Утринско кафе со Елена Петреска: Благодарна сум за сѐ што имам

Денот ми започнува со будење од децата, најчесто со реченицата: „Мама, сакам сокче".  И така сите заедно ги започнуваме утринските ритуали. Кафе не пијам, денот најчесто го започнувам со чај и со смути заедно со Михаел, Софиа и со сопругот Андреј. Во секој дел од денот сум свесна и благодарна за сѐ што имам. 

Првата мотивација наутро е молитвата и заблагодарувањето на Бог за секој прекрасен ден, и што сите околу мене се здрави и живи. Поголема мотивација од љубовта и благодарноста нема. Тие се мојот двигател, а мојата фамилија е темелот. 

Секој ден ми е максимално исполнет и организиран според работните обврски во МОБ, и според студиите на Џез академијата. Утрото и попладнето е секогаш резервирано за моите деца, на нив се трудам максимално да им се посветам, затоа и настапите ми се поредуцирани во овој период. Кога имам настап одам на фризер, шминкер и кај мојата модна креаторка Викторија Андоновска за да се подготвам. Распоредот не е едноставен, особено кога имате две деца. Но, за среќа го работам тоа што го сакам па од таму црпам позитивна енергија.

Денот секогаш ми завршува различно, почесто дома со сопругот и со читање приказни за добра ноќ, но и работно доколку имам претстава или настап. 

Филмовите ми се луксуз во овој период, најмногу заради обврските со децата. Но, откако сите ќе заспијат, крадам време да читам книги, најчесто читам на телефон, во ПДФ формат.