Александар Русјаков: „Хотел меѓу две војни“ е роман за љубовта на Елени и Ататурк што никогаш не се случила

Добивај вести на Viber

Во присуство на многубројна публика од културната и книжевната сцена, вчеравечер (6 април) во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје се одржа свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2021 година и промоција на победничкиот роман – „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков. На доделувањето на наградата, покрај победникот Русјаков, се обратија и членовите на жирито: проф. д-р Владимир Мартиновски, Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска, како и уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска.

По примањето на плакетата, авторот Александар Русјаков истакна дека му претставува голема чест што ја добива наградата за најдобар необјавен роман – „Пегаз“.
– Чувствувам трема, бидејќи не добивам често награди, но и бидејќи ова ми е прва класична промоција на моја книга. Сакам да им се заблагодарам на издавачката куќа „Арс Ламина“, на Фондацијата „Славко Јаневски“ и на жирито, што ми ја доделија оваа награда. Сакам да ѝ се заблагодарам и на Оливера Ќорвезироска, која беше прекрасен уредник на книгата. Имавме исклучително добра соработка што никогаш нема да ја заборавам. Јас живеам за да пишувам, друго не знам да правам, а пишувам само заради вас, публиката. Затоа, најмногу сакам да ви се заблагодарам вам. Не сакам многу да зборувам за себе, ниту, пак, за своите дела – најдобро е тие да зборуваат за себе. Ќе кажам само два интересни момента: Отсекогаш сум сакал да раскажам приказна што ќе биде „мојата“ Ромео и Јулија, затоа што сметам дека забранетата љубов е најздодевната приказна на светот за раскажување. Од друга страна, сфатив дека Македонија ја има легендата за Елени Каринте и Кемал Ататурк. Истражувајќи, сфатив дека таа љубов не се случила – затоа и поднасловот на книгата вели – Роман за љубовта што никогаш не се случила. Решив да ги вкомпонирам тие две работи, па љубовта што не се случила да ја измислам и да ја направам да биде совршено интересна за читателите. Се надевам дека ќе ја прочитате приказната – рече Русјаков.

„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања во биографските факти и во многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.
Уредничката Оливера Ќорвезироска во својот промотивен осврт кон книгата истакна:
– Смелоста што ја поседува овој роман како раскажување, не престојува во борделите, во квир љубовните врски на Мустафа со Љатифе и Фикрие, ниту, пак, истекува од преполните чаши коњак на Ататурк и неговиот алкохолизам. Смелоста на романот почнува и завршува со ликот Никифор Гермијан, кој, всушност, е „вистинскиот“ автор на романот на Русјаков. (Пре)младиот вљубеник во подостарената убавица Каринте е надоместок за нејзиното страдање што Русјаков прозно го обмислил и го остварил/испишал до најмал детаљ. Никифор Гермијан е лик – Остварувач. Остварувач на љубовта, на пропуштеното, на разминатото, на шашливото, на недореченото, на крајот од краиштата – на забранетото. Тој е занимлив, мистифициран лик-автор според урнекот на добрата раскажувачка традиција на ваков тип историографски метафикции. Тој првин ја живее недољубената љубов на Елени, а потоа и ја пишува. Наместо Русјаков. Заедно со Русјаков.

За победникот одлучи жирито во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), Фросина Пармаковска (писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).
Мартиновски го претстави образложението на жирито за одлуката „Хотел меѓу две војни“ да ја добие наградата „Пегаз“ за 2021 година:
– Престојувајќи во бизарен хотел што асоцира на задгробниот свет, но во соба со поглед на Битола, Мустафа Кемал Ататурк понира во фантазмагоричниот свет на спомените и соништата, во кој на еден непредвидлив начин се мешаат сликите од минатото и од интимната историја на протагонистите. Приказната за Мустафа и Елени е раскажана оригинално, преку калеидоскоп од сугестивни сцени, впечатливи прозни пасажи и вешто водени дијалози. Овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот, која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит, свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел помеѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги. Меѓу другото, ова е и роман што нуди уникатно ѕирнување во комплексниот свет на една од најинтересните историски личности, секако низ безграничните можности на фикцијата и авторовата имагинација. Заради наведените книжевни и текстуални карактеристики на овој ракопис, што ги посочивме како негови доблести што го издвоија од другите конкуренти, донесовме едногласна одлука „Хотел меѓу две војни“ да ја понесе наградата „Пегаз“ за 2021 година. На сите автори што се пријавија на конкурсот им се заблагодаруваме за нивното учество, а на победникот му ја честитаме првата награда.

На конкурсот за „Пегаз“ за 2021 година се пријавија и учествуваа 44 ракописи. Фросина Пармаковска пред присутните на промоцијата го објасни процесот на жирирањето:
– Одреден дел од ракописите не ги задоволија критериумите на книжевниот жанр роман. Меѓу нив имаше збирки раскази и поезија, новели и новелети, конфесионален и документаристички некнижевен текст и кратки прозни текстови за деца и млади. Генералниот впечаток од сите разгледани ракописи е дека доминираше реалистичното писмо и жанрот трилер. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година ги разгледавме и ракописите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, кои се издвоија од мноштвото по своите книжевни вредности – оригиналната нарација, структурните и стилски квалитети.

Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се: „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук во 2019 година и „Лазарка“ од Љупчо Петрески и „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски во 2020 година. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, која е дел од „Пегаз“ од основањето во 2019 година, истакна:
– Наградата „Пегаз“ е млада книжевна награда, што ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Угледувајќи се на најважната книжевна награда во Македонија со долгогодишна традиција, наградата „Роман на годината“, што Фондацијата „Славко Јаневски“ од 2017 година продолжи да ја доделува по згаснувањето на дневниот весник „Утрински весник“ – инаку нејзин создавач уште од основањето на весникот – „Арс Ламина“ препозна можност за своевидно продолжување на веќе етаблираната награда „Роман на годината“, за што доби поддршка од Фондацијата. Улогата на „Пегаз“ е да биде книжевен скаут во потрага по квалитетно прозно писмо, по вредни текстови што не можеле да дојдат до израз, по скриени ракописи што дремат во долапите и да посредува во нивното канализирање до читателите, до критиката и до историографијата на македонската книжевна продукција. „Пегаз“ работи на својот имиџ на новопојавен кантар на книжевни вредности, а за досегашниот сериозен впечаток во јавноста, меѓу другото сакаме да ѝ се заблагодариме на Фондацијата „Славко Јаневски“ за нејзината професионална поддршка... Го користам овој свечен собир да го најавам новиот конкурс за наградата „Пегаз“ за 2022 година, што ќе биде објавен наскоро – рече Бендевска.

Романот „Хотел меѓу две војни“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, наскоро ќе биде достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk

ПР-објава