Интервјуа // Интервјуа
ОТВОРЕНО МЕГА ИНТЕРВЈУ ЈОВАН ЈОВАНОВ: Жал ми е што порано не заминав од Македонија
Јас никогаш не сум бил член на ниту една политичка партија, ниту пак сум бил активист, а ниту сум заземал политички став. Единствената поврзаност со претходната влада беше тоа што по нивна нарачка правев музика за предизборни кампањи и за тоа си бев платен. Многу пати, јас и пејачите од мојата продукција, кога беше ВМРО на власт, сме настапувале на манифестации организирани од политичари на СДСМ.
Јован Јованов, еден од најуспешните и најпродуктивните, но и најозборуваните домашни автори речиси две години гради успешна кариера во Канада. Со сопругата Николина и со ќерката, од Македонија си замина во 2014 година. Прво во Холивуд, на музичко усовршување и како што вели за да си го оствари својот детски сон. Во интервјуто за Женски магазин, Јованов не штедејќи зборови раскажа за сите политички и фестивалски афери кои се врзуваа за неговото име додека беше во Македонија, но и за причините зошто според него е опаднат квалитетот на домашната музика.
Женски магазин- Колку време си во Канада, како се вклопивте таму со семејството?
Јован- Во Канада прилично бргу се вклопивме. За неполни две години, јас го отворив моето музичко студио, направив доволно контакти во музичкиот свет и целосно работам и живеам од музика. Го правам истото што го правев и во Македонија. На мојот сајт www.jovanjovanov.com, често поставувам песни што ги работам за тука. Мојата сопруга работи во својата струка, како инженер во компанија за производство на автомобили. Ќерка ми има 5 години и перфектно се вклопи тука. Мене лично ми се допаѓа Торонто. Нуди доста можности да напредуваш.
[caption id="attachment_15912" align="aligncenter" width="472"] Од пуста желба да се помогне и да се спаси музиката, минатата власт одлучи да донесе закон, кој за жал и одмогна на македонската музика, а со тоа направи уште поголемо уназадување на истата. Воедно ја донесе целата естрада на праг на раскол, прво, помеѓу самата естрада, а предизвика и голема омраза меѓу луѓето.- Јован Јованов[/caption]
Женски магазин- Зошто си заминавте од Македонија, има ли некоја конкретна ситуација која ве натера?
Јован- Јас цел живот имав желба да заминам од Македонија, ама успехот што го постигнав на млади години ме залажа за да останам и повеќе отколку што планирав. Уште како дете, сон ми беше да живеам во Америка, поточно во Беверли Хилс. Да работам и создавам музика таму. Не знам ни јас зошто толку чекав, но веројатно требаше да имам и доволно финансиски средства и искуство, па така во 2014 година заминав за Холивуд, за да се усовршам во областа за саунд инженерингот. Пред да тргнам за Америка, јас и моето семејство веќе аплицираме за иселеничка канадска виза. Така што, ние бевме комплетно решени и подготвени да заминеме. Или во Америка или во Канада.
Женски магазин- Летово беше во Македонија, какви впечатоци носиш од посетата? Дали нешто се сменило и дали се покаја што си замина?
Јован- Што да ти кажам, не се променило многу од денот кога заминав. Нормално дека ќе недостасуваат многу луѓе, пријатели, роднини, но треба да живееш за себе и за тоа што те прави среќен. Јас одамна не гледав голема перспектива за мојата професијата. Иако имав многу успеси, никогаш не бев задоволен од тоа колку заработувам. Знаев дека можам многу повеќе. Така што во ниту еден момент не се покајав. Откако живеев во Холивуд а после тоа во Торонто искрено, се каам што и порано не сум заминал.
Женски магазин- Што мислиш за поп-сцената и за фестивалите во Македонија денес?
Јован- Поп-сцената во Македонија доста опадна од пред 6,7 години. Основна причина беше економијата во државата, иселување на младите, а тоа доведе до затворање на огромен број на ноќни клубови и дискотеки. Единствената егзистенција на сите пејачи се настапите токму во тие клубови и дискотеки преку кои заработуваа, за да можат да изработат добра песна, видео запис како и да имаат од што да живеат.
Втората причина за опаѓање на македонската музика ја гледам, 90% во самата музика што се создава кај нас. Не се следи светскиот тренд, ниту пак балканскиот тренд кога се во прашање поп-фолк или генерално балканската поп- музика. Како прво, нашите фестивали се предводени од луѓе кои генерално погрешни песни бираат. Исто така и голем дел од самите автори и пејачи не следат што се случува, кои се најактуелни песни во светот па и на Балканот. А и да следат, не ги следат најдобрите туку ете така си создаваат музика за своја душа. Затоа и ретко излегуваа хитови кај нас. А и тие што навистина се слушани и се гледани на Јутјуб, не добиваат поголем медиумски простор од тие што воопшто не се слушани или гледани Јутјуб. Ако споредиш пет различни радио станици во овој момент, и ја слушнеш нивната македонска топ-листа на хитови секаде е различна. Никој не се води според релевантен медиум, како што е во моментов Јутјуб. Никој не проверува која песна навистина се слуша, се бара, а која воопшто не е актуелна. Поголемиот дел од порталите исто така цело време пласираат лажни вредности. Ако одреден новинар со некој пејач е близок, тој си го фали и го претставува како најјак, најбаран пејач, а никој не се води според тоа кој колку следбеници има на социјални мрежи- колку навистина е актуелен. Затоа и заинтересираноста на публиката не е голема, за да чита статии за некоја си актуелна фаца, што за публика не е актуелна. На најголемите издавачки куќи во светот како „Јуниверзал“ и „Сони Мјузик“, за да понудат договор, најважно им е колку прегледи имаат изведувачите на Јутјуб, и колку следбеници имаат на социјалните мрежи. За нашите медиуми тоа не е важно.
Женски магазин- Од кога, според тебе дојде до влошување на поп-сцената?
Јован- Поголемата катастрофа дојде во 2013 година. Од пуста желба да се помогне и спаси музиката, минатата власт одлучи да донесе закон, кој за жал и одмогна на македонската музика, а со тоа направи уште поголемо уназадување на истата. Воедно ја донесе целата естрада на праг на раскол, прво, помеѓу самата естрада, а предизвика и голема омраза на луѓето и одредени медиуми спрема истата. Намерата беше добра, но законот го составуваа нерелевантни и неупатени луѓе.
Конкретно кога станува збор за фестивалите, најдобрите наши автори, кој имаа создадено многу хитови, токму преку тие фестивали, секогаш имаа отворено место за учество, зошто со нивните песни придонесуваа за фестивалите. Со измените на законот одеднаш хитмејкерите ги снема. Нивните песни беа одбивани од некои си жирија создадени според мислењето на Министерство на култура или од некои општини. А кој е по компетентен од најдобрите автори, за да кажува што е хит или не? За да не зборувам за моите колеги, ќе се дадам јас како пример. Кој има повеќе од 150 МИЛИОНИ прегледи на Јутјуб на авторски дела од мене? Кој е порелевантен од мене, па да ми каже што е хит а што не? А и да направиш нормалена песна која доликува на ова време не е изводливо да се изведе со оркестар и така си принуден твоите песни да ги продаваш во Албанија, Косово, Србија, Бугарија каде што луѓето следат што се случува со музиката во светот. Затоа и фестивалите го допреа дното.
https://www.youtube.com/watch?v=dLO8moqRQN0
Женски магазин- Како ги коментираш високите фестивалски награди кои се даваа до скоро?
Јован- Жално беше кога за некој фестивал ќе се потрошеа по 100.000 илјади евра, а само една песна или ниту една ќе имаат успех. Во 2014 година пред да заминам, бев во кабинетот на поранешниот градоначалник н а Штип, Илчо Захариев, и му се чудев кога ме убедуваше дека немало подобар „Макфест“ и дека му го вратил сјајот. Тоа би било исто како јас него да го убедувам за фармација, што не негова струка, што е добро а што не. Си помислив: како го вративте сјајот? Со старомодните песни? Со тоа што ниту едно радио не сака да ги пушти тие песни? А да не зборуваме за кафулињата и клубовите. Сигурно диџеите совршено би ги измиксале со новиот хит на Ријана. Го вративте сјајот со тоа што не бевте способни да издадете ниту носач на звук после фестивалот, па се доцнеше за аудио снимката по 5 месеци по завршување на истиот? А да не зборувам дека веќе песните не се издаваат на цеде туку само на интернет продавници. Со тоа што никој не се сети да ги постави настапите на изведувачите на Јутјуб истата вечер, во добра резолуција, зошто не разбираат дека тоа е најголемиот медиум за музика. Или можеби го вративте сјајот со тоа што песните на ви се гледани во просек по 5.000 пати? А само на Слаткаристика последната песна од Мај 2017 има повеќе 8 МИЛИОНИ прегледи. И така ексминистерката на култура, директорот на МРТ, градоначалникот на Штип си се фалеа дека немало подобри фестивали, дека ја спасиле музиката.
И тоа не е се. За уште поголема да биде катастрофата, минатата Влада почна со закон да ги условува медиумите да ги пуштаат токму тие исти песни што никој не ги слушаше. Така направија таков негативен ефект што медиумите негативно се настроија кон македонските изведувачи и автори. Потоа, се најде уште посмешно решение. Им ветија на медиумите дека ако вртат македонска музика, дека за возврат ќе ги намалат авторските права, како и дека ќе ги укинат изведувачките права, за кои не само македонските автори туку авторите од Балканот и пошироко се побунија, дека тоа не е изводливо така. Авторските права се заштитени во светски рамки, а некои наши паметни политичари, се обидоа да не ги почитуваат. Па како капак на се, омразата стана поголема кон изведувачите и кон авторите и од страна на медиумите и од страна на народот, кој не беше доволно упатен, а додуша и медиумите тенденциозно пишуваа , се разбира по нарачка. Уметниците беа презрени, омаловажувани без никаква потреба, ниту криви, ниту должни, си ги добија критиките по социјалните мрежи. Кога ќе размислам, „мамето и го ебаа“ на целата естрада и на македонската музика. Што е најтрагично ниту тие не се свесни што направија. Некој да ја мразеше толку естрадата, немаше ваков план да смисли. Подобро ништо да не се преземаше од страна на минатата влада, музиката да се препушташе на музичарите. На времето толку хитови правевме, никој не ни се мешаше во струката. Кој го бидуваше, си излегуваше на површина.
Женски магазин- Тебе порано те поврзуваа токму со минатата власт за која зборуваш. Каква поврзаност имаше со таа политичка партија?
Јован- Јас никогаш не сум бил член на ниедна политичка партија, ниту пак сум бил активист, а ниту сум заземал полнитички став. Додуша не би ни имал некоја корист, од било која политичка партија. Што може мене да ми понуди една партија како на композитор? Државна плата? Па јас од творење на музика и од настапи по клубови и ред други работи, многу, многу повеќе заработував месечно од таа плата. Да имав фирма за градежништво, па да се надевав дека ќе добијам некој тендер, да изградам некоја зграда или автопат, тогаш веројатно би бил повеќе активен. Вака со музика, се е тоа ситно и никогаш не сум се бламирал како други јавни личности да одам на било какви собири, демонстрации и слично. Единствената поврзаност со претходната влада беше тоа што по нивна нарачка правев музика за предизборни кампањи и за тоа си бев платен. Многу пати, јас и пејачите од мојата продукција, како на пример Елвир Мекиќ, кога беше ВМРО на власт, сме настапувале на манифестации организирани од политичари на СДСМ. (Зоран Заев во Струмица, Ќурчиев во Гевгелија итн.) Значи бевме професионалци, го работевме она што најдобро го знаеме и публиката не ја делевме, ниту по партиска, ниту по национална припадност. Мене тоа ми е професија. Од неа плаќам сметки и живеам, така да не гледам ништо лошо во тоа. Кога има изборна кампања стотици луѓе работат за пари на истата. Некои луѓе местат озвучување, некои местат сцена, други се грижат за безбедносни огради, за осветлување, за камери, за автобуси, ама ние сме јавни личности, па сме најпогодни за лепење етикети и не сместуваат во некоја партија, што не значи дека е така. Јас повеќе изгубив со тоа што ме поврзуваа со партијата, отколку што добив.
[caption id="attachment_15913" align="aligncenter" width="428"] Во Канада прилично бргу се вклопивме. За неполни две години, јас го отворив моето музичко студио, направив доволно контакти во музичкиот свет и целосно работам и живеам од музика[/caption]
Женски магазин- Вистина ли е дека претходната власт забранила да одиш на Евровизија како автор?
Јован- Кога ќе се сетам, по 2011 година и последната моја „Евровизија“, многу анти владини медиуми беа негативно насочени кон мене, и ја труеја јавноста, дека мене тогашната власт ми помага да освојам награди или да одам на „Евровизија“. Еден таков медиум во тоа време беше А1 Телевизија, во периодот од 2009 до 2011. А таквите негативни коментари ниту на ВМРО- ДПМНЕ не им одговараа. Така што да, од кабинетот на поранешниот Премиер Груевски, на директорот на МРТ му беше кажано, дека јас веќе никако не смеам да одам на „Евровизија“ како автор. Во 2013 година, кога требаше Есма Реџепова да оди заедно со Влатко Лозановски, г-ѓа Есма сакаше јас да бидам композитор на нивната песна. Ама директорот на МТВ во нејзината куќа на Кале, и ја соопшти директивата од Владата, дека јас не смеам да одам повеќе на Евровизија. Па кога ќе се сетам и во 2009 година кога победија „Некст Тајм“, една наша „дива“, таа година исто плачеше кај тогашниот Премиер, дека јас сум ги наместил да победат на фестивалот. Па дури и на седница на Владата паднало муабет за мене пред сите министри. Веројатно немале попаметна работа. Па после пишував допис до премиерот и јас да ја кажам мојата страна. А што имав јас од тоа, ако победат „Некс Тајм?“ Па немаше ниту парични награди ниту било какви стимулации во тоа време. Дека сум еден од трите автори? Па дечките беа млади, талентирани, публика ги обожаваше. Ама тоа е.
Ми беше криво што и некои колеги од естрадата, секој мој успех на било кој фестивал во периодот од 2006 до 2013 година го поврзуваа токму со тоа, дека мене некој се ми помага. Веројатно тоа им беше утеха за нивниот неуспех. Јас имав доста успеси и пред ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт. Во 2005 година освоив на „Макфест“ и прва и втора награда во исто време, во 2004 бев на Евровизија со Тоше Проески, во 2003 на „Макфест“ 3 награда, во 2001 на Скопскиот фестивал втора награда, во 1998 на „Макфест“ прва награда и уште десетина други награди во тој период со групата „Магија“. Така што, има нешто што не може никој да го оспори, а тоа се делата.
Женски магазин- Беше на мета на критики од јавноста особено за првата награда во износ од 20.000 евра на Скопски фестивал со Ламбе Алабаковски во 2013 година.
Јован- Ако јас се прашувам, моето лично мислење е дека не треба да има награди на фестивалите, а најмалку да има парични награди. Единствена причина е тоа, што не постои мерка ниту пак параметар што ќе докаже дека таа песна е подобра од другата. Не постои најдобра песна. Постои најпродавана песна, најгледана песна на Јутјуб или најслушана на радио станиците. Музиката е работа на вкус. Затоа никогаш нема сите да бидат задоволни од тоа кој победил. Да ги ставиш на еден натпреварувачки фестивал Џастин Бибер, Дејвид Гета и Еминем, кој и да биде победник, останатите обожаватели на другите изведувачи ќе кажат дека е не регуларно и дека не се согласуваат со победникот. Да ја земеш и „Евровизија“ како пример за поп- фестивал, според кој нашите забавни фестивали би требало да се огледаат, ниту „Евровизија“ нема класични награди. Се прогласува победник за да се знае каде ќе се одржува следната година. Ама затоа нема втора награда, трета награда, ниту пак награда за најдобар текст или најдобар аранжман. Затоа што не постои најдобар текст, ниту најдобра музика, ниту најдобар аранжман. Во прашање е вкус.
Кога сме кај Скопски фестивал 2013 година, јас го убедував Ламбе дека треба да учествуваме токму на првиот фестивал кој ќе има големи парични награди. Оти после тоа, сите фестивали ќе се претворат во натпревар, кој ќе организира повеќе пријатели и роднини за гласање. „Скопје фест 2013“ на кој што победивме јас и Ламбе беше најреалниот фестивал од сите. Ние победивме само со 120 гласови од пратени смс пораки од цела Македонија. Второ пласирана беше Тамара со 89 гласови а трето место Димитар Андоновски со 76 гласови. Овој мал број на гласови ја кажува реалноста за тоа колку е заинтересирана целата македонска јавност за еден фестивал. И не гледам што е тука спорно. Тоа што Ламбе добил 120 гласа од цела Македонија? Па не добил 100.000 па да е сомнително. Така да сите само зборуваа во празно, си правеа рекла-кажала муабети. Како и да е. За да се даде 20.000 евра за прва награда на фестивал, треба прво да се направи истражување на истиот. Ако се земе во предвид дека само 100 гласа се реалност тогаш не може да се доделат толкави награди. Ама на кој да кажеш?
Донесоа закон, консултирајќи погрешни луѓе, кои воопшто не беа упатени во фестивалите. Така е кога политичари одлучија да ни ја оправат музиката, затоа и нашата естрада стана циркус без пари. Тоа би било исто како ние музичарите да решиме да ја оправиме економијата во државата.
А и на крајот на краиштата, па што ако сум победил со моја песна? Што беше тука чудно? Некого го заболе дека пари земавме прв пат во живот? Веројатно најмногу ќе им се допаднеше, воопшто да не учествувам. Па јас во 2001 година со моја песна земав втора награда на „Скопје Фест“. Во 2004 година победив со Тоше. Во 2006 година мојата композиција беше второ пласирана, во изведба на Адриан Гаџа и Есма Реџепова. Во 2009 година победив со групата „Некст Тајм“, а во 2011 со Влатко Илиевски. Од сите овие награди а авторски дела, не земав ниту еден денар парична награда, ниту па статуетка за спомен. Кога побарав еднаш писмена потврда од МРТ за моите награди, ниту тоа не го добив. Кога дојде 2013 година и кога за прв пат имаше парични награди, сите скокнаа. Зошто јас сум бил од наградените? Извини, па кој да биде? Како прв пат во животот да ми се случило да земам награда. Јас да не дојдов од Марс, па беше чудно што сум победил? Абе ајде. Мизерија. Суета.
Женски магазин- Поради сите тие озборувања во јавноста токму на наредниот фестивал Скопје 2014 година беше еден од осомничените за местење на фестивали и компјутерски криминал. Што стана со таа афера?
Јован- Можам да кажам дека целата акција беше една голема глупост, ништо повеќе. Без да навлезат детално во проблематиката. Имале дојава дека се правел компјутерски криминал, лажни гласови, хакери, фирми замешани. Дрн дрн јариња. Што да ти кажам? Лош холивудски филм. Малку ја преценија естрадата. Сите изведувачи најрегуларно си гласаа според правилникот на фестивалот. Од еден број еден глас и тврдам, дека нема пејач, кој не организирал гласање во кругот на своето семејство и пријатели, што е дозволено се разбира. Додуша јас на тој „Скопски фестивал“ ниту гласав, ниту бев дел од било што. Бев одамна заминат во Холивуд. Ама ете, доволно е една „надарена“ пејачка, да се пожали во МВР кај „началникот“ и тој брзо акција да направи. Нели, мора да се види дека МВР работат. Така да целата таа акција набрзо беше отфрлена како една смешна фарса. Поготово за мене, ниту ми се јави некој, ниту ме праша некој од надлежните органи. Јас бев заминат од Македонија повеќе од еден месец. Битно фино дојде моето име за порталите да си направат приказни. Всушност јас од нив дознав утре дента дека сум бил приведен. Ако некој треба да сноси одговорност за целата таа ситуација, тоа се баш тие што го донесоа законот, тие што ги поттурија огромните парични награди, пред нос на пејачите. Што ја изманипулираа и залажаа целата естрада, за после да ја апсат и да ја осомничат. Тоа би било исто, на гладен човек да му подметнеш јадење пред нос и да го чекаш зад аголот дали ќе посегне да го земе. А ако посегне да го уапсиш. Баш тие треба да одговараат и за уништување на фестивалите кои со години ги градевме. И тоа ги градевме без парични награди, ги градевме со добри песни без нивните стручни жирија да одлучуваат.
Значи, дозволено е и оправдано е, токму тие истите што ја направија акцијата, да организираат луѓе за гласање на избори за нив, да прават притисоци на државните службеници, да одат од врата на врата за да собираат повеќе гласачи. Се со цел да можат да располагаат со парите на граѓаните и да ја водат државата. Ама ако естрадата организира гласање, со другари или роднини за некој си музички фестивал, со цел да испратат една смс порака, следејќи го правилникот на фестивалот, тогаш тие се злосторничко здружување. Ма немој… Ама затоа се во животот се враќа како бумеранг. Веднаш по таа мизерна акција, бомбите на Заев им дојдоа како казна. Се виде кој какво здружување бил. Убаво си викаше експремиерот Груевски, „секој за што го бидува, секој за што учел“. Епа јас цел живот учев за музика и за тоа ме бидува, а за нив не знам.
Женски магазин- Како се справуваше со негативните коментари на луѓето, им одговараше ли на најлошите?
Јован- Луѓето веруваат во тоа што ќе го прочитаат. И нормално, некои од нив си прават забава и вицови, а некои пишуваат навреди, зошто мислат дека има неправда. Зависи од медиумите на кој начин ја пренесуваат веста. Ние како народ сме генерално завидливи и негативни. На пример, ако во Шведска некој освои награда, новинарите ќе напишат големи пофалби до тој композитор за победата, а во коментарите сите ќе честитаат. А кај нас ќе напишат како победи тој, кој му намести, кој му помогна и нормално коментарите ќе бидат негативни. Јас многу не налетував на лоши коментари зошто никој од моите Фејсбук другари не ми пишуваше навредливи коментари. А и плус бев во Холувуд тоа време, на моето најомилено место, плус секое слободно време го користев да одам во Беверли Хилс на кафе, па зарем од таму да се занимавам со малограѓанштина? Не зезај. : -)
Женски магазин- Што се случи со субвенциите за македонската музика и како го гледаш нивното укинување?
Јован- Мене ми е криво кога ги слушам сите невистини околу тоа. Како прво не се потрошени 2 милиони евра до сега, туку 800 илјади евра. 2016 и 2017 година се поништија а во 2014 и 2015 година не се исполни максималната квота на песни, па така не се ни потрошија предвидените пари.
Како второ, кога ќе напише некој, дека 3000 евра земал тој пејач, се прави многу погрешна слика кај пошироката јавност. Излегува дека пеачот си ги ставил во џеб тие 3000 евра и отишол на одмор. За избрана песна, нето се добива 2700 евра. Од таа сума според договор, мора изведувачот да уплати 1350 евра на видео продукција за изработка на видео спот и 1350 евра за изработка на песна. Видео продукција ќе плати ДДВ на таа цена, а останатите пари ќе ги подели на камерман, светло мајстор, монтажа, режија, шминка, техника, по некој манекенка и статист. Додека во делот на песната тие се делат на студио, музика, текст, аранжман како и некој дел за придружни вокали и музичари. Кога ќе видиш никој не се збогатил нешто посебно.
[caption id="attachment_15914" align="aligncenter" width="640"] Имале дојава дека се правел компјутерски криминал, лажни гласови, хакери, фирми замешани. Дрн дрн јариња. Што да ти кажам? Лош холивудски филм[/caption]
Како и да е, законот за поддршка на македонска музика, генерално беше аматерски направен без некое посебно истражување. Поголемиот дел од жири комисија во одлуката на песни се водеше според личен вкус, а не според професионалност. Затоа голем дел од песните немаа голем успех. Се направи квантитет, а не квалитет. Многу ќе беше подобро да се стимулираат продуцентски куќи, а тие да инвестираат таму кај што тие мислат дека треба. Еве јас ќе ја земам мојата продукција како пример. Јас кога потпишав договор со Слаткаристика во 2009 година во него вложив за почеток 10.000 евра, плус вложив мое време и креативност. Јас верував во неговиот квалитет и за многу кратко време тој стана број еден во Македонија. Според гледаност, според тоа за колку кратко време го наполни и Антички Театар и Метрополис Арена и Борис Трајковски Арена и сите домови на култури и спортски сали низ Македонија. Јас во 2007 година, придонесов голем дел во кариератa на Елвир Мекиќ, кој исто така имаше големи хитови во тоа време, два концерти во Универзална и огромен број на концерти низ Македонија.
Придонесов и за Некст Тајм и за Тони Зен и за Тајзи и ред други и сите мои изведувачи имаа хитови кој се слушаа насекаде. Полнеа сали и генерации растеа со нивните песни. А сите ние вкупно не потрошивме ни 5% од тоа што минатата влада што потроши за поддршка на македонска музика. Сакам да кажам дека јас како продуцентска куќа, да имав буџет само 5% од нивните предвидени 2 милиони евра за 4 години, ние ќе имавме неприкосновена естрада. Ама оди тоа објасни им го на нив. Не гледаат факти, секогаш мислеа дека се најпаметни и дека се знаат.
Женски магазин- Бидејќи субвенциите од 2016 и 2017 година се поништија, на крај барем излезе ли некоја песна хит од веќе субвенционирате песни од 2014 или 2015 година?
Јован- Има песни успешни, кои беа добиени, а најуспешните се преку моја продукција. За да не дојде до забуна, во категорија ѕвезди конкурираш само со документација а не со песна и ставаш работен наслов кој после можеш да го промениш. Бидејќи во светот за најслушана и најгледана песна се зема за репер Јутјуб, и јас ќе се водам по него. Најуспешна песна е „Kalle“ во изведба на Адријан Гаџа која е апсолутен хит кај албанската публика и има повеќе од 15 милиони прегледи. Втора е „Asnihere“ во изведба на Адриан Гаџа и Линдон и има повеќе од 10 Милиони прегледи. Трет е Тајзи со песната „Дома си е дома“ со повеќе од 2 милиони прегледи, после следува повторно Адријан со „Money“ и скоро 2 милиони прегледи. Би ги издвоил од моја продукција и песната на Симона Попоска - „Знам дека лажеш“, Александар Тарабунов - „Сакам-не сакам“, Сузана Спасовска со „Има една земја“. Од другите продукции би ги издвоил композициите „Еве ме пак“ во изведба на Александра Јанева со околу 900.000 прегледи како и „Рмбам ко црнец“ од Куку Лел е, „Ама јас те сакам тебе“ од Владо Јаневски со околу 500.000 прегледи. Апсолутен хит од моја продукција стана и песната на Слаткаристика – „Кажи Да“ која има повеќе од 1.500.000 илјади прегледи, а која за жал се најде токму во квартали што беа поништени.
И на крај, каков и да е законот не се виновни ниту авторите ниту изведувачите што работеа и конкурираа според тој закон. Никој нема право без оправдание незаконски да ги поништи кварталите од 2016 и 2017 година, без причина и да оштети стотици автори кој веќе изработиле песни, потрошиле време и вложиле финансии, за на крај по две години да им кажеш дека нема да земат пари. Тоа би било исто како некој да работи две години и да не добие плата за тоа. Не знам со кое право новата Влада, поготово министерството за култура или МТВ, на најдрзок начин, поништуваат нешто што е законско и изработено пред новата гарнитура да дојде на власт. Сите автори и изведувачи треба да поднесат тужба за оштета и ќе си ги добијат парите за тоа што го изработиле. А министерство за култура