Министерството за култура одвои 1.300 евра за новиот албум на Тамара

Добивај вести на Viber

 Толкава сума мене може да ми покрие една песна без видеозапис. Сепак ми е мило што овојпат акцентот е ставен на алтернативната музичка сцена, ни изјави популарната пејачка Министерството за култура ѝ одобри 80.000 денари на Тамара Тодевска за нејзиниот трет студиски албум кој треба да го промовира годинава. Таа е единствениот изведувач од домашната поп-сцена кој доби финансиска поддршка од државата за снимање на нов материјал. Тодевска се радува што Министерството одлучило токму нејзе да ѝ додели средства во рамките на годишната програма за финансирање на проекти од областа на музичката дејност, но нагласува дека тоа не се пари со кои би можела да ги покрие трошоците за албум. - Толкава сума мене може да ми покрие една песна без видеозапис. Сепак ми е мило што овојпат акцентот е ставен на алтернативната музичка сцена, на една поинаква уметност. Таа сцена не е турбо-фолк и сама по себе не прави пари – објаснува популарната пејачка. Идентична сума за истата намена Министерството за култура одобри и за неколку артисти и бендови од алтернативната сцена, меѓу кои се скопскиот панк-рок состав „Новиот почеток“, бендот Filch за продуцирање и издавање на нивниот втор мултимедијален албум и Давид Ангелевски (Пиколомини) за снимање и за издавање на музичкиот соло-проект Tribute to Dead Gentleman. Скромни 80.000 денари Министерството за култура му одобри и на докажаниот македонски музичар Ристо Вртев за концерти на „Архангел“ во Скопје, Охрид, Прилеп и во Штип. И составот „Стринг форсис“ кој две децении опстојува на домашната современа музичка сцена ќе добие 80.000 денари за серија концерти низ градовите во источниот дел на Македонија. „Женски Магазин“ во саботата ексклузивно ги објави одобрените суми за проекти од музичката и од музичко-сценската дејност каде најмногу средства се одвоени за концертите од јубилејниот проект „25 години Авалон продукција“ и за шоуто во чест на легендарниот пејач и автор Тоше Проески. Во програмата, пак, која ги опфаќа културно-уметничките манифестации Министерството одвои над 100.000 евра само за новите изданија на „Скопски џез фестивал“ и „Офф фест“. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов