3.000 денари за еден час прошетка со брод низ Охридското езеро, градот и плажите се преполни и со покачени цени

Охрид е преполн со туристи секој викенд но и во работните денови, најмногу домашни, но има и доста посетители од Србија како и годините назазад.

Најпосетена е плажата Градиште, главно од млади луѓе, кои едвај се разминуваат на мостовите кои водат од првата кон втората и третата плажа.

Она на што туристите, но и мештаните гласно се жалат се поскапите цени годинава, во однос на минатата година. На пример, ако прошетката со брод до Свети Наум години наназад чинеше 10 евра по лице, сега е покачена на 15 евра. За време на пандемијата, во 2020 година, се наоѓаше и купон со попуст за 300 денари.

Бродовите кои нудат пократки тури, возење по езерото еден час, наплатуваат 3.000 денари од час. Таквата тура не  е исплатлива за семејства, па повеќе ја користат поголеми друштва за да ги поделат трошоците, или пак туристите од странство кои можат да си ја дозволат оваа сума.

Цените на кафињата на плажите и во центарот на Охрид се покачени. Макијато чини околу 100 денари, капучино 120, Нес кафето е 140-150 денари, пивата околу 150 денари, во зависност од плажата и нејзината популарност.

Лежалките се 200 до 250 денари, и тоа без чадор, на дел од плажите една лежалка чини 250 денари, а чадорот се наплатува плус 50. Има и плажи кои даваат пакет од две лежалки за 300 денари. Има и доста луѓе кои носат свои реквизити на плажа и пијалоци купени од маркетите.

Во неделите, плажите се полни од мештаните кои ги користат како излетнично место, и потешко е да се најде место под природните сенки.

И познатата охридска рибна чорба е поскапа, и се движи од 250 денари па нагоре во популарните ресторани, а претходно чинеше 150-200 денари.  


(М.Џ.)