот писател Мето Јовановски. Истото продолжи и кога пред триесет и шест години во поранешната држава го служев воениот рок во Штип. Денес, меѓу другото, јас сум почесен граѓанин на Штип.
Моите песни се длабоко експресивни и лирски, многу лични и емотивни. Се обидувам да пишувам на избраниот, софистициран јазик, полн со суптилни и скриени пораки, но во исто време едноставно, бидејќи сите најголеми, најубави и најдобри работи во основа се едноставни.
Женски магазин- Од кога почнавте да пишувате стихови, што ве инспирира?
Јазбец- Првата вистинска песна ја напишав пред триесет години, кога умре татко ми, го погребавме токму на денот на Прешерен. Тоа беше голем шок за мене, трагедија, и ми беше потребно многу време да заздравам. Беше сосема неочекувано. Ако малку по тоа не би се родил мојот син, уште долго време би трагал по смислата на животот. Потоа следуваше една деценија талкања, пребарувања и песни, и сите песни објавени во вториот дел од поетската збирка „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“, се такви. Одраз на долгогодишното Одисејско талка ње, кое во основа не го сакав, но ми се случуваше. Сè беше покриено со наметката на успехот, задоволството и патот кон врвот, па практично тоа не беше очигледно за речиси никого. Спротивно на тоа, во првиот дел од оваа збирка на објавени песни, кои се создадени во изминатата година и половина, и промената на атмосферата, погледот на светот и размислувањата за животот, сето тоа е сосема поинакво. Излегува дека текот на мојот живот се сврте, ако им се верува на моите песни.
[caption id="attachment_16115" align="aligncenter" width="640"] Моите песни се длабоко експресивни и лирски, многу лични и емотивни.- Милан Јазбец[/caption]
Женски магазин- Колку книги сте промовирале до сега?
Јазбец- „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ е мојата четириесетта книга, вклучувајќи преписи и преводи, во некои сум коавтор и истовремено и ко-уредник. Тоа е повеќе од половина метар. Во моето поранешно основно училиште во Артиче, во училишната библиотека имаат полица со моите книги. На овој начин, ги охрабрувам младите и, по сопствен пример на рурално момче им кажувам дека сè е остварливо и дека е неопходно да се има соништа и истите да се следат. Секој може да успее. Деновиве е објавена мојата 42 книга, втора по ред збирка на песни. Моите книги се објавени на осум јазици и тоа многу ме радува. Книги обожавам уште од детството, но никогаш не помислив дека ќе ги има во толкав број. Едноставно се случуваат, спонтано се создаваат, речиси како самите од себе да се пишуваат. Секоја од нив е посебна, книгите се како песни, секој е свет во мало, секоја плени и оживува, охрабрува…
Женски магазин- Не пропуштате културни настани во Скопје, кој од последните концерти (настани) би издвоиле како најдраг, а на кој се радувате во иднина?
Јазбец- Пред неколку дена, го гледав прекрасниот концерт на Чајковски во Македонската филхармонија, а солист на виолина беше Роман Симовиќ. Фасцинантно! И бидејќи сум генерација на шеесеттите години, јасно, до уши сум вљубен во рокот - и не можам да ја дочекам промоцијата на новиот албум на Влатко Стефановски, кој ќе се одржи на 17 март оваа година во Филхармонија. Влатко е легенда, се разбира, не е потребно да се каже, тоа секој го знае. Секако, музички настани има многу, практично насекаде низ Македонија, и колку што би сакал, ни приближно не можам да ги посетам. Морам да го споменам и јубилејниот концерт на виолинистот Зоран Џорлев, пред еден месец во Скопје. И секако неговиот прв гостин, трубачот Ѓоко Алоски, вистински Сачмо…
[caption id="attachment_16114" align="aligncenter" width="640"] Двојазичната збирка на песни, која воедно е и моја прва, произлегува од љубовта како централен мотив и смислата на нашиот живот. Ја гледам во три значења: до саканата, до најблиските и до татковината[/caption]
Женски магазин- Што најмногу ви недостасува од вашето родно место во Словенија, а што најмногу ви се допаѓа од животот, навиките и луѓето тука во Скопје?
Јазбец- Би било тешко да се каже дека нешто посебно ми недостига. Можеби малку повеќе зеленило и дрвја, бидејќи потекнувам од село, веднаш до мојата родна куќа тече потокот Мочник, каде што поминав прекрасно детство, а веднаш до него се простира волшебната шума Чрна Млака. Се чувствувам одлично во Македонија, луѓето се пријателски настроени, храната е добра, пијалаците уште подобри, можности за дружење има колку што сакате. И кога некој сака да биде сам, никој не го вознемирува. Има многу разбирање и топлина во меѓучовечките односи.
[caption id="attachment_16112" align="aligncenter" width="640"] Се чувствувам одлично во Македонија, луѓето се пријателски настроени, храната е добра, пијалаците уште подобри, можности за дружење има колку што сакате[/caption]
Женски магазин- Кажете ни нешто повеќе за вас приватно, семејниот живот, хоби …
Јазбец- Мојот живот е мешавина од различни стилови и пристапи. Од една страна, јас сум многу организиран и рационален, затоа што морам да бидам, но од друга страна, во одбрани моменти сакам да и се впуштам на интуицијата и на и креативната импровизација. Немам хобија, бидејќи пишувањето книги е составен дел од мојот живот и затоа е многу повеќе од обично хоби. Пишувам, затоа што сакам да создавам, а исто така и да издивнувам. Моето професорство е исто така неопходен дел од мојот живот. Бидејќи сум редовен професор по дипломатија, често на шега велам дека го предавам она што го работам, и го работам она што предавам. Сакам да пешачам и да пливам, да славам со пријателите, но не премногу, затоа што повеќе сакам да пишувам. Исто така, сакам да патувам, но на одбрани дестинации, бидејќи досега како дипломат патував многу.
За Женски магазин, Милица Џаровска