Мајка, жена, кралица
Ружица Антиќ е магистер на политички науки. Таа е уредник на магазинот Портрет. Таа е поубавата половина на Перо Антиќ со кој се родени на ист датум. Мајка на прекрасните Лука, Павел и Петар. Сака убави нешта и ужива во шопинг. На книгите особено им се радува, а горда е на домашната библиотека во која го истакнува своето моќно пишано богатство. Порано беше одбојкарка на клубот „Студент“. За сите своите цели се бори како вистинска лавица.
Женски магазин: Каков е денот на една прекрасна мајка на три сина?
Ви благодарам за ова прекрасна, сè повеќе ми значат комплименти од жена. Инаку нашето секојдневие веројатно е како и на повеќето многудетни семејства, со многу тепачки, плачки, и голема динамика. За моја среќа многу рано сфатив дека не можам да се нервирам за ситници, и затоа честа слика во нашиот дом е, двајца од тројцата се кубат за коса, а јас спокојно си пијам кафе. Мој став е дека децата сами најдобро си ги решаваат секојдневните несогласувања, си воспоставуваат хиерархија и не настојувам тука да се мешам, додека сè е во граници на нормалата. Тројцата имаат многу активности и задолженија преку недела, и мислам дека многу е важно да се научат на одговорност и да изградат здрави навики. Компромис не правам за здрава исхрана, за нивен психо-физички развој, и за бон-тон, и за сè поврзано со тоа, посветувам секојдневно двојно повеќе внимание.
Женски магазин: Истражувавме малку за спортските парови и откривме дека во Македонија често имаме комбинација од кошаркар и одбојкарка. И вие сте дел од таа убава статистика. Дали одбојката сè уште знае да го привлече Вашето внимание?
За жал иако сум многу голем љубител на спорт, и редовно ги пратам сите спортови, одбојка многу слабо гледам, а не паметам од кога немам играно. Во моментот кога сфатив дека немам предиспозиции за светска, професионална кариера, на одбојката гледав само како хоби, иако се натпреварувавме во државно првенство со години. Мојот сопруг го запознав од кога престанав, па никогаш не се доживеавме како спортски пар. Сега гледам многу повеќе од него спорт, веројатно него му е веќе преку глава.
Женски магазин: Вашиот сон беше да направите списание. Успеавте. Имате списание на кое слободно може да бидете горда. Како ја донесовте одлуката за Портрет, што беше пресудно?
„Портрет“ е резултат на мојата желба за естетика и за женска солидарност. Ми пречеше што познавав многу успешни Македонки што немаат јавна професија и не беа атрактивни за медиумите. Од друга страна дел од јавните личности имаа кариера без динамика, но беа општо прифатени и се вртеа по сите медиуми. Задоволна сум што за многу кратко време се позициониравме одлично, и што многу читатели во нас препознаа четиво, кое го купуваат секој месец. Очекував дека јавните личности ќе бидат малку поотворени, и мислам дека е крајно време, да сфатат дека имаат морална одговорност да бидат пример со став или дејствување, и да актуализираат определени теми што упорно се избегнуваат во медиумите.
Женски магазин: Како реагираше вашиот сопруг кога му ја соопштивте оваа вест?
Јас сум многу темпераментна жена, и сум имала секакви фази и активности. Можеби на почетокот мислеше дека ќе ми помине, но откако виде колку сум сериозна, само настојуваше да печатиме на квалитетна хартија.
Женски магазин: Кој е главниот „лав“, кај вас дома?
Кога станува збор за забава и убави работи тато, кога ќе згусне и кога треба да се расправаме „сега ќе дојде мајка ти“. Не дозволувам во ниеден момент да има каква била нерамноправност. Нашите деца знаат, дека и јас и нивниот татко, сме исто во нивните животи и секој проблем транспарентно се решава. Навистина за мене ќе биде голем пораз како мајка, ако дојдеме во ситуација, јас и моите синови да криеме нешто од Перо, или обратно. Иако мојот сопруг често се шегува дека имаат „машки муабети“, сепак на крај завршува како што ќе каже мама.
Женски магазин: Се запознавте во 2004. Се сеќавате ли на првите љубовни моменти?
Буквално цело ова лето, главна забава на Перо му беше да ги собере нашите најблиски луѓе кај нас дома, и да им чита делови од моите дневници, што во минатото многу грижливо и посветено ги водев. Па така се потсетивме и на почетокот на нашата врска, што приближно изгледаше вака: „Најзаљубена сум на свет…Многу му се налутив на Перо, не сакам да го видам… Денес Перо дојде да ме види од Атина и многу ме изненади…“ .Иако се обидувам да си ги земам назад дневниците, сепак морам да признаам дека ми се преубав доказ за тоа како еволуирала нашата љубов.
Женски магазин: Кој е најромантичниот миг во вашата врска?
Низ годиниве се менуваше и мојата перцепција за романтика и романтични мигови. Ги поминав сите фази, како и секоја девојка, 101 ружа, свеќи, имало навистина голем број на оригинални, спонтани гестови од страна на Перо, зашто тој во принцип е човек што обожава да ги радува и изненадува луѓето што ги сака. Сега после три деца, романтично ми е, кога мојот сопруг ќе си дојде дома и ќе донесе реквизити за заедно, секој сам да си го тера својот мир. За мене светски магазини или книга, за него нови филмови, и ако плус на сè тоа децата спијат, е тоа веќе е вистинска романтика. Преслатко ми е и кога мојот сопруг користи жаргони или фрази, што ги користам јас и моето друштво.
Женски магазин: Каков е вашиот впечаток на тема родова еднаквост во Македонија? Постои ли еднаквост или сепак имаме двојби кои одат во прилог на еден пол?
Не можеме да зборуваме за еднаквост, во земја во која жените не можат јасно и гласно да кажат, јас не сакам да имам деца воопшто, јас сакам да се разведам, јас сакам да абортирам… Крајно време е да им овозможиме на следната генерација девојчиња, на следните раководителки да земаат еднаква плата со раководителите. Не станува воопшто збор за еднаквост, станува збор за загрозување на основните човекови права, со што жените во Македонија за жал секојдневно се соочуваат. Почнувајќи од тенденциозни наслови за мајката во текстови кога станува збор за родителство, до предрасуди за родови улоги што им се сервираат на децата секојдневно. Уште многу години треба да работиме на свеста и кај самите жени, кај кој е вкоренета дискриминацијата по основа на пол, да се борат за себе, и за своите права.
Женски магазин: Постојат ли некои стереотипи на кои сè уште сме верни во Македонија?
Дел од нив споменав во претходното прашање, дел од нив се толку длабоко вкоренети, што веќе се ставови на илјадници луѓе. Слободно можам да кажам дека Македонија е земја на стереотипите. Еве на пример за геј популацијата, што се крева толкава фама, и целата помпа околу нив, дека тоа се еднорози, со пискав глас, со феминизирани движења, и се шетаат така низ градов, како пример за идните генерации. Речиси и да не постои професија за која нема предрасуди, еве и јас не можам да се ослободам и по две години макотрпна работа од предрасудите што важат за жените на спортистите.
Женски магазин: Има ли личност која сметате дека е убав пример, според Вас?
Сите личности што излегле во „Портрет“ сметам дека се убав пример за нешто. Има многу жени што би сакала да ги запознаам, и да ја раскажат својата приказна. Секој месец се воодушевувам од нешто што не сум го знаела за македонските жени, и тоа ми дава надеж дека можеби работите во нашата земја ќе се сменат.
Женски магазин: Македонија деновиве е исправена пред една одлука за женското породилно. Каков е вашиот став?
Апсолутно сум против овој закон, сметам дека сериозно ќе и наштети на жената, и ќе ја врати многу чекори назад. Ако сега жената на пазарот на трудот, беше сериозно незаштитена, со овој закон речиси нејзината позиција ќе биде уништена. Ако законот има цел да се подобрат условите за родителите, тогаш подобро е после породилното отсуство на мајката и таткото да има право да земе 9 месеци. И тој би бил повеќе вклучен во растењето на децата и жената би функционирала подобро, многу побрзо по породувањето.
Женски магазин: Често патувате. Кое е местото кое Ве освоило?
Секој град каде што сме живееле ми е посебно драг. Ја сакам многу Русија, сè поврзано со неа ми е како бајка. Ја сакам и Атина, во секој од нив, имам спомени за дел од детството на моите деца и затоа секогаш со радост им се враќам.
Женски магазин: Има ли место кое силно посакувате да го видите?
Би сакала да одам во Сибир, многу долго бев опседната со руски автори, особено кога живеевме во Санкт Петерсбург и во главата имам јасна слика за Сибир, го доживувам многу артистично и романтично. Е сега во таа моја визија, не е - 40 степени, но ќе се снајдам некако.
За Женски Магазин, со Ружица Антиќ разговараше Вики Чадиковска