Животна училница // Приказни
Мит или вистина за вакцините
„Јас не вакцинирам, еве моето дете е супер“-вака се фалат родители на социјалните мрежи. Ова не е редок случај. Често се покажува со прст на медицината, на фармацијата, дека сите тие само трујат. Така се создава група на луѓе кои сакаат да ја рашират вистината за вакцините.
Секоја година се зголемува бројот на родителите, не само кај нас, кои отворено и гласно негодуваат во врска со вакцините. Посебно изразено е негодувањето и дебатата во врска со озлогласената ММР вакцина, за која нашироко се објаснува дека е виновна за појавата на аутизам кај децата.
Лекарите се скоро едногласни во поглед на релацијата аутизам и вакцини. Според Софијанова, реакцијата на вакцината не може да предизвика аутизам. Тоа не е опишано како случај до сега во медицината.
„Не постојат медицински докази за поврзаноста на вакцините, а посебно многу често обвинуваната МРП вакцина нити која било друга со аутизмот и аутистичните нарушувања, немаат никаква поврзаност.
Кон троверзиите и загриженоста околу ова ја предизвика еден труд спроведен 1998 година од Ендру Њејкфид објавен во медицинското списание Лансет, заподоцна неговиот труд биде прогласен за виновен за сериозен професионален деликт од страна на Генералниот Медицински Совет на Обединето Кралство до крајот на животот. “- ни изјави д-р Ралерва. Таа додава: „Една Данска студија во која учествувале 537.303 деца во 2002 година даде силни докази против каква било поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот. За сите овие деца не постоеше никаква поврзаност меѓу возраста во моментот на вакцинација, времето поминато од вакцинацијата или датумот од една страна и појавата на аутистичност од другата страна. Правени се низа други студиии во кои се споредени стотици илјади деца кои примиле МРП вакцина со оние кои не примиле, па е докажано дека ризикот од аутизам е ист во двете групи. Инциденцата за појавата на болест или состојба на аутизам или аутистично однесување е подеднаква. Причините за аутизмот треба да се бараат на друго место. Се знае дека тоа се промени кои се случуваат уште интраутерино со силно влијание на многубројни ендогени и егзогени фактори“.
Постојат бројни истражувања кои ја демантираат ова приказна која се пласира во јавноста, посебно благодарение на моќните социјални мрежи. Последното истражување е направено на светско ниво. Во истражувањето биле вклучени над милион деца. Резултатите укажаа дека не постои зголемен процент на аутизам кај деца кои ја примиле оваа вакцина, во однос на децата кои не ја примиле.
За жал, кога еднаш се појави оваа темата на отворена дебата, ширењето на податоците и ставовите не може да се закочи. Тешко е да ги натерате луѓето да прифатат нешто денес. Наместо да се верува на истражувањата на официјални медицински установи, сепак денес се почесто се верува на т.н борци против фармацијата. Дел од нив се бават со надрилекарство и навистина е тешко да го убедите луѓето дека тие не се во право. Мајките кога ги слушаат тие ставови, лесно ги фаќа паника. Тоа потоа продолжува да се шири како вирус.
„Вакцините се едно од најголемите откритија во медицината и секако најголема придобивка. Превенцијата на болестите преку колективна имунизација донесоа најдобри резултати во борбата со заразните болести кои имаа висок морталитет. Колективната имунизација придонесе до тоа голем број болести кои практично беа лесно преносливи и смртоносни денес во голем дел од светот да се искоренети. Полио, морбили, црна кашлица и многу други денес речиси и да ги немаме.“- ни изјави Софијанова
Според Маја Симончева, со вакцинирање на своето дете, го заштитуваме од заразни болести, а со тоа придонесуваме за одржување на колективниот имунитет. Со колективниот имунитет ги штитиме другите деца или возрасни кои од медицински причини не можат да се вакцинираат. Благодарни ќе бидат родителите на оние деца кои заради имуно дефицитарна болест или малигно заболување не можат да се вакцинираат, бидејќи постои тој колективен имунитет. За да опстои потребно е барем 95% од децата да бидат вакцинирани.
Психолозите направиле истражување како се раѓаат периодите на движење против вакцините. Откриле дека еден од главните проблеми е фактот што младите мајки никогаш не живееле во време кога некоја опасна болест напаѓала сериозно. Тие не живееле во време кога илјада бебенца умирале од таквите болести против кои се вакцинира. Оваа илузија води до ирационални постапки. Мајките живеат во уверување дека тие болести се минато, па одлучуваат да не вакцинираат. За жал, тоа може да не исправи пред сериозна опасност.
Секоја земја има календар на вакцини кои се пропишани со закон. Нема да ги набројуваме сега. Но, ќе спомнеме дека има два фактори кои се клучни за избор на задолжителните вакцини. Првиот е корисност на вакцината, а вториот е цената.
Министерството за здравство објави листа на земји од кои се набавуваат вакцините за имунизација на децата.
Во Република Македонија, со активна имунизација се започнува кон средината на минатиот век и со текот на времето бројот на болестите кои се превенираат со вакцинација се повеќе се зголемува. Првата вакцинација во Република Македонија е воведена во 1948 година со воведување на вакцинација против туберкулоза. Оттогаш наваму се воведени вакцини против многу заразни заболувања. Република Македонија ги прати препораките на Светската здравствена организација и во последните години воведе нови вакцини и тоа, вакцина против Хепатитис Б во 2004 година, вакцина против Хемофилус инфлуенција тип Б во 2008 година, како и вакцина против ХуманПапилома Вируси во 2009 година .Опфатот со вакцинација перманентно се подобрува, со што нашата држава се вбројува меѓу државите кои имаат висок опфат со имунизација.
Според д-р Симончева, за квалитетот и безбедноста е одговорна државата, односно агенцијата за лекови, која верувам одговорно си ја врши работата.
Над 100 родители годинава добиле прекршочни пријави зошто не ги вакцинирале децата. До Државниот санитарен и здравствен инспекторат се доставени уште 94 известувања за семејства кои го прекршиле законот за заштита на населението од заразни болести. Бројката од само околу 200 пријави за невакцинирани деца е релативно мала, имајќи го предвид фактот дека процентот на имунизација посебно со МРП во Скопје е паднат на 67 проценти.
Во соседна Србија родители и лекари најавуваат кривични пријави против јавни личности кои ширеле паника и воделе кампања против вакцинирањето.
Република Македонија со години наназад има успешен систем за имунизација во државата спроведуван од страна на службите за имунизација во Здравствените домови во државата. Со години наназад е забележан висок опфат за имунизација со сите вакцини. Со успешната имунизација во Република Македонија се постигнати многу позитивни резултати. Последниот случај на дифтерија е регистриран во 1976 година. Нема податоци за регистрирани случаи на постпородилен тетанус уште од 1993 година. Последниот случај на полиомиелитис е регистриран во 1987 година. Во јуни 2002 година, Република Македонија заедно со останатите држави од европскиот регион доби сертификат како земја ослободена од полио (poliofreecountry)
За Женски Магазин, Вики Чадиковска