226 ДЕНА НЕ СУМ ПРОБАЛ АЛКОХОЛ: Игор Џамбазов искрен на концертот во Ѓорче
Со најголемите блуз и рок хитови , Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, вечерва одржаа концерт, на манифестацијата „Звуците на културата“ во реонскиот парк во Ѓорче Петров.
Искрен и спонтан каков што го знаеме, Џамбазов ги насмеа ѓорчевци. „Денеска е 19 септември, а за мене овој датум значи дека 226 дена не сум пробал алкохол“, откри актерот и шоумен. По аплаузот од публиката, тој додаде: „Што аплаудирате? 226 дена сум само на вода. Не е за аплауз. Многу е досадно. Не мислам ни на жени, ни на комар“.
Овој блуз е посветен на сите девојки кои сакаат да им бидам дечко, а јас можам да им бидам татко
Маалскиот амбиент во паркот, за Џамбазов беше идеален за блуз. Така меѓу омилените „Труба“, „Каква е оваа ситуација“, „Шток ми бејби“ и фанки ремиксот на “Време за плачење“, ја слушнавме и „Жена ми не сака блуз“, која Џамбаз ја пееше „Бившата жена не сака блуз“. Интерена приказна раскажа и пред да ја испее „Право дома“.
„Овој блуз е посветен на сите девојки кои сакаат да им бидам дечко, а јас можам да им бидам татко. А во Шутка, можам и дедо“, се насмеа Џамбазов.
На тоа што паркот не беше преполн, тој во свој стил коментираше: „ Ех, не ли ги знаете ѓорчевци? Седат во некое дворче, два пара. Жените се спремаат за да тргнат на мојов концерт, а мажите гледаат утакмица. Жените таман готови им велат на мажите: Ајде, нели ќе одевме на концерт? А тие: Одете вие, ние ќе дојдеме. И никогаш не се појавуваат.“
Манифестацијата „Звуците на културата“ понуди баскер-шоу за најмладите
Актерот ја пофали манифестацијата „Звуците на културата“ која ја отвори градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, а ќе трае до недела со разновидни содржини. „Денеска малку луѓе, втората година повеќе, третата најмногу, а четвртата се знае, Цеца и Аца Лукас“, низ насмевка рече Игор. Пред „Диши длабоко“ порача да не гледаме вести, да шетаме на кеј, да се дружиме на кафе и да дишеме длабоко.
Вечерва (четврток) на истото место концерт ќе одржи Кристина Арнаудова од 21.30 часот и Миле Кузмановски од 23 часот. Бени Шаќири и Куку леле се во петок, Тони Зен во сабота, а ПМГ Колектив во недела.
М.Џаровска