А1 Македонија со демант: „Get in the ring Skopje 2020“ нема да се одржи
Натпреварот за претприемништво „Get in the ring Skopje 2020“ нема да се одржи. Ова станува јасно од информацијата која А1 Македонија ја проследи до медиумите како демант на тврдењата од страна на организаторот на настанот, Студентски парламент на ФИНКИ .
Од А1 Македонија потенцираат дека информацијата на организаторите е погрешна и некоординирана со нив.
„Би сакале да ве известиме дека А1 Македонија активно ги следи сите случувања поврзани со COVID – 19 вирусот во земјата и во регионот и следствено на тоа, минатиот месец ги одложи сите предвидени настани, меѓу кои и натпреварот за претприемништво „Get in the ring Skopje 2020“, кој требаше да се одржи во просториите на компанијата. Објавената информација од страна на организаторот на настанот, Студентски парламент на ФИНКИ е грешна и некоординирана со А1 Македонија.
Уште еднаш потенцираме дека А1 Македонија одговорно ги следи препораките на СЗО и Министерството за здравство и ги презема сите мерки за заштита на вработените и корисниците и ќе продолжи да реагира согласно ситуацијата и препораките. За сите активности и настани на компанијата ќе бидете уредно и навремено известени“, стои во реакцијата на А1 Македонија.