Дарко Лешоски: Кога се вљубив во тебе престанав да им завидувам на гугутките

Добивај вести на Viber

Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.

„Kilig“– именка, потекло: Tагалог јазик

Килиг е некое многу возбудливо или романтично искуство. 

Може да означува и придавка за лице која чувствува возбуда после средба со симпатијата или саканата личност.

Кога се вљубив во тебе - Тихомир Јанчовски

Кога се вљубив во тебе

почнав да внимавам

да не помине некој

преблиску до мене

мислев

ќе ми нагази на крилата

Кога се вљубив во тебе

навечер душата ми се креваше

и шесташе по улиците

саноќ се веселеше

а наутро пак се прибираше во телото

Кога се вљубив во тебе

ја насетив вечноста

и засакав сè што живее

сè што постои

сè што дише

сè видливо и

сè невидливо

Кога се вљубив во тебе

престанав да им завидувам

на гугутките

што доаѓаат да јадат на мојот прозорец

и посакав

(како и секој среќен човек)

да застане времето

Кога се вљубив

толку те возљубив

што секоја мисла

ми тежи кон бескрајот

Само оној кој бил вака вљубен

знае што е прекрасно.