Насилството треба да се препознае во секој облик

Добивај вести на Viber

Жените во јавниот простор се соочуваат со различни форми на родово-базирано насилство: дофрлање и коментирање, несакано сексуално внимание, зјапање, свиркање, преблизок физички контакт, допирање, штипкање, физичко насилство, сексуално насилство, малтретирање, вознемирување, силување и други. Мнозинството од  испитаничките во истражувањето на Реактор,  во најголем дел се согласуваат дека набројаните форми на насилство не добиваат еднаков третман или препознатливост кај општата јавност, но и тие не добиваат еднаков третман ни од страна на жените, па ни жртвите. Постојат две сосема спротивни перцепции за тоа што ние го нарекуваме „форми на насилство“ и во ова истражување тие се совпаѓаат со ставовите на речиси сите испитаници. Имено, некои од нив јасно го идентификуваат насилството во сите негови форми, и другите кои не го препознаваат, а понекогаш дури и го оправдуваат (поради однесување на жените, изглед или облека која, според нив, провоцира насилство). Довикувањето или зјапањето се смета за нормална појава, па дури често е маскирана како комплимент. Жените не ги доживуваат ниту најлесните форми на вознемирување како додворувања или комплименти. Емоциите кои најверојатно ќе бидат предизвикани кај жените во ваквите случаи се навреденост и гнев во случаи на вербално малтретирање и, очекувано, страв во случаи на физичко насилство. Она што дополнително може да се заклучи од одговорите на ова прашање, а кое е поврзано и со препознавањето на разните форми на насилство, е тоа што иако повеќето жени реагираат негативно на вознемирување на улица, постои значителен број на жени кои изјавиле дека имаат неутрални чувства во случаи на довикување (24,6%) или зјапање (29,5%). Оваа амбивалентност може да се толкува како форма на справување со најраспространетите форми на родово-базирано насилство, во смисла дека поради тоа што се редовно изложени на нив, многу жени можеби ги прифаќаат како неизбежен дел од тоа да се биде на јавни места. Токму на оваа тема, Женски Магазин, разговарше со Елена Димушевска директор на Националната Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство. Женски Магазин: Дали институциите реагираат навремено при пријави за семејно насилство? Елена Димушевска: Нашето искуство покажува дека институциите не реагираат соодветно на пријавените случаи на семејно насилство. Недоволната екипираност на центрите за социјална работа оневозможува да се посвети доволно време на секоја жртва посебно, односно да се практикува индивидуалниот пристап кој е најсоодветен кога се работи за ова прашање. Секоја жртва има индивидуални потреби кои треба да се следат и во таа насока да се направи план за безбедност и процена на ризик доколку е потребно, а секако и да се обезбеди поддршка од типот на психолошко советување и правна помош. Токму од таа причина се препорачува овие сервиси да ги обезбедуваат женските граѓански организации кои работат на ова прашање. Женски Магазин:  На кој начин можат жените да бидат заштитени, доколку врз нив е применето семејно насилство? Елена Димушевска: Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство предвидува два типа на мерки за заштита на жртвите. Едните мерки за заштита опфаќаат услуги како сместување во засолниште за жртви, здравствена заштита, психосоцијална помош и поддршка, бесплатна правна помош и економско јакнење. Ова се всушност специјализираните сервиси за жртви на семејно насилство. Македонија како земја многу заостанува во однос на обезбедување на овој тип на сервиси. Имено, на национално ниво постојат 4 државни засолништа, и две раководени од граѓански организации. Вкупниот капацитет на кревети во засолништата е некаде околу 35. Земајќи предвид дека овие засолништа обезбедуваат сместување од 3 до 6 месеци, постоечките капацитети се далеку од минимум. Во однос на другите сервиси, постои само еден Центар за психо-социјална поддршка кој е лоциран во Скопје, и неколку центри за бесплатна правна помош лоцирани во Скопје, Тетово, Куманово, Штип, Свети Николе. Сите овие се раководени од граѓански организации и финансирани преку проекти, преку кои не може да се гарантира одржливост и долготрајно функционирање. Како што може да се види, овие сервиси се главно лоцирани во Скопје и неколку други градови, односно во урбани средини. Жените од руралните средини немаат пристап до специјализирани сервиси, а истото се однесува и за жените со попреченост. Да дообјаснам, ниеден од погореспоменатите сервиси не е достапен / приспособен за жени со физичка попреченост, ниту пак лицата кои работат во истите се специјализирани за работа со жени со интелектуална попреченост. Значи, генерално состојбата со специјализираните сервиси е загрижувачка и мора да се преземат итни чекори за унапредување на овој тип на заштита на жените жртви. Во однос на другиот начин за заштита, по предлог на Центарот за социјална работа, Полицијата или Жртвата, судот изрекува привремени мерки за заштита од семејно насилство. Тука спаѓаат: забрана за доближување; забрана за закана дека ќе изврши семејно насилство; забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира; задолжително посетување на советувалишта; задолжително лекување (доколку постои злоупотреба на дрога, алкохол и други супстанци) итн. Вкупно се 11 привремени мерки за заштита и нивното непочитување повлекува други санкции предвидени од судот. Она што е проблематично во однос на овие привремени мерки е нивното почитување од страна на сторителот. Имено, во законот е предвидено дека соодветните институции мора да го следат почитувањето на мерките или доколку има пријава од жртвата за непочитување, соодветно да реагираат што најчесто не се случува. Па оттаму и самите мерки ја немаат функцијата и не ја обезбедуваат заштита за која првенствено се донесени. Женски Магазин: Како се перципира насилството врз жените во Македонија? Испитувањата на пример укажуваат дека често шлаканицата не се толкува како насилство и потенцијална опасност? Елена Димушевска: Тоа е точно. За жал во Македонија посебно внимание се посветува само на потешките форми на насилство, односно физичкото насилство особено ако има видливи повреди. Останатите форми на насилство не се препознаени, или подобро речено не се третираат на соодветен начин. Многу често се бара причина и објаснување за истото со тенденција вината да се префрли на жртвата т.е. таа во предизвикала. Она што мораме да го запомниме е дека ниеден инцидент на насилство, без разлика што му претходело, не смее да биде оправдува и толериран. На тој начин само даваме дозвола на сторителите за продолжат со насилното однесување и истото со текот на времето да ескалира и да има многу посериозни последици. Женски Магазин: Дали постои интерес за нови мерки и политики на државно ниво, со кои би се спречило насилството и последиците врз потенцијалните жртви? Елена Димушевска: Пред повеќе од еден месец, почна со средби работната група за ратификација на Истанбулската Конвенција која е во рамки на Министерството за труд и социјална политика. Ратификацијата е очекувана да се случи до крајот на оваа година, а самата конвенција предвидува мерки за унапредување на превенцијата, системот на заштита на жртвите (односно специјализираните сервиси) и гонење на сторителите. И она што е најважно да се напомне е дека оваа конвенција предвидува превенција и заштита од сите форми на насилство врз жени, а не само семејното. Други форми на насилство врз жени се: сексуално насилство вклучително и силување, присилна стерилизација и присилен абортус, психичко насилство, физичко насилство, сексуално вознемирување (на работно место и на јавни простори), договорени и малолетнички бракови, присилни бракови и фемицид како најтешка форма на насилство.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска