Амернис Нокшиќи: Секој викенд деца без родители ручаа во нашиот дом

Добивај вести на Viber

За мене е нормална грижата за оние кои ја немаат таа среќа да имаат дом, ни изјави познатата актерка

Посвојувањето е благородна мисија, порача денес Амернис Нокшиќи која активно се вклучи во кампањата „На секое дете му треба семејство“ која ја стартуваше Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ. Целта е граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа, а познатата актерка нагласи дека нема ништо поболно од тоа да живееш без семејство.  

- Сметам дека оваа кампања е многу благородна, многу позитивна. Очекувам луѓето малку да се освестат и да сфатат дека сите имаме љубов за давање. Сметам дека луѓето кои посвојуваат деца ги збогатуваат своите животи, а со тоа внесуваат среќа, радост и сигурност во животот на невиното дете – ни изјави Нокшиќи.

Таа за „Женски Магазин“ појаснува дека посвојувањето е исклучителна одговорност, како што вели, можеби поголема од онаа да се има свое дете.

- Одлуката за посвојување е интимна и мора да биде донесена со голема и неотповиклива согласност на лицето или лицата кои се одлучуваат на тој чекор – вели таа.

Амернис ни откри дека е растена и воспитувана во духот на вистинските вредности.

- Кога бев мала живеевме во бараката карши Албанскиот театар. Заедно со мајка ми, секоја недела одевме во Домот за деца без родители „11 Октомври“ и се враќавме со едно од тие деца кои потоа остануваа кај нас на ручек и викенд. Оттука, за мене е нормална грижата за оние кои ја немаат таа среќа да имаат дом – ни раскажа Нокшиќи.

Ѓорге Стојанов