Интервјуа // Интервјуа
На мајките им треба поддршка
Граѓанската инцијатива „450 Породилно“ (Пеленска револуција) организираше референдум за донесување на предлог Закон за работни односи со кој ќе се зголеми времетраењето на платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци за едно дете и 15 за повеќе деца, на 18 месеци за сите мајки без разлика колку деца раѓаат. Потребните потписи за почеток на постапката се собрани.
Разговаравме со Снежана Кузмановска, мајка и активистка за иницијативата „ 450 породилно за мајките“
Женски Магазин: Кои се придобивките од Иницијативата „450 породилно за мајките “?
Кузмановска: Придобивките ќе бидат големи за мајките кои би биле 18 месеци на боледување. Голем проблем на мајката работничка претставуваат непроспиените ноќи. Едно дете во текот на ноќта во просек се буди едно 10тина пати. Тоа го нарушува сонот на мајкат, а можноста за непречен одмор кој ќе и ги врати силите за работа наредниот ден е многу мала. Јас поаѓам од себе, моето бебе добри 15 - 20 пати ми се буди во текот на ноќта. Колку можам да функционирам после тоа или еве и да продолжам со тоа темпо колку години ќе издржам така? Тоа е едноставно преголема тежина за еден човек. Второ, јас сега веќе не го дојам своето дете, но има мајки кои го дојат. Самото доење е процес кој бара дополнително напор и енергија и дополнително психофизички ја исцрпува жената. Се знае дека после и пред доењето една мајка мора да консумира здрава храна, многу повеќе течности од обично, дополнително и соодветни таблети кои го освежуваат организмот со потребни витамини и минерали. Сето ова укажува колку одзема самото доење и колку му треба на еден организам да се врати во нормалата. Огромни хормонални промени кои го следат периодот на забременување, бременост и пораѓање даваат до знаење дека тоа тело на таа жена претрпело промени за кои треба време да се вратат во нормала. Ако на ова додадеме дека со раѓањето ни се отвора дополнителен ангажман околу детето во смисла на готвење храна, подготовка на алишта, пелени, пресоблекувања и средувања околу малото, едноставно нема да има крај на списоков за набројување. Денот на една мајка е исполнет до максимум, а некогаш и повеќе од тоа. Прашањето е во случајов зошто поради заморот да трпи и мајката, а и работата и мајчинството. Кој е најдобар начин да можат да се задржат сите три аспекти на животот, а сепак да се остане здрав? Нашиот предлог беше продолжување на породилното. Експерти докажуваат дека бенефиции ќе има на сите полиња: здраво дете не оптоварено со разделба од мајка и болести по градинки, мирна мајка подготвена за нови ангажмани, и она што највеќе ги боли работодавците и државата а тоа е неоптеварен буџет за постојани боледувања на родителите, растоварување на работниот кадар во градинките. Значи ова се статистики и истражувања од стручни лица во областа на општественото живеење.
Женски Магазини: Дали иницијативата „ 450 породилно за мајките“ е важна за самодовербата на една жена?
Кузмановска: Колку убаво прашање! Придобивките од 450 се однесуваат на многу полиња од целокупниот живот, не само на жените и на сѐ она до коешто се допира, татковци, блиски роднини, општеството, пред сè и над се детето. Но да!! Самодовербата на една жена со едно вакво законско решение секако дека добива на важност, односно секако дека се одразува. Ако жената знае дека во оваа држава поради добри, цврсто исконструирани закони може мирно и спокојно да си остане трудна, да си работи во периодот на таа бременост (што е исклучително интересно искуство) и на крај да знае дека со сигурност после тој прекрасен период ја чека нејзината работа, ЗАГАРАНТИРАНА СО ЗАКОН... Тоа секако дека влијае како одличен стимул на самодовербата. Да скратам со објаснувањето, и обратно како треба да се носи со себе жена која кога забременува, крие во страв дека бремена нема кој да ја вработи, бремена може да ја тргнат од местото, а и породена можат да се „збогуваат“ со неа преку разноразни матни одлуки. Во ваква држава треба да функционира една бремена жена и да донесе нов живот, а притоа се лупаме во гради колку ја почитуваме жената во нејзината БЛАЖЕНА СОСТОЈБА?! Не условите за живот воопшто не се блажени за жените во тој период, па еве шанса да се направи на тој план нешто.
Женски Магазин: Од кого потекна иницијативата? Како се роди оваа идеја?
Кузмановска: Па ако сме искрени и реални, не беше многу тешко да дојде до идејата за породилното. Беше можеби повеќе прашање на време и околности кога тоа ќе се случи. Но еве вака, ние три жени како за почеток секоја со свој проблем воочен од тој период на бременост и раѓање, доаѓаме на идеја да предложиме продолжување на породилното. Подоцна ни се вклучи и четвртата членка. Секоја вложуваше нешто од себе, кој идеја, кој контакти со новинари, поднесување и разнесување на документи, одење по комисии на собрание. Имаше доста маки додека дојдовме до тука. Потоа се вклучија и жените од сите градови на Македонија за помош околу собирањето на потписите, баш како една мрежа на мајки спремни на сѐ за своите деца. Исто многу убаво искуство. Она што не поттикна и помалку и не изреволтира е информацијата дека во 2015 имало договори, предлози и одлуки да се продолжат породилната при што се продолжиле само за близнаците. И нормално се поставува прашањето зошто не оставиле нас со единечни породувања. Зарем еднородените бебиња не се сметаат, или можеби се смета дека нам ни е полесно?! Тоа воопшто не е така. Но пак ќе речам тоа е само причина плус, секако, не и одлучувачко за нашата иницијатива.
Женски Магазин: Обезбедивте потребна бројка на потписи. Дали се соочивте со потешкотии при собирањето на потписите?
Кузмановска: Па, би рекла дека не. Со собирањето на потписите не како процес, повеќе се соочивме со проблем пред тоа и еве после тоа. Прво чекавме исклучително долг период за собирање -2 месеца. Ја чекавме владата да и даде зелено светло на ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА дека може да се отпочне со процесот на собирање. Притиснавме со писма ургентни до влада, до ДИК, до собрание. Сега пак откако завршивме со потписите добиваме известување да ја повлечеме иницијативата од Собрание, од страна на претседателот Талат Џафери поради тоа што течат локалните избори. Со напомена дека собранието во овој период не заседава, по изборите поднесете ја повторно. Не се работи за непочитување од наша страна, ниту за мрзливост, проблемот е во следново: бирократијата не трпи разбирање. Во која смисла, собранието си има свој деловник, свој начин на работа, свои правила, може за една погрешна буква што се вели да ни направат проблем. Еве на пример кога точно треба да ја поднесеме, дали на денот на отпочнување на собранието, ден претходно, ден потоа? Ние точно не знаеме, ниту пак има кој да ни каже. Од друга страна, па и не ни треба да го знаеме тоа. Проблем би можело да се јави доколку речат не требаше денес, требаше вчера итн. И уште многу други вакви ситни моменти. Чија ќе биде после одговорноста? Кој ќе ни биде крив? Во 2016 кога ја поднесовме иницијативата за прв пат , се случија изборите и се распушти Собранието. Но, тогаш си остана иницијативата во собрание и ја ставија на дневен ред откако се состави влада. Зошто сега ни кажаа, тоа можеме само на крај да го видиме.
Женски Магазин: Покажуваат ли институциите интерес за „450 породилно“ ?
Кузмановска:Па освен новинарите, дел од пратениците на ВМРО ДПМНЕ, поединци, педагози и педијатри, здруженија кои се борат за правата на жените и секако народот, генерално немало некоја институција која излегла да даде конкретна јавна поддршка. (Поддршка имаме од експрес пошта, нотар, копирање, сакам само да спомнам од благодарност) Поддршка сега ќе имаме од Австрија, бидејќи имаат и кај нив иницијативи да се продолжи породилното. Имено, викнати сме на средба со невладино австриско здружение, па ќе видиме како тие можат да ни помогнат. Се развива идејава за породилното, очигледно е дека е исклучително важно, имено и ние како жени сме сè уште во намера да регистрираме здружение на оваа тема во иднина.
Женски Магазин: Дали Македонија е подготвена за реализација на „450 породилно“?
Кузмановска:Па да ви кажам ако беше спремна за некои проекти, ќе биде спремна и за овој. Повторно ќе кажам, во суштина нема да треба толкави средства како што се мисли. Мајките нема после законот веднаш да „скокнат“ и да остануваат бремени. Во една фирма од 10 вработени не се сите жени и нема веднаш сите 10 да одат на трудничко. Мислам овој проблем не е гола математика, па ајде сега што ќе ја снајде државата ако се продолжело породилното. Чисти глупости! Се знае за сѐ треба да се смисли добар предлог, добри решенија и истото може да се направи. Експерти економисти, педагози, психолози, работодавци, работници, сите нека седнат на иста маса што се вели и нека бараат решение, затоа што вреди! Вреди да си ги испотиме главите за нашите новороденчиња, тие се вредни за нив да се собереме сите од сите националности, професии, политики и да најдеме за нив средства. Така се чува државата, така се чуваат потоа младите да си ја сакаат земјата од која дошле. Се разбира треба многу други работи да се сменат, но секој нека си го даде својот удел. Она што е усте поважно е да се осмислат законски решенија за самите работодавци да не смеат да не го почитуваат Законот кој е стапен во сила. Јас не сум експерт ниту правник, но има кој може и којзнае да даде предлог како да се стави кочница за непочитување на законот. Нека се оформи посебна комора, комисија било што, која ќе го набљудува процесот на исполнување на законот. На крајот ќе кажам доколку смета државата дека може да постои злоупотреба и од стана на работничката, слободно нека најде начин како да не може да го направи тоа. На крај ќе кажам да не се остава се на зборови. Држава која води грижа за семејството, не може да крева раменици и да си го поставува прашањето „ама ќе можеме ли?“ Секако ќе мора! Условите за живот се создаваат, не паѓаат од горе, на истите треба да работат интензивно оние чијашто професија е тоа. Кога можевме ние, обични жени обични мајки 3,4, колку сме да иницираме процес за цела држава и во која се вклучи голем дел од државата, тогаш ќе може и државата да побара начин!!!
Женски Магазин: И досегашните исуксутва велата дека жените биле дискриминирани. Дали ова допоплнително ќе ја зголеми можноста за дискриминации на жените?
Кузмановска: Како сто спомнав погоре, не е тешко да се најдат сведоштва на дискриминација во Македонија. Првата што ја познавам сум јас, па понатаму… до бескрај. За жал наместо да го паметам тој период по убаво, јас искусив низа нерегуларности. Прашања дали имам деца, бидејќи бев веќе бремена, реков немам, но планирам да имам. Во Законот за работни односи стои дека нема право работодавец да се распрашува дали е трудна и колку е трудна работничката. (слободно нека побараат на интернет Закон за работни односи и нека го прочитаат цел). И сега се вели ќе има ли дискриминација во РМ доколку се продолжи породилното?? Мислам каде живеете вие луѓе, па дискриминацијата по основ на родителство и бременост е НАЈГОЛЕМА во МК, односно најмногу боли. Ќе генерализирам, ама кршење на Законот има највеќе во делот работодавец кон работничка. Второ мојот работодавец не пропушти да ми нагласи колку сум среќна што сум нашла работа во тој период. И трето ми нагласи дека доколку моето бебе се роди порано, да не се надевам дека тој ќе плаќал. Ова не се психички трауми??? Во како што реков БЛАЖЕНИОТ ПЕРИОД?? Ова е чување на жената??? А нели едно општество е онолку развиено колку што добро ја третира жената!! Ова е добар третман?? НЕ Е! Да довршам со моето сведоштво, кое сигурна сум го искусуваат многу, но не зборуваат за тоа. На крај бидејќи се породив пред време (на тие стресови не е ни чудо), ме нападна дека сум лажела за тоа колку сум бремена и дека е решен да ме одјави, се разбира за да не ми плаќа надоместок. Јас останав како и многу други жени да се снаоѓам со сопругот. Но едно знам, не е само да си работодавец, туку треба и да си човек. Тие девет месеци ќе поминат, фирмата или државата нема да пропаднат, ама по добрите дела ќе не паметат. Јас се разбира не сум веќе кај тој работодавец, самата сум во план и напор да регистрирам своја фирма, утре ден можеби и јас ќе бидам нечиј работодавец. И верувале или не никогаш нема вака да постапам! Ви благодарам за можноста да кажеме сто имаме. Поздрав до Женски Магазин, и поздрав до сите мајки.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска