На 27 октомври, со почеток во 20 часот, во ресторан МКЦ ќе се одржи промоција на книгата „Допир од далечина: Иан Кертис и Joy Division“ на Дебора Кертис, во издание на издавачката куќа „Полица“.
Книгата е интимен и длабок биографски портрет на прерано починатиот пејач на бендот „Joy Division“, Иан Кертис, напишан од неговата вдовица, Дебора Кертис. Иако бендот постоел многу кратко време, сепак оставил неизбришлива трага на светската музичка сцена: нивните влијанија се простираат од музиката на светските бендови, како што се „U2“, „Dead Can Dance“, „Depeche Mode“, „Radiohead“, „Nine Inch Nails“, „Editors“, „Interpol“, па сè до онаа на македонските групи „Мизар“ и „Анастасија“. Иан Кертис бил почитуван од неговите современици и зад себе оставил наследство што е плод на уметничка генијалност. Боно од „U2“, неговиот глас го опишал како „свет“ и идеализиран од неговите фанови. Тој бил хипнотички изведувач на сцената, но бил и интровертен и подложен на ненадејни промени во расположението. Иан Кертис си го одзел животот на 18 мај 1980 година. „Допир од далечина“ го опишува неговиот живот од најраниот период, па сè до неговата прерана смрт, непосредно пред самиот почеток на првата турнеја на „Joy Division“ низ Америка.
Во „Допир од далечина“, вдовицата на Иан Кертис, Дебора, ја доловува турбулентноста на неговиот живот и трагедијата настаната со неговата смрт. Во книгата се вклучени листата на концертни настапи на бендот и сите стихови напишани од Кертис, од кои голем дел првпат се објавени токму во оваа книга. Македонското издание ги вклучува и преводите на сите стихови на Кертис на македонски јазик. Исто така, според оваа книга, славниот холандски фотограф Антон Корбејн во 2007 година го сними биографскиот филм „Контрола“ (Control).
Книгата е преведена од Ненад Георгиевски и Милан Дамјаноски. Промотор на настанот ќе биде драмскиот режисер Срѓан Јаниќиевиќ. Во рамките на промоцијата ќе се прикаже и филмот на BBC Factory Records: Манчестер од Joy Division до Happy Mondays, а веднаш потоа, свој настап ќе има и еден македонски бенд Closer (Joy Division Tribute).