Интервју Учета Дузлевска: Женското лидерство е во сериозен подем!

Добивај вести на Viber

Вилма Учета Дузлевска шест години е Генерален Директор на Кроациа Осигурување – Живот. Исклучителна во секоја од своите животни улоги. Како мајка, сопруга, колешка, пријател и лидер. Внимателна во одлуките, но и изборот на тимот. Таа во својата единствена улога на осигурителниот пазар во земјава е пример за жените кои сакаат да направат баланс меѓу кариерата и семејството, а притоа храбро да се спротивстават на предизвиците на патот кон успехот. Амбициозна во поставувањето на целите со чија реализација, ќе се справува во периодот кој следи. Семејството го извојува како најважната алка. Токму од него ја црпи својата инспирација.

За предизвиците, успесите, мисијата како жена лидер, но и многу други нешта кои се дел од нејзиниот свет како жена, денес разговараме со Вилма Учета Дузлевска.

Женски Магазин Интересно е да се забележи дека во осигурителниот сектор, посебно на раководните позиции, има неколку жени. Какви се Вашите впечатоци од позицијата генерален директор на Кроација Осигурување - Живот, дали осигурувањето може да се смета на некој начин за професија со нагласена родова еднаквост?

Дузлевска Најпрво, дозволете да се заблагодарам на поканата за интервју и да истакнам дека ми е посебно драго што покажавте интерес отворено да поразговараме на теми кои се интересни за Вашите читатели. Од самиот почеток на вршење на главната извршна функција во Компанијата расчистив сама пред себе неколку дилеми, а едната од нив беше дека нема да правам компромиси со предрасуди од каков било вид. И денеска, после цели шест години на оваа позиција не би можела да издвојам случај во кој тоа што сум жена ми одмогнало, но ниту помогнало, на кој било начин. Во осигурителниот сектор три жени се на челните позиции и ниту оддалеку не може да се каже дека постои родова еднаквост, но сметам дека на таков начин не треба да ги поставувам тезите и да се носат генерални заклучоци. Во сегментот осигурување на живот јас сум единствена жена на челната позиција и од оваа перспектива тоа што Кроациа Осигурување – Живот е лидер на пазарот со значителна предност пред конкуренцијата е резултат само на снагата и стратегијата на Групацијата, посветеноста и фокусот на сите вработени а нималку на полот на раководството.

Женски Магазин Каков е потенцијалот на осигурителниот пазар во Македонија?

Дузлевска Животното осигурување станува сѐ поатрактивно за македонските граѓани кои ја согледуваат корисноста на полисата за животно осигурување. Се повеќе граѓани го препознаваат животното осигурување како облик на заштита кое им гарантира сигурна заштеда овозможувајќи им истовремено сигурност при можни ризици. Присуството на пет компании за осигурување на живот, на релативно мал пазар како македонскиот, јасно говори дека сегментот е во фаза на реален подем. Неспорно може да кажеме дека клучна улога во развојот на животното осигурување во Р. Македонија го има толку Кроациа Осигурување – Живот која ги постави темелите, направи цврста основа за долгорочен раст и развој а денеска ја има нераскинливата врска со македонскиот граѓанин кој силно верува во овој бренд. Доказ за тоа е континуираниот раст на пазарното учество на компанијата низ годините но посебно изминатите две години кога Кроациа Осигурување – Живот направи вистински исчекор во пазарното учество. Согласно достапните податоци, вкупната бруто полисирана премија за животно осигурување заклучно со третиот квартал во 2017 година изнесува над 15,4 милиони евра. Во период од 9 месеци, дури 67,6% се издадени токму од Кроациа Осигурување – Живот. Како бренд сме горди што ја имаме довербата на мнозинството Македонци кои се одлучуваат за животно осигурување.

Женски Магазин Вашата компанија важи за лидер на Македонскиот пазар. Колку Вие сте задоволни од освоениот удел на пазарот и кој е следниот фокус на кој ќе се насочите како компанија?

Дузлевска Успешно се справуваме со сите предизвици реализирајќи ги планираните оперативни и стратешки цели. 2017 година ќе биде запаметена како година во која Кроациа Осигурување – Живот ќе оствари историски најдобри резултати, со кои убедливо ја зацврсти лидерската позиција на пазарот за осигурување на живот во Република Македонија. Следејќи ја динамиката на раст на пазарот остваривме раст на приходите од осигурување од 15%, и очекуваме годината да ја завршиме со раст на добивката од 10%. Бројот на склучени полиси во 2017 година бележи 100% зголемување во однос на полисите кои Кроациа Осигурување Живот ги издаде во 2016 година. Изминативе 12 години изградивме препознатлив систем на вредности, наша цел е да продолжиме со истото темпо фокусирајќи се на нашите стратешки вредности кои ја направија Кроациа клиентски ориентирана компанија која успешно се одржува на врвот. Нашите планови се фокусирани на оправдување на довербата која ја добиваме и задржување на лидерската позиција. Во периодот кој ни престои сме исправени пред амбициозни цели кои се однесуваат на развој и јакнење на продажната мрежа, збогатување на портфолиото на производи согласно потребите на осигурениците како и јакнење на Банкоосигурувањето како канал на продажба.

Женски Магазин Во вашата компанија има многу жени. На кој начин се грижите да го поттикнете нивниот професионален дух? Како Кроација Осигурување - Живот ги мотивира своите вработени?

Дузлевска Јас би кажала дека имаме добар баланс во половата структура во компанијата. Секој вработен е на право место. Внимателно го одбирам својот тим, а уште повеќе оперативниот менаџмент на Компанијата бидејќи сите ние сме сликата на брендот под кој работиме. Моите соработнички се исклучителни жени, неретко им се восхитувам на посветеноста кон работата но и семејството, бидејќи сите се изградени во личности кои негуваат и семејни вредности. Тие се мојата секојдневна инспирација, заедно работиме на градење на имиџ и култура по која е позната Кроациа Осигурување на македонскиот пазар. Се трудам да им возвратам со доверба и внимателно слушање на сите нивни ставови и размислувања, секојдневно се вклучени во носењето на битни одлуки и свесни се за тежината која им е овозможена од аспект на управување на Компанијата а тоа е она што силно ги мотивира. Кроациа Осигурување – Живот има доста силен, кохезен тим, квалитетни луѓе кои се поистоветуваат со вредностите на брендот и посветено секојдневно се борат да ја оправдаат довербата на секој наш осигуреник, но и на акционерите. Горда сум на нив и се трудам да имаат работни услови и бенефиции какви што заслужуваат. Најголем дел од тимот се градеше заедно со Компанијата, како таа растеше се издвоија сите структури кои денеска ја управуваат. И мислам дека сме одличен пример за органски раст во секој поглед, и од аспект на резултатите на Компанијата но и од аспект на градење на професионални кадри.

Женски Магазин Сметате ли дека жените лидери во Македонија, можат да дадат свој придонес во подобрување на условите за жените?

Дузлевска Женското лидерството, за среќа, веќе не е ретка појава. Сметам дека со економското јакнење на жените, нивна постојана едукација, женското лидерство е во сериозен подем. Како жени, во ова општество во кое живееме, понекогаш можеби сме дополнително изложени на препреките наречени „предрасуди“. Искрено верувам дека се помалку луѓе се заробени во нив, барем моето искуство го зборува тоа. Докажувањето е нешто што го бара секоја позиција која сакаме да ја задржиме, независно дали е менаџерска или не, и независно дали сте жена. Можеби товарот е поголем од аспект на жртвување на одредени сегменти кои природата ги предодредила да бидат својствени за жените, но секој има право на избор. Би сакала мојот пример да придонесе во охрабрувањето на жените да ја започнат своја деловна кариера.

Женски Магазин Како во својот работен ритам како генерален директор ја вклопувате улогата на мајчинството? Вие сте мајка на две деца, Дина која е второодделенка и Никола кој има три години. Успевате ли да одговорите на сите нивни потреби?

Дузлевска Семејството е најважната алка, од каде сè започнува. Тоа е темелот на една личност, изворот од каде ја црпиме потребна енергија. Кариерата и мојот професионален развој е она што ме исполнува, но семејството е она што ме прави среќна. Поддршката која ја добивам од моето семејство во голема мера е заслужна за мојот успех, јас сум свесна за тоа, и се обидувам на секој можен начин да им возвратам. Дина и Ники се мојата душа, мојот свет. И двајцата се во период на развој кога многу им требам, и давам сѐ од себе да бидам присутна во секоја нивна среќа или тага. Она што посебно се трудев е они двајца да не ја почувствуваат тежината на мојата позиција.

По нивното доаѓање на свет, имав обврска да се вратам на работните обврски многу брзо, со Ники имавме само 28 дена да се приспособиме на овој свет заедно пред да се качиме во авион и отпатуваме за Загреб во новиот работен предизвик. Јас често патувам, не се бројат аеродромите и патиштата но многу ретко одам без нив. Се научивме сите заедно да функционираме со такво темпо и децата се среќни што заедно патуваме, имаме многу пријатели насекаде, секојдневно ме имаат покрај себе било да сме во Скопје, Загреб или некој друг град. Ники е сѐ уште многу приврзан за мене, но ме радува што гради цврст карактер, препознавам борбени особини кај него и мислам дека добро ќе се снаоѓа во овој динамичен свет. А Дина е прекрасно девојче, културно, трудољубиво, посветено на учењето и таа е нашата гордост во семејството.

Женски Магазин Колку поддршка добивате од сопругот? Дали тој ви помага да воспоставите рамнотежа на релацијата работа - семејство?

Дузлевска Митко имаше клучна улога во мојот професионален развој. Во периодот пред да бидам назначена за генерален директор на компанијата често со часови заедно анализиравме ситуации и носевме заклучоци каде би било најдобро да го посветам мојот фокус, како да се поставам во одредени ситуации, како да испливам во борбата со некои предизвици.

Он е мојата најголема поддршка, и кога е убаво и кога е тешко, се научивме заедно да чекориме низ сите ситуации во животот и среќна сум што го имам. Митко е многу посветен на сите нас. Тој е прекрасен татко, многу приврзан за нашите две деца и благодарна сум што го имам тој благослов во семејството.

Женски Магазин Како почнува вашиот ден? Што ви дава сила?

Дузлевска Денот ми почнува со децата, подготовка на Дина за училиште и будење на Ники. Тој е сѐ уште мал и наутро му подготвувам здрав напиток и храна за првата половина од денот. Тие ми даваат сила и помислата колку е убаво кога имаш за кого да создаваш и за кого да се вратиш дома после еден напорен ден.

Женски Магазин Кој беше вашиот сон кога почнавте со вашиот професионален ангажман? Дали ги остваривте целите кои си ги зацртавте?

Дузлевска Сакав да бидам ова што сум денеска. Водам компанија која порасна во лидер на пазарот и која секоја година расте, се развива и остварува одлични резултати. Кога ќе повлечам црта, значајни се резултатите кои Компанијата ги оствари последните шест години: Станавме лидери на пазарот, двојно ги зголемивме премијата но и адекватноста на капиталот, Кроациа Осигурување - Живот е бренд кој нашироко е прифатен од македонските граѓани, за акционерите сме најдобра компанија ќерка меѓу регионалните компании. Сето тоа ми дава посебна сила да продолжиме уште поцврсто во освојување на пазарот, не само во сегментот осигурување на живот туку и во други полиња кои се инвестициски интересни за нашата Групација. Од тој аспект, првично поставените цели ги реализирав, но пред мене и пред Компанијата поставени се нови амбициозни цели и неуморно работиме на нивна реализација.

Женски Магазин Имате ли време за себе, покрај бројните обврски кои ги имате?

Дузлевска Време за моето семејство имам, но време само за себе немам. И не чувствувам потреба што било да променам, постојам за децата, за семејството, за пријателите, за сите вработени во Компанијата. Сите тие се мојата инспирација, поддршка, љубов.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска