Александра Танеска е млада и талентирана дизајнерка на накит и модни додатоци. Нејзините парчиња се уникатни, рачно изработени, впечатливи и неповторливи. Нивната изработка бара време, па токму и затоа се многу ценети и со посебно значење низ целиот свет.
Женски Магазин: Како се роди идејата да се занимавате со рачна изработка на накит? Почнавте како хоби или?
Танеска: Со создавање на накит започнав пред 15 години. Имав голема желба за творење и креативно изразување. Започнав со изработка на ѓердани од дрво и пластични монистри. Првата колекција која се состоеше од околу 30 ѓердани, алки и обетки се продаде за многу брзо време. Тоа ми беше поттик за понатамошно творење.
На некој начин, се започна како хоби, но со тек на време, следеше и официјализирање на мојата работа. Создадов моја фирма, направив соработка со неколку поголеми компании за продажба на мојот накит. Со секоја нова колекција се надградував, усовршував, а паралелно ги осознавав и техниките за изработка на накит. По неколку години успешно работење, се ориентирав на кристал терапијата како комплексен систем. Тоа е наука за полу скапоцените камења и нивната примена во нашиот секојдневен живот. Нивната енергија, но и природната убавина на самите минерали.
Женски Магазин: Од каде наоѓате инспирација?
Танеска: Инспирацијата е насекаде околу мене, едноставно креативноста произлегува од смиреноста, природата. Материјалите при изработка се разновидни, основни се полудрагите камења, кристали, стакло, кожа, природни материјали -ткаенини. Полудрагите камења се увезуваат, но може да се најдат и кај нас во Скопје. Се останато е креативност и умешност. Ги изработувам во моето ателје кое е сместено во мојот дом.
Женски Магазин: Дали ги следите трендовите ? Што најчесто бараат македонските дами, дали ги следат трендовите, сакаат ли гламурозен накит или пак понежно и едноставно?
Танеска: Пазарот мора да се набљудува будно. Да, ги следам модните трендови, но претпочитам личен печат во изработката. Сакам да внимавам на сезонски колорити, модели, случувања. Македонските дами знаат што сакаат, имаат изграден стил. Можам да кажам дека постои поделеност на дами кои сакаат масивен накит, со оние кои преферираат поедноставни модели.
Женски Магазин: Вашите парчиња накит ги носат и познати лица од македонската естрада. Какви се нивните реакции на Вашиот накит?
Танеска: Накитот на Алекстра брендот ги краси некои познати естрадни личности од регионов- Оливер Драгојевиќ, Дорис Драговиќ, Северина, Лепа Брена, Жељко Јоксимовиќ, Жељко Самарџиќ и др. Накитот беше изработен според нивниот хороскопски знак. Сите беа импресионирани, особено од уникатноста.
На пример Дорис Драговиќ како познавач на кристал терапијата беше многу изненадена од совпаѓањето на минералите со нејзините лични убедувања, Лепа Брена беше воодушевен,а дури изрази желба за соработка. Оливер Драгојевиќ веднаш си ја стави бројаницата...
Мојот накит освен во Македонија, онлајн се продава продажба во светот. Најдалечни дестинација каде отпатувало парче накит „Алекстра“ се: Африка, Канада, Норвешка, вели Александра.