Ана Јовановиќ: Новак и Јелена Ѓоковиќ веруваат и вложуваат во иднината преку образование и еднаква шанса за секое дете

Добивај вести на Viber

Ана Јовановиќ е српска професионална тенисерка. Во својата кариера, таа освои седум ITF турнири во сингл. ФЕД Репрезентативка и автор на програмата “На патот на Шампионот“. 

Ана се води од старата поговорка дека се учи додека си жив. По успешната кариера како професионална тенисерка, почнала да студира медиуми, комуникации и односи со јавноста. Со оглед на тоа што нејзината главна страст сè уште лежи во областа на спортот, нејзината новооткриена заложба доби форма на спортска психологија.

Ова ја инспирираше да создаде уникатна програма во Фондацијата на светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена. Оваа фондација е лично оформена од тениската легенда и до сега имаат помогнато на безброј деца на кои им е потребна помош. Вложуваат несебично во различни проекти и сето тоа резултира со огромен успех.

„На патот на шампионот“ на Јовановиќ која има за цел да ги поддржи родителите на идните спортисти. Програмата произлегува од нејзината искрена желба да им помогне на другите да ги избегнат вообичаените стапици што се случуваат на овој сè само не лесен пат.

Минатата недела, во Скопје се одржа Јавната панел дискусија – токму дел од програмата „На патот на шампионот“. Настанот предизвика голем интерес, а ракометарот Кирил Лазаров, проф. д-р Сашко Кедев и Пулексенија Јованоска пред полната сала споделија свои искуства за тоа како кај децата да се зачува мотивацијата за спортување и да се поддржат на најдобар начин.

Ние имавме можност да поразговараме со двигателот- авторката на програмата, и еве што ни одговори Јовановиќ:

ЖМ: Дали постои универзална формула за успех во спортот?

- Во разговор со некои од нашите најголеми спортски шампиони, тренери и експерти, многу често слушаме дека не постои една универзална формула за успех. Напротив, успехот е резултат на многубројни фактори кои претставуваат уникатен, единствен спој.

Секако, важен дел од секоја успешна кариера е големата љубов кон спортот со кој ќе одберете да се бавите, која овозможува посветеност, голем број часови на усовршување и откажување, често на целото семејство, не само на поединецот.

ЖМ: Како да се мотивираат младите спортисти? Живееме во опкружување во кое условите се тешки за работа, но еве на пример еден Новак Ѓоковиќ, тениската легенда, докажа дека ако се сака, сѐ се може?

- Во мотивацијата и поттикот, голема улога имаат родителите, кои се повеќе од било кога до сега одговорни за вистинскиот избор на тренер и спорт. Истражувањата имаат покажано дека првиот тренер ја има најважната улога во развивањето на љубовта кон спортот и понатамошниот развој.

Денешните деца и родители имаат поголем предизвик да останат во спортот, како резултат на дигиталното доба кое претставува дистракција, но исто така имаат и големи примери и мотивација, во облик на нашите најдобри спортисти кои се доказ дека соништата се остваруваат.

ЖМ: На што најмногу е фокусирана Фондацијата на Новак Ѓоковиќ и кои се досегашните резултати на кои сте особено горди?

- “Новак Ѓоковиќ Фондација“ делува во сферата на раниот развој и образование на децата од предучилишна возраст, како и сите фактори кои го опкружуваат детето во раниот развој, пред сѐ родителите, како и воспитувачите и тренерите.

Исклучително сме горди на фактот дека реконструиравме и опремивме 58 предучилишни објекти, а нашите програми за обука и поддршка опфатија преку 10.000 родители и професионалци кои работат со деца. Нашите основачи, Новак и Јелена Ѓоковиќ веруваат и вложуваат во иднината на нашата земја преку образование и еднаква шанса за секое дете.

ЖМ:  Која и каква е улогата на родителите? Што треба тие да направат за да ги мотивираат од мали нозе?

- Родителите, пред сѐ, треба да ги поддржат своите деца во бавењето со спорт, да им овозможат избор и да веруваат во нив, без разлика на резултатите кои ги постигнуваат на најмала возраст. На спортот треба да гледаат како на најздрав начин на растење и развивање на нивните деца – и физички, но и ментално и општествено. Притоа, треба да се свесни дека мал процент од децата ќе реализираат професионална спортска кариера и во оваа насока, да се обидат да ја избегнат замката поради спортот да го запостават образованието на децата.

ЖМ:  Како работите? Кој ви е пристапот? Ја охрабрувате и инклузивноста, осигурувајќи се дека во рамките на ранливите заедници најмаргинализираните не се заборавени, туку добредојдени и вклучени во активности и акции...

- Селекцијата на објектите кои ги реконструираме и локациите каде што ги спроведуваме програмите поминуваат низ уникатен процес на проценка кој го реализира нашиот тим од стручни лица. Примарен фокус се става на тоа да бидат опфатени деца, а се земаат предвид потребите за достапност и предизвиците во средината.

Се обидуваме да ги идентификуваме и мапираме местата каде што е потребна помош, а на нашата адреса секојдневно пристигаат десетици барања и предлози за соработка.

ЖМ:  Колку Новак е инволвиран во целата оваа работа? Се појавува ли на ваквите настани да даде поттик и секако, поддршка во секоја смисла? Што Новак вели за младите спортисти, каков совет им дава?

- Имаме огромна среќа што Новак е многу посветен и вложен во работата на фондацијата,во сите наши активности и особено, во програмата посветена на родителите во спортот „На патот на шампионот“ поради неговото лично искуство, семејната посветеност и улогата на неговите родители во подемот на неговата кариера.

ЖМ:  Да им се овозможи на децата од обесправените заедници да играат, да се развиваат и да растат во стимулативна, креативна и безбедна средина, додека учат да ги почитуваат другите и да се грижат за нивната околина е вистинска позитивна мисија и помош. Колку до сега успеавте во тоа?

- Секогаш постои простор за напредок и секогаш имаме цел да напредуваме од година во година, но истовремено сме исклучително задоволни со постигнатите резултати. Кога ќе ги видиме децата, родителите и семејствата на кои сме им го промениле животот со пристап до образование, како и со поддршка во вид на едукации и советувања, добиваме “ветер во грб“ дека сме на вистинскиот пат и дека промената е возможна, колку и некогаш да ни изгледала бавна и мала. Денес, сведоци сме на преку 50.000 среќни деца врз чии животи сме влијаеле. Чекориме самоуверено кон нашата стратешка цел – до 2030 година секое дете во Србија да има место во градинка.

ЖМ:  Кои се вашите идни планови воопшто и кои планови се поврзани со Македонија?

- По извонредната панел-дискусија и прекрасните впечатоци кои ги носиме од Македонија, веруваме дека ова е само почеток на една убава соработка и дружење со некои од најдобрите локални и светски спортисти и експерти во Македонија.

Се радуваме што постои препознавање и потреба за оваа програма во регионот, па така наша следна станица е Порторож, каде во соработка со Тенис Словенија, во март ќе одржиме панел дискусија во рамки на конференцијата “Sports&Bussines“.

Небојша Толески