Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАН БОГОЕВ: Ивана ми е најголема поддршка во кариерата
Мојата партнерка е бренд менаџер. Се занимава со мода, козметика и здрав живот. Инаку е дипломиран политиколог. Работата ја исполнува, исто како мојата што ме исполнува мене. Верувам дека и тоа влијае позитивно на нашиот однос, раскажува градоначалникот на општина Карпош
Младиот градоначалник на општина Карпош, Стефан Богоев, во првите минути по полноќ во саботата ја запроси својата долгогодишна девојка Ивана Анѓеловска. За свечениот момент одбра симболичен датум – нејзиниот роденден. Богоев со задоволство ја прифати поканата на „Женски Магазин“ да ја раскажа својата љубовна приказна.
Женски Магазин* Многу двојки пред да станат емотивни партнери биле најдобри пријатели. Дали тоа беше случај и со Вас? Како се запознавте? Како започна сè?
Богоев - Се запознавме пред скоро девет години. Пред тоа воопшто не се познававме. Се најдовме во „Клуб Картел“ кој тогаш постоеше. Од првиот момент имаше искра и почнавме интензивно да комуницираме. Почнавме и да се гледаме, беше убаво и да бидам искрен уште оттогаш имав претчувство дека ќе трае. Оттогаш, покрај љубовта станавме и најдобри другари, партнери. Споделуваме сè. Ивана ми е и најголема поддршка во кариерата, а и јас во нејзината.
Женски Магазин* Заедно сте релативно долго. Во секоја врска има и кризни моменти. Не е секогаш лесно да се приспособите на нечии навики и потреби. Како Вие останавте толку време?
Богоев - Погодени сме си што би рекол народот „како тенџерче и капаче“ (се смее). Не сме имале некои посериозни кризи, а се надевам дека и нема да ги имаме. Многу е полесно кога некој те разбира и го разбираш за сè. А и после кавга која што е нормална работа, учиме нова лекција и врската се подобрува.
Женски Магазин* Што работи Вашата партнерка? Кои е се нејзините професионални интереси?
Богоев - Ивана е бренд менаџер во парфимериите „Еликсир“. Се бави со мода, козметика и здрав живот. Инаку е дипломиран политиколог. Работата ја исполнува, исто како мојата што ме исполнува мене. Верувам дека и тоа влијае позитивно на нашиот однос, бидејќи двајцата го работиме тоа што го сакаме.
Женски Магазин* Кои се Вашите заеднички животни приоритети?
Богоев - Среќа, здравје, деца, внуци и секако успеси на професионален план. Во ситуација како нашата, 1+1 не е еднакво на 2, туку на многу повеќе.
Женски Магазин* Каква веселба планирате? Дали сте повеќе за класична свадба или сепак планирате нешто поинтимно?
Богоев - Сè уште не сме размислувале детално за тоа. Јас секако сум повеќе за нешто помодерно, што би се рекло „младешки“. Класична свадба секако не. Кругот на пријатели ни е релативно млад и затоа сакам да биде помодерно и забавно. Интимно тешко дека ќе биде (се смее).
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов