Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ-ЏИЈАН ЕМИН, ДИРИГЕНТ И КОМПОЗИТОР: „Убиствените балади“ се омилени на мојата плеј-листа
За концертот Murder Ballads, кој наслов е позајмен од истоимениот албум на Ник Кејв, не беше едноставен процесот на избор на композиции. Сакавме да направиме концерт кој ќе ја ни ја доближи универзалната сила на лубовта но во исто време тоа претставување да не биде патетично, туку пореално и можеби побрутално како што е тоа случај во вистинскиот живот
[caption id="attachment_17092" align="aligncenter" width="654"] Во Будимпешта имав два настапи со прекрасната џез- пејачка Миртил Мишелер, со која се запознавме на проектот „ Париз, те сакам“, минатата година во Скопје[/caption]
Несекојдневна музичка програма подготви за утревечер Македонската Филхармонија, на концертот наречен „Murder Ballads“ (Убиствени балади) што ќе се одри во Филхармонија по повод Денот на вљубените. Нови, оркестарски аранжмани на безвременските теми на Леонард Коен, Ник Кејв, Том Јорк, Бјорк, Ненси Синатра, Џони Кеш направи композиторот, диригент и мултиинструменталист Џијан Емин. Џијан ќе диригира со оркестарот, а како вокалисти ќе настапат Тања Царовска и Бранислав Николов, фронтменот на „Фолтин“. Овој концерт е само дел од иновативните успеси на Џијан. На Илинден во 2014 година, на Охридско лето, Емин настапи со прочуениот продуцент и композитор на електронска музика Дерик Меј, како автор на новите аранжмани на неговата музика и како диригент, придружувани од Македонската филхармонија. Соработката на Џијан и на Дерик продолжи понатаму и на светско ниво, со настапи во градот на Меј, Детроит во САД, во Ница, Франција, и во Мелбурн, Австралија. Во интервјуто за Женски магази н успеавме да споменеме дел од многуте проекти на кои работи овој наш талентиран музичар, а тој ни откри и дел од неговата семејна приказна.
Женски магазин- Од каде идејата за темата на годинешниов концерт за Денот на вљубените, во Македонската филхармонија, Murded Balads?
Џијан- Murder Balads во превод значи „Убиствени балади“, наслов кој може да се толкува на различни начини. Во однос на концертот, за мене од музички аспект се работи за композиции кои се многу силни со текстови проткаени низ поезија спакувани во форма на поп-рок песна со одлична продукција и естетика која мене лично многу ми се допаѓа. Идејата за овој концерт по конкретно ја даде Тина Иванова, која заедно со Роза Нолчева и Мери Црвенковска, го сочинуваат креативниот продуцентски тим на Македонската филхармонија. На мое лично задоволство директорот на филхармонијата Виктор Илиески ја препозна убавината на еден ваков несекојдневен настан и драго ми е што сум дел од овој проект.
[caption id="attachment_17091" align="aligncenter" width="661"] Во Будимпешта имав два настапи со прекрасната џез- пејачка Миртил Мишелер, со која се запознавме на проектот „ Париз, те сакам“, минатата година во Скопје[/caption]
Женски магазин- Како се бираа песните, дали можеби некоја од нив е дел од омилените на твојата лична плеј листа?
Џијан -Во изминативе неколку години имав привилегија да работам неколку проекти во соработка со филхармонијата во кои ја одработував музиката на Дејвид Боуви, Пинк Флојд, Едит Пиаф, Мишел Легранд, а сега и песните на Ник Кејв, Леонард Коен, Џони Кеш, Бјорк, Масив Атак, Портисхед. Огромен дел од овие автори е на мојата омилена плеј листа. За концертот Murder Ballads, кој наслов е позајмен од истоимениот албум на Ник Кејв, не беше едноставен процесот на избор на композиции. Сакавме да направиме концерт кој ќе ја ни ја доближи универзалната сила на лубовта но во исто време тоа претставување да не биде патетично, туку пореално и можеби побрутално како што е тоа случај во вистинскиот живот. Љубовта ја има моќта да се трансформира во нешто најубаво или пак во нешто најгрдо возможно. Тоа чувство на двојност го има во сите овие композиции кои се во суштина љубовни, некои среќни, а некои не баш.
Женски магазин- Раскажи ми малку повеќе за филмската музика која ја работиш во студиото „Fames“?
Џијан- Со Оркестарот „Fame’s“ соработувам од самиот почеток на постоењето на овој проект кој веќе е докажан во светски рамки по огромниот дел на успешни проекти. На почетокот учествував како оркестарски музичар - хорнист, а во последниве 5-6 години повеќе како оркестратор/аранжер и диригент. Да се биде дел од ваква продукција е вистинска привилегија бидејќи имаме прилика да соработуваме со сериозни светски имиња и продуцентски куќи од области на светската кинематографија а исто така и многу често соработки со големи имиња од областа на музичката продукција, добитници на Оскар, Греми… Јас сум многу среќен што во нашиот град имаме вакво студио и оркестар кој работи на вакво високо продукциско ниво и секако ми е многу драго што сум дел од овој проект.
[caption id="attachment_17093" align="aligncenter" width="720"] Јан и Лина имаат неверојатен талент за музика, кој неминовно еден ден ќе дојде до израз[/caption]
Женски магазин- Како поминаа двата концерти во Будимпешта на кои диригираше минатиот месец?
Џијан- Во Будимпешта имав два настапи со прекрасната џез- пејачка Миртил Мишелер, со која се запознавме на проектот „ Париз, те сакам“ кој се случи минатата година во Скопје, на концертот на 14 февруари. Еден од концертите се случи во најпрестижниот концертен простор во Унгарија, во големата сала на МУПА. Со оркестарот Данубиа Обуда ова ми беше трет настап, а веќе договараме ова лето да направиме уште еден заеднички концерт. Концертите поминаа многу успешно, беа распродадени два месеци пред настапите, унгарската национална телевизија сними еден од концертите и најверојатно наскоро ќе имаме и ДВД издание.
Женски магазин- На кои други изминати проекти во поново време си особено горд и какви нови музички предизвици следат?
Џијан- Ноември и декември во 2017 беа многу активни месеци, во кои имав неколку настапи со Македонската Филхармонија и Биг бендот на ЗЏМ со неколку различни програми. Но посебно би го издвоил настапот на Неуланд Сенсориум кој се случи во Националната галерија Мала станица, каде се изведе моја музика која беше спој на електронска музика со голем симфониски оркестар. За потребите на овој настан една продукциска куќа од Холандија донесе врвна опрема за озвучување и 1500 безжични слушалки за публиката. Оркестарот беше распореден во неколку простории низ кои публиката можеше да се движи и да ужива во разновидните звуци на симфонискиот оркестар. Следи активен период со многу нови проект, нова музика и соработка со големи имиња од музичкиот свет. Наскоро ќе започнеме со најава за овие настани.
Женски магазин- Ти си првиот хорнист во Филхармонија, како ја избра токму хорната за инструмент, колку сега имаш време да и се посветиш?
Џијан- За жал повеќе нема време за хорната. Ја прекинавме нашата врска пред точно две години. 23 години ја извршував улогата на прв хорнист во оркестарот. Дојде време за промени и не жалам за промената. Има повеќе време за пишување музика и можам да се посветам на мојата нова пасија, диригирањето.
Женски магазин- Кои ти се најдрагите спомени од средношколските и од студентските денови?
Џијан- Целиот тој период ми беше прекрасен, исполнет со многу музика, дружби со многу бендови, свирки, патувања. Не почувству вав промена по завршувањето на факултетот, бидејќи веќе бев дел од филхармонијата и некако се уште ме држи истата енергија. Или можеби само така си мислам?: -)
Женски магазин- Како беше да се расте со твојот популарен татко, Незир Еминовски, кој ја напиша и отпеа легендарната кафеанска песна Чаше ломим?
Џијан- Сега од оваа призма на гледање на нештата, бидејќи и јас сум татко, јасно ми е дека татко ми одиграл многу битна улога во мојот живот. Покрај тоа што ме внесе во музичкиот свет и на еден едноставен начин ми ги постави правилата на хармонијата и музичката теорија, но најбитното нешто што го научив од него е како да се биде човек. Без разлика кои сме, од каде доаѓаме, со што се занимаваме, колку сме успешни или не, ние сме сите прво луѓе а потоа доаѓаат сите наши титули, заслужени, незаслужени, наметнати или самонаметнати. Најбитно е да не заборавиме да бидеме луѓе во добро или лошо.
Женски магазин- Колку години имаат твоите деца, и со оглед на тоа дека синот Јан е постар, можеш ли да препознаеш музички талент кај него?
Џијан- Јан има шест и пол години, Лина скоро две. Се чувствувам благословен што се појавија овие две ангелчиња во мојот живот. Јан и Лина имаат неверојатен талент за музика, кој неминовно еден ден ќе дојде до израз. Дали тоа ќе биде во форма на хоби или професионално ќе го градат својот пат преку музичката уметност не можам да предвидам. Мене ми е најбитно да се среќни и насмеани.
За Женски магазин, Милица Џаровска