Ако успеав да направам барем еден од вас да заборави на сите проблеми, тогаш мојата мисија е успешна: Настапот на Марија Шерифовиќ во Скопје уште долго ќе се прераскажува (ФОТО)

Добивај вести на Viber

По четири години пауза, скопјани конечно уживаа во нејзината музика...

Марија Шерифовиќ по големиот солистички концерт во 2018 година, во А1 арена, конечно ги забавуваше скопјани. Иако во меѓувреме имаше настапено во неколку градови низ Македонија, Скопје конечно дојде на листата, а доколку се земат предвид среќните лица на присутните, чекањето вредеше. 

Имено, евровизиската победничка настапи во еден клуб, кој беше претесен да ги собере сите нејзини обожаватели, а таа како вистински војник точно на време го започна својот настап. Двочасовниот концерт го отвори со хитот „Паметна и луда“, а откако го испеа и по констатацијата дека женската публика е повеќебројна, почна да ги изведува нејзините најпознати балади - „Бол до лудила“, „У недељу“, „Ја волим свој грех“...

Атмосферата доживеа кулминација кога почна да пее дел од песните кои ги изведуваше на концертите „Друга страна плоче“, а со „Волим осмех твој“ од нашиот Тоше ги крена на нозе и мажите, за кои пејачката на шега кажа дека биле присилно донесени на настапот.

„Ако барем на еден од вас му го поправив денот и направив да избега од реалноста и да заборави на сите проблеми кои го чекаат надвор од овие врати, тогаш мојата мисија е успешна“ - искрено ѝ се обрати Шерифовиќ на публиката.

„Једанаесет“ и „Није љубав то“ ги остави за крај, како јаготка на шлаг, заедно со ветувањето дека следниот концерт во Скопје ќе го одржи за околу 2 години, откако ќе го издаде новиот албум.

И покрај инсистирањето на публиката да испее барем уште една песна, со војнички поздрав и длабок поклон се поздрави со присутните и се симна од сцената. 

Набрзо по завршувањето на концертот се огласи преку стори на Инстаграм: „Скопје, бевте лудило“ и им се заблагодари уште еднаш на сите кои беа присутни вчеравечер.

И. Мисајловска