Утринско кафе со Ида Протуѓер: Ме инспирираат Божиќните селца низ Виена

Добивај вести на Viber

Веќе шест месеци првото утринско кафе го пијам во трамвај, патувајќи накај школото каде учам германски јазик. Имам посебна чаша за пиење кафе по пат и воедно, тоа ми е време за муабет по телефон со другарките:) Кога ќе станам му правам појадок на синот, го облекувам, па му го спремам ранчето со цеден сок и ланч-бокс за во градинка, па му правам друштво додека појадува, се спремам за школо и едноставно време за првото кафе останува за во трамвај:)

Желбата за нови знаења и искуства постојано ме мотивира и секој ден ми е динамичен. Се радувам кога учам нешто ново, а ме мотивира и желбата за адаптација во новата средина. Најголема мотивација на стартот на денот секако е син ми, кој кога ќе стане, веднаш прави план што ќе правиме после градинка.

Дневните планови ми се главно врзани со учење германски и време со синот. Во школо сум три часа, па потоа дома ги завршувам домашните обврски и одам по синот во градинка. Два до три пати неделно, после школо времето ми е резервирано за кафе со пријателки. Кога се селевме, мислев дека ќе ми биде многу тешко во социјалната адаптација и ќе бидам осамена, а всушност ми недостасува време за да се видам и дружам со многуте пријатели што ги стекнав овде. Кога е потопло, не се прибираме дома до вечер, а сега кога е ладно, одиме на час, час и половина до паркот во близина каде сега има Божиќен панаѓур што е како мало селце со куќички и има многу деца, мини лунапарк, украсена елка и забава. Такви божиќни селца има низ цела Виена, па често одиме и на друго место, најчесто кога сме договорени со друштво. Потоа заедно одиме во продавница да купиме она што ни е потребно дома. Денеска ќе купуваме повеќе бидејќи утре е Св. Климент, на нашиот син именден, па ќе ни дојдат гости.

Приквечер кога сопругот доаѓа од работа, поминуваме време заедно во играње, вечераме, па потоа го носиме Климент на спиење. После тоа, гледаме заедно најчесто некоја серија или дебатните емисии на македонските телевизии. Имаме сателитски програм и редовно следиме што се случува во Македонија. Понекогаш ангажираме дадилка, која е една многу мила Македонка, па можеме да излеземе сами. 

 Многу сакам да читам книги и да гледам филмови, секое слободно време го користам за тоа:) Сега читам еден мал крими роман на германски за да го вежбам јазикот:)