, ,

Накитот, предизвик за убава и успешна бизнис приказна

Добивај вести на Viber

Близнаците имаат сила да прават повеќе работи во исто време и притоа да бидат успешни во се. Така велат астролозите, а нашето истражување за оваа инспиративна дама, само може да принесе дополнителни податоци кои одат во прилог. Таа е мајка на убавицата Надиа, а наскоро ја очекува принова. Има училиште за странски јазици, а својата креативност ја храни со изработка на накит. Наташа Кирковска за Женски Магазин ја раскажува својата убава приказна. Женски Магазин: Што Ве инспирираше да почнете да изработувате накит? Кирковска: Отсекогаш сум имала потреба да внесам доза на креативност во мојот живот. Еден период почнав да сликам…тоа беше апсолутно аматерски, но и денеска имам мои слики на ѕидовите во нашиот дом. Идејата да изработувам накит дојде сосема спонтано во разговор со мојата сестра. Женски Магазин: Дали изработувате сама или имате помош? Кирковска: Почнав заедно со сестра ми, но продолжив сама и сега немам конкретна помош, освен можеби идеи за некои креации, дадени токму од неа. Женски Магазин: Како изгледаше Вашата прво парче? Кој го доби и каква беше реакцијата? Кирковска: Првото парче накит беа обетки изработени за мене. Имаше многу позитивна реакција од сите околу мене, па така создавав нови парчиња претежно за мене и сестра ми. Со тек на време почнаа другарките да ми нарачуваат, па потоа веќе започнав и со продажба. [gallery size="full" ids="1928,1929,1930"] Женски Магазин: Со кои материјали најчесто практикувате да работите? Кирковска: Најчесто употребувам патенти, стаклени камчиња, монистри, разни фигури и украсни врвки, но патентите се основата на мојот накит. На задната страна на секое парче накит аплицирам кожа која го комплетира оригиналниот изглед на истиот. Женски Магазин: Колку време Ви треба за да изработите еден комплет? Кирковска: Зависи од моделот. За некои парчиња ми треба повеќе време, а некои се готови за ден, два. Но тоа зависи секако и од другите обврски кои во моментот ги имам. Женски Магазин: Имате и свои училиште за странски јазици. Дали својата креативност ја споделувате и ја пренесувате на вашите ученици? Знаат ли дека изработувате накит? Кирковска: Да, сопственик сум на училиштето за странски јазици Френдс и со ова се занимавам веќе 14 години. Предавам италијански јазик и имам можност да ја искажам мојата креативност и за време на наставата. Да се биде професор е многу благодарна професија и јас навистина уживам во тоа. Среќна сум дека го работам тоа што го сакам. Некои од моите ученици знаат за моето хоби, за изработката на накит, а некои не. Женски Магазин: Како успевате сè да координирате? Мајка на мала убавица, а наскоро и со принова. Колку е едноставно се да се држи под контрола? Кирковска: Постои една сила која е појака од сè-тоа е силата на волјата и љубовта спрема тоа што го правиш. Изработката на накит, морам да кажам, за мене не е обврска, тоа е работа која морам да ја вршам… тоа е нешто во кое навистина уживам на крајот на денот, а и се опуштам на тој начин. Исто толку уживам и во работата во Френдс. А кога правиш нешто што сакаш, полесно е да се организираш и најдеш време за се. Ќерка ми Надиа има 4 години и многу сум среќна со неа. Не е воопшто напорно со неа, бидејќи е многу паметно и послушно дете и впива буквално сè на што ја учам. Сака да доаѓа со мене во Френдс, сака да ми помага кога правам накит, кога сликам и таа си црта. Бремена сум и наскоро очекуваме принова. Секако ќе биде многу потешко да се искоординира сè, но со добра организација се е можно. Женски Магазин: Секое лето патувате во Италија, заедно со вашите ученици. Како се одлучивте за оваа опција? Која е целта на тие патувања? Кирковска: Моето училиште има соработка со универзитетот за странци „Данте Алигиери“ во Реџо Калабрија, Италија. Веќе 14 години организираме групи кои одат таму да го изучуваат италијанскиот јазик. Јас како студент отидов таму и бев воодушевена од магијата која ја има тоа јужно гратче на Италија. Излегува и на Јонско и на Тиренско море и со таква местоположба е идеално место за добар одмор и уживање, а и одлична прилика да се научи најубавиот јазик на светот. На самиот факултет предаваат сертифицирани професори обучени да работат со странци и наставата е интересна и забавна за сите. Така и се роди идејата за соработка со нив и ете веќе 14 години успешно опстојува. Јас десетина години ги водев групите и поминував по еден месец таму со нив, а сега за жал, поради семејните обврски не можам…Но во иднина се надевам дека сите заедно ќе одиме. Организирајќи го ова патување, она на кое секогаш настојувам е сигурноста на сите коишто патуваат со нас, затоа што одговорноста е голема. Најголема сатисфакција е кога сите ќе се вратат среќни и задоволни, а задоволни се и нивните родители. За Женски Магазин, Вики Чадиковска