Секогаш своја

Добивај вести на Viber

Убава, интересна, најчесто своја. Својата кариера на ТВ екраните ја почна скоро како дете. И тогаш беше сигурна во себе. Во својот сон, во својата визија. Ги сака луѓето кои се дел од нејзината интима. За ни се грижи како вистинска лавица. Во тоа, најпривилегирана улога секогаш има нејзиниот Андрија. Со Миа Костова, уживавме во драгоценото кафе и прекрасниот разговор. Женски Магазин: Како изгледа денот на една динамична мајка со прекрасен син?  Миа: Баш динамично. Најчесто стануваме рано, појадува Андрија дома, „се носиме во градинка“, па јас на работа. Најчесто сум на работа до 18, па излегувам да го земам од градинка и се враќаме на работа. Знае да поседи со мене, додека не завршам. Екстра благодарна сум им на ХаирДо што секогаш имаат разбирање за тоа. Знае некогаш да седи и кај баба Дијана, која кај и да е ќе ја прогласиме за највистинска баба. Знаеме да прошетаме, да седнеме со пријатели, да одиме на ручек, па дома да се спремаме за нов ден. Женски Магазин: Како се справувате со предизвиците, да обезбедите безгрижно детство на својот син?  Миа: Мислам дека успевам во тоа и тоа како. Работам на сите страни. Редовно си работам во ХаирДо, како координатор на најдобриот тим фризери во Скопје, предводени од Адо Мурис Хамзиќ. Се што можам да сработам како водител, па до реклама на Фејсбук. И мислам дека успевам. Судејќи по неговото воспитување и однесување, мислам дека сум на добар пат. Никогаш ништо не му недостигало. Женски Магазин: Каква мајка е Миа? Строга, попустлива, се држите ли до некои свои правила или знаете да прогледате низ прсти?  Миа: Ќе признам дека сум строг родител, иако имам многу трпение за Андрија. Обично за сè зборуваме, ама и се караме. Си има правила на однесување, од кои не отстапувам. Никогаш немал тантруми, никогаш не легнувал на земја, никогаш не бил некултурен, ниту агресивен кон други деца. И точно е дека е до детето, ама јас тврдам дека и таму има многу моја работа. Јас сум неговиот најголем авторитет, но и неговата најголема утеха и самовила, што му ја исполнува секоја желба. Сака сирења и убави вина. Ја сака Ивана Кнез и визијата во која ја вклопува во нејзините модели. Сака поезија, убави настани, црвен кармин и љубов како животна инспирација. Женски Магазин: Ве иритира ли начинот на кој општеството знае да ги дискредитира самохраните мајки?  Миа: Мислам дека со тек на време, тоа се помалку е така. Во ова брзо време и овој хаос од бракови и врски, сметам дека и за едно дете е вистински благослов, да го чува самохрана мајка. Ако ништо друго, расте во мирна средина и не знае што е конфликт ниту караница. Оној кој дискредитира самохрана мајка е во најмала рака прост, а тука нема помош. Женски Магазин: Како Вага, дали се ставате на кантар? Дали понекогаш донесувате одлуки и без детално да ги измерите за и против фактите?  Миа: Иако сум вага, искрено многу ретко премерувам и многу ретко ми треба време за да донесам одлука. Секогаш размислувам со срце и со емоции, каде ме носат таму ми е одлуката, буквално за сѐ, не само за љубов. Секогаш правам онака како што сметам дека е правилно во моментот, без многу да размислувам на последици, што може е и неисправно ама мене не ми се покажало грешно. Едноставно си ги следам соништата. И не постои нешто што не можам. Женски Магазин: Која личност ја сметате за свој пример?  Миа: Искрено немам некој пример по кој се водам. Им се восхитувам на многу луѓе. Женски Магазин: Миа сака поезија. Сакате и да пишувате. Посакувате ли понекогаш да напишете песна?  Миа: Пишував кога бев помлада и кога имав време на претек. Сега повеќе уживам да ја прочитам Ана Бутевска или Ксенија Николова, и да си речам: ух како јас да сум го напишала. На телевизија ја запознавме покрај Мартин и Биби во 99. Растеше буклвално пред наши очи. Израсна во млада жена која точно знае што сака во животот. Оваа интересна Вага неодамна наполни 33 години. Женски Магазин: Би се вратиле ли на телевизија доколку добиете понуда повторно да работите со истата екипа на 99? Миа: Искрено, после долги години добро ми дојде оваа пауза од ТВ. Но, мислам дека би се вратила. Зошто да не? Женски Магазин: Кои се најинтересните мигови од периодот на Вашата бременост?  Миа: Ништо немаше интересно во 30 кила плус. Се шегувам. Имав бременост како по книга. И психички лесна благодарение на мојот Дракулевски, иако знаев дека ќе чувам бебе сама. Бев една огромна трудница која не се прибра дома 9 месеци. Често во 6ти месец знаеа да ми кажат ’ајде ситно броиш‘, а јас уште три месеци до термин. На крај се роди џинче од 4300 кг и 54 сантиметри. Женски Магазин: Кои се емоциите од првата средба со Андрија? Миа: Клише како и секоја мајка веројатно. Си поплакав и ми се виде многу убав. Веројатно само мене ми се видел убав. : -) Го гледав како марсовец и бев тотално избезумена. Никако не сфаќав дека тоа човече излезе од мене. И долго време не бев свесна дека сум мајка. Женски Магазин: Често сте мета на разни шпекулации. Ве иритира тоа или добро се забавувате? Миа: Искрено, како сум повозрасна, сѐ повеќе ме иритираат квази портали и текстови кои немаат врска со реалноста. Преземени слики од Фејсбук и глупави текстови до бескрај. Ама па научив дека ништо не трае повеќе од 24 часа. Мудро молчиш не демантирам и до утре те заборавиле. Женски Магазин: Секогаш гласно го пренесувате својот став. Сметате ли дека кај нас јавните личности се недоволно свесни за својата улога на општествена одговорност? Миа: Па, сметам дека сѐ повеќе јавните личности имаат свој став. Јас сум за тоа дека треба секој да го каже својот. Секогаш ќе има некој што не мисли како тебе. И тука нема ништо страшно. Растеше покрај мајка балерина, но никогаш не посака како останатите девојчиња да стане тоа кога ќе порасне. Сигурна во себе, секогаш се бори за својата правда. Женски Магазин: Миа е повторно заљубена. Како ја дефинирате љубовта? Миа: Миа е заљубена многу одамна. Љубов е разбирање, поддршка, бивање еден за друг тука во секоја ситуација, љубов е многу повеќе од само страст и сакање. Женски Магазин: Никогаш не посакавте да бидете балерина? Миа: Речиси никогаш. Немав идеја дека ќе завршам во театар ни кога учев.  На некој начин, исто како што имам завршено односи со јавност, но знам дека никогаш нема да работам во канцеларија и океан систем. Ме гуши таква монотонија и не можам да се носам со такво работно место.   Со Миа Костова, за Женски Магазин разговараше Вики Чадиковска